Рецензија: Студентите во САД против расизмот, македонските против два испита

studenti-sad-makedonija-crop-resize

 

Овој текст најголемиот проблем го има во насловот. Со него сака да пласира една теза која е манипулативна. Се споредува нешто неспоредливо – студентски протести во САД и тие во Македонија. Притоа се изнесуваат невистини, а се омаловажува и студентското движење. Со дел од насловот „два испита“ се минимизира и огромната посетеност на студентскиот марш. Насловот, исто така, алудира дека во САД студентите протестираат за поголеми цели (иако се неспорни барањата на студентите од американските колеџи), но, сепак, барањата и таму и тука се легитимни. Студентите низ целиот свет протестираат за повеќе работи, но никаде и никој не се осмелува да ги спореди затоа што секоја држава си има индивидуални проблеми, па така се насочуваат и целите и мотивите на студентите.

studenti sad-makedonijaЛинк до оригиналниот напис: Студентите во САД против расизмот, македонските против два испита

Датум и време на објавување: 12.12.2014, 09:30

Датум на рецензирање: 12.12.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ЕДНОСТРАНИ ИНФОРМАЦИИ

Ова се познати, непроверени ставови, овојпат рециклирани во текст кој се појавува по масовните протести на студентите. Едностраните информации се ставени во функција на омаловажување на барањата на студентите, а со тоа се прават и редица грешки како што се коментирање, недостиг од изјави, пласирање непроверени и непотврдени тврдења. И сето тоа на читателите им се презентира како факт.
Текстот е, инаку, непрофесионално и доста грубо поделен на два дела. Првиот дел, може да се каже дека е и коректен како информација, во кој е пресликана атмосферата на протестите во САД. Вториот, пак, спори со барањата на студентите и притоа ја извртува вистината.

Повеќепати студентите организирани во „Студентски пленум“ изјавија кои се нивните барања и зошто протестираат:

„Предлог-концептот на државен испит, онака како што е составен од страна на Министерството за образование, не соодветствува со Уставот на Република Македонија, особено со членот 46 од Уставот, во кој е предвидена неповредливост на универзитетската автономија. И покрај тоа што, во самиот предлог од страна на МОН се определува дека во изготвувањето се целело кон зачувување на основните начела, меѓу кои влегува и автономијата на универзитетите, сепак таквата автономија несомнено се загрозува имајќи ја предвид содржината на самиот предлог, објаснуваат студентите.“

Со тоа се побива тезата на текстот дека студентите протестирале поради два испита.

 

ВИ ТЕКНУВА ЛИ НА МАРТИН НЕШКОВСКИ

„Студентстки пленум“ реагираше и поради начинот на кој ќе се одвива тестирањето:

„Нема да има екстерно, туку државен испит кој ќе се полага се додека не положи, и тоа во два дела. Добиената оценка од прашањата нема да влијае врз успехот на студентот, ниту пак ќе има последици по професорот. Ваквата мерка според Студентскиот пленум нема да има ефект, бидејќи се коси со претпоставената цел таа да го подобри квалитетот на образованието.“

Не е потребен поглем ангажман за да се заклучи дека написот е крајно несеопфатен и веројатно прикрива информации, а се гледа и дека се пласирани само селектирани содржини, кои се обидуваат да ја „оправдаат“ тезата во насловот.

Исто така, текстот прави манипулација и со тоа дека македонските студенти протестираат за „небитни“ работи за разлика од американските. Притоа, заборава дека македонските студенти протестираа со денови и недели по убиството на Мартин Нешкоски во 2011 година. Оттогаш произлезе и насловот и мотивот на демонстрациите кои имаа наслов: Протести против полициската бруталност.

Овој текст има цел да го дискредитира целото студентско движење со доволно нефер и непрофесионален пристап кон темата.

Написот е уште еден во низата што деновиве се појавија во јавноста за да манипулира со читателите, затоа што не одговора на ниедно професионално поставено новинарско прашање. Нема извор во делот кога се врши „елаборација“ на македонските студентски протести, ја извртува вистината и притоа суптилно врши спинување, искористувајќи други протести за други цели. Уште од почетокот (насловот) се пласира теза со која се изместува главната вест, па јасно е дека целиот текст ќе биде пристрасен.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција