Рецензија: Боливудско бизнис-шоу без хепиенд

bolivud-09876-098-crop-resize

Ненаметливо, но аргументирано, сеопфатно, а сепак читливо и непретенциозно четиво, тоа накусо би бил описот на текстот кој е предмет на рецензијата, а обработува прилично „експлозивна“ дневно политичка тема – за нималку холивудскиот крај на приказната наречена „инвестицискиот рај на Субрата Рој во Македонија“. Повеќе соговорници, практика што полека одумира во написите што се занимаваат со контроверзи и со политички чувствителни теми во домашните медиуми, е нешто што веднаш паѓа в очи, кога се чита овој текст. Дадени се и рамноправно истретирани изјавите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, отсуствуваат елементи на пристрасност и на коментирање, со што читателската публика е потсетена на тоа како, всушност, треба да звучи и изгледа една професионално сработено новинарско информативно четиво.

Можеби најголем плус, за овој по сите новинарски стандарди сработен текст, треба да добие што оди чекор понапред од останатите медиуми, кои истиот ден ја обработуваат истава тема, па дава конкретни одговори на оние прашања што македонскиот граѓанин, всушност, и најмногу го интересираат, освен наплатената гаранција од три милиони евра, а тоа е: каква е штетата од нереализираниот проект „Џумајлија“, што ќе биде со спорното земјиште од комплексот во Љубаништа и кои се резултатите од археолошките ископувања на теренот, кој требаше да им биде подарен на Субрата Рој и на „Сахара груп“ за изградба на хотелски комплекс.

Овој напис сликовито покажува како изгледа новинарски текст, кога неговата функција е да извади максимум информации за темата и нив да им ги стави на располагање на своите консументи – читателите и со тоа потсетува на подзаборавените стандарди на новинарството.

Рецензија: Боливудско бизнис-шоу без хепиендЛинк до оригиналниот напис: Боливудско бизнис-шоу без хепиенд

Датум и време на објавување: 11.11.2014

Датум на рецензирање: 15.11.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Тргнувајќи од точни и од веродостојни факти, написот ги надградува со информации од соодветни извори.

Изворите се бројни, релевантни, повеќестрани и даваат мноштво информации, и тоа интересни за читателската публика, па и ексклузивни, бидејќи нив не ги објави ниту еден друг медиум.

Од аспект на содржајност, овој напис отскокнува од мноштвото текстови на истата тема, кои беа објавувани во останатите медиуми тој и наредниот ден, и тоа во позитивна смисла – со видлив напор за сеопфатен приод на темата и со атрактивни детали.

Во своевидниот тренд на „безимени“ текстови по македонските медиуми, убаво е да се види дека редакцијата го афирмира индивидуалното авторство, како во поглед на пишувачкиот, така и со коректното именување на изворите во делот на визуелната опрема на текстот, поточно фотографиите, со кои е илустриран.

Пријатно, но сѐ поретко, за жал, искуство е кога пред себе имаш еден комплетен, заокружен новинарски продукт, кој ги задоволува сите стандарди на професијата и кога, едноставно, нема што да му се одземе или додаде. Тој, во целост, ја исполнил својата функција да информира.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција