Рецензија: Студентски пленум не постои, студентски пленум е СДММ

Студентски пленум не постои Студентски пленум е СДММ-crop-resize

 

Школски пример за пропаганда и спин. Во текстот, по кој знае кој пат, се издвојуваат и се етикетираат граѓани врз основа на политичко убедување, на начин што се лоцираат во огромна група од повеќе стотици студенти и ним им се префрла товарот на организацијата. Целта е едноставна, да се делегитимираат протестите и да се поврзат со опозицијата. На протест во кој учествуваа повеќе стотици студенти и нивните професори, сосема е очекувано да има симпатизери и припадници на сите политички партии. Но, во текстот се издвојуваат само опозициските.

Студентски пленум не постои Студентски пленум е СДММЛинк до оригиналниот напис: Студентски пленум не постои, студентски пленум е СДММ

Датум и време на објавување: 24.11.2014 12:56

Датум на рецензирање:25.11.2014

Рецензент:Мирослава Бурнс

Вистината е скарана со овој текст. Во него изоставена е важната информација дека „Студентски пленум“ ги повика сите, без разлика на политичкото и партиското убедување, а кои се против екстерното тестирање, да се приклучат на протестот. Повикот јавно беше упатен не само кон студенти, туку и кон сите други граѓани, да се придружат по принципот на солидарност.

Безобразно се негира дури и постоењето на „Студентски пленум“, иако тој со недели јавно го организираше маршот на платоата на повеќе факултети. Сите можеа да дојдат и да го проследат организирањето, вклучително и новинарите.

Без никакви извори, аргументи и факти се тврди дека организатор на протестот е Социјалдемократската младина. Освен тоа, се изнесува невистинит факт дека во првите редови биле функционери на СДММ за уште повеќе да се истакне наводното влијание на СДММ на протестот.

„Високи функционери на Социјалдемократската младина на Македонија, беа во првите редови на толпата која ги предводеше студентите. Протестот против концепт кој не се планирал, ниту ќе се случи, беше организиран од СДММ, координирани со истакнати членови на СДСМ.

На фотографиите од социјалните мрежи евидентирано е нивното присуство на протестот, па незадоволството наместо изманипулираните студенти го покажуваа и тие- нивните професори.“

На фотографиите на социјалните мрежи евидентирано е присуство на стотици студенти, меѓу кои веројатно има припадници на сите политички партии или, пак, нивни симпатизери. Самото издвојување на СДММ се прави наменски, за да се направи „фрејминг“ и да се изврти вистината.

„Освен функционерите на СДММ кои директно се насочени кон организирањето на протести на студентите, во целата операција е вклучена и мрежата на МОФ, која пак е координирана и финансирана со големи износи од СОРОС Македонија. СДСМ не излезе со свој предлог за државниот испит, напротив тие го отфрлија во целост и го прогласија за неуспешен проект, внесувајќи забуна дека се работи за екстерно, нешто што по својата природа и карактеристики е сосема различно. СДСМ со ова покажува дека не се грижи за студентите, туку за својот личен партиски интерес.“

Околу Младинскиот образовен форум, од нивниот финансиски извештај, може да се види дека во 2011 година добиле финансиски средства од Владата на Република Македонија. Значи ли ова дека непотпишаниот автор во текстот што го рецензираме може да ја квалификува организацијата како владина? Ова, се разбира, би било погрешно, но е добра илустрација за сегментираните факти што се користат за да се дискредитира МОФ, протестот и да се наметне лажна слика. МОФ е здружение на граѓани, кое е непрофитно и невладино, формирано со слободно здружување на граѓаните, заради остварување и усогласување на своите интереси и заради вршење дејности и активности со цел промовирање на критичко мислење, поттикнување на толеранција и почит кон туѓите идеи и ставови, промовирање на правото и демократијата иразвивање на ставови за правните процеси и вклучување на младината во нив.

Непотпишаниот автор се труди од петни жили да дисквалификува организација што постои 14 години.

„Од таму станува јасно зшто членовите на МОФ излегоа да протестираат кога воопшто не се засегнати од новата реформа која важи за идни студенти, кои ќе полагаат државен испит во 2017 и 2019-та година.“

Непотпишаниот автор не разбира дека на протест се излегува и за солидаризација, а не само од интерес.

Скандалозен е начинот на кој коментарите се пласираат како факти, а текстот изгледа како памфлет. Повторно не се навлегува во експликација на суштината на проблемот – дека студентите протестираат зашто се против какво било тестирање надвор од нивниот универзитет, независно од тоа како ќе се вика и што ќе содржи. Наспроти тоа, повторно се продолжува со спин – темата за именувањето на тестирањето.

„Како што веќе е познато, ниту актуелните студенти, ниту професорите воопшто не се дел од новиот концепт со кој треба да се подигне квалитетот на нивното образование.“

Нејасно е дали се прави обид да се проблематизира солидарноста со идните генерации. Важно е да се напомене дека во моментот на протестниот марш не беше познато од кога ќе почне тестирањето  и за кого ќе важи.

„Дека луѓе од опозицијата и полугата на СОРОС се вклучени во манипулацијата на студентите околу државниот испит покажуваат и фотографиите од протестите на кои може да се забележат млади активисти од СДСМ.

Нивните пулени, кои ги изнесуваат на улица за секој можен протест во државава, иако не се ни сегашни ни идни студенти, во нивно име протестираа и сега. Освен оние за кои се пишуваше изминативе денови, фотографиите кои се објавени на социјалните мрежи покажуваат присуство на повеќе луѓе блиски до СДСМ и опозициски функционери.“

Се користат дисквалификации, но карактеристично е да се забележи дека повеќепати се повторуваат недокажаните и неаргументирани наоди дека организатор е СДСМ. Се проблематизира нешто што е уставно право.

„Алек Гочев е момчето кое протестираше и со земјоделците и со стечајците, протестираше против екстерно со средношколците, а се вклучи и во толпата на студентите. Поради ова станува јасно дека неговото присуство нема за цел тој да го искаже незадоволството од одредени мерки, туку само да направи бројност во протести организирани од СДСМ.“

Оваа аргументација е неиздржана. Зошто не е можно Алек Гочев да биде незадоволен од повеќе, а не само од една мерка? Кој го забранува тоа?

„Нејзиниот челник со интервју во опозициските медиуми, се обиде повторно да ја изманипулира јавноста упорно користејќи го терминот „Екстерно тестирање“ иако државата неколку пати посочи дека станува збор за „Државен испит“.“

„Студентски пленум“ нема челник и тоа го истакнуваат на секое излегување во јавност.

Опасно за демократијата во земјата е да се делегитимира протест ако на него се појави симпатизер или член на партија. Правото на протест е уставно загарантирано. Новинарите ги проверуваат своите информации, ги аргументираат преку изјави и се трудат да ги докажат. Во овој текст тоа не е направено. Политичката пристрасност е нескриена и евидентна, етичките начела за точни и проверени информации се погребани и заменети со пропаганда.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција