Рецензија: „ШОКАНТНО: Уште еден скандал ја тресе јавноста, но сите молчат?!“.

22-09876-09800-crop-resize

 

Неиздржано, непоткрепено, нерагументирано, со целосно отсуство на извори, сензационалистичко и, конечно, крајно шепкулативно дело, кое свое место тешко дека би нашло и во таблоидите од најнизок ранг.

2Линк до оригиналниот напис: „ШОКАНТНО: Уште еден скандал ја тресе јавноста, но сите молчат?!“.

Датум и време на објавување: 02.11.2014

Датум на рецензирање: 10.11.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

БАБА ВАНЃА НЕ БИ МОЖЕЛА ДА ГО „ТРЕФНЕ“ ФУНКЦИОНЕРОТ

Најчеста дефиниција за таблоид е „весник што се концентрира повеќе на сензационалистички „обоени“ информации, проследен со мноштво илустрации“. Откако ќе се спореди ова објаснување со материјалот што го разгледуваме, се поставува прашање дали во овој случај имаме пример за вест која ги исполнува условите да влезе во еден таблоид. Попрецизно, во ваквиот тип новинарски производи спаѓаат, како што и вели дефиницијата, шаренолики, спектакуларни информации со многу „фотки“. Е сега, ајде да видиме што држиме в рака! Имаме ли информација? Би рекол не, зашто формулацијата „висок владин функционер“ ја задоловлуваат барем неколку десетици лица, а за фразата „плавуша која имала 23 години“ (ги нема годините на функционерот, ама на девојката да, што веднаш имплицира на некаков си однос меѓу значително постар маж и значително млада жена) пак и да не зборувам колку жени би влегле во таа категорија. Значи, нам, односно на јавноста ѝ е нафрлен мамец, што е в ред, бидејќи тоа, меѓу другото, е таблоидниот пристап, но потоа се гледа дека, всушност, нема какво било „месо“ на јадицата. Разбирливо е, под услов да е вистинита случка, што е невозможно да се потврди од содржината на текстот, дека ваквите написи се многу деликатни и при нивното составување треба умешност сѐ да се рече, ама тоа да не се напише – на јавноста да ѝ се понудат толку елементи што таа самата, со малку мислење, ќе утврди за кого станува збор во овој т.н. скандал. Вака, како што е срочен текстот, треба да сте видовит за да погодите кој е вплеткан во љубовниот триаголник. И затоа велам дека нема информација, туку чиста шпекулација која на читателите им остава преголем, преголем простор за нагаѓање кој, со кого, зошто. Можело барем да се допрецизира во делот на ангажманот на функционерот: министер, заменик, секретар, од сферата на економијата, политиката, полицијата, од која партија доаѓа, итн. Па натаму, малку детали за неговиот физички изглед: слаб, полн, висок, низок, симпатичен, арогантен, со мустаќи, со брада и други атрибути. Ќе повторам, баба Ванѓа би имала мака да го „трефне“ функционерот и да ја разјасни работата. Затоа велам дека треба да се разграничи меѓу „жолта“, непотврдена информација и апсолутна шпекулација.

 

„ЛАГИ, УЦЕНА, СЕКСИ ЌОШЕ И РАЗОЧАРАНА СОПРУГА“

Секако, ова се должи на целосно немање какви било извори. Ајде барем да имаше „зачинета“ фотографија, дури и злоупотребена, па некако да поверувавме, ама вака, навистина нема во што да се верува бидејќи повеќе наликува на холивудска фикција, најверојатно оттаму е и позајмена „фотката“, со класичен заплет: „буџован, плавуша, СПА-центар, секси ќоше, уцена, разочарана сопруга“, отколку на текст кој има барем трошка новинарски кредибилитет. На тој што се „потрудил“ околу написов, ама, за жал, не го потпишал, барем според стилот, изгледа дека повеќе му лежат „пладневни љубовни романчиња“ отколку некој од класичните журналистички жанрови. Можеби иднината треба да си ја бара во првите. Врвот на подигрувањето со читателите е насловот „ШОКАНТНО: Уште еден скандал ја тресе јавноста, но сите молчат“?! – Молам, па јас сум дел од таа јавност и не можам од понудената содржина да разберам кој е инволвиран во тој скандал. Значи, како тоа ми се префрла дека молчам за нешто, кога не знам – не ми се кажува што е тоа. Сензационалистички е блага квалификација за насловот. Посоодветно би било да се каже дека е промашен.

Конечно, лошо, полошо, најлошо.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција