Рецензија: Стдентка на медицина се фрли од седмиот спрат на студентскиот дом

studentka1-09876-098-crop-resize

 

Ова е текст кој и не морал да се најде во медиум. Иако речиси е целосно прифатен ставот дека за самоубиство не се информира и не се објавуваат такви текстови (особено ако не се работи за јавна личност), практиката во македонските медиуми го покажува токму спротивното. Притоа, наголемо и најбрзо што може се објавуваат такви информации. Оваа вест, пак, не се случила ниту во Македонија, а насловот е манипулативен и сака да ги поттикне читателите да поверуваат дека се случило некаде во наша близина. Ова е некоректен текст, без линкови од каде е преземен, а дури нема ниту во која држава се наоѓа градот Припоље (инаку, точно градот се вика Пријепоље). Притоа, насловот има техничка грешка (Стдентка), која до денот на објавувањето на оваа рецензија не беше поправена.

studentka1Линк до оригиналниот напис: Стдентка на медицина се фрли од седмиот спрат на студентскиот дом (насловот е оставен оргинал)

Датум и време на објавување: 15.12 2014, 11:43

Датум на рецензирање: 15.12.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

КАДЕ СЕ НАОЃА ГРАДОТ

Во текстот се наведува дека студентката се самоубила скокајќи од Медицинскиот факултет. Каде? И тоа го нема. При „гуглање“ на името на градот, веднаш може да се потврди дека во ова место (со околу 35.000 жители), кое инаку се наоѓа во Република Србија, нема медицински факултет. Тогаш каде се случило ова самоубиство? Ако воопшто е и тоа, затоа што нема ниту полициска информација, па може многу лесно да излезе дека е несреќен случај. Како и да е, ако во Пријепоље нема универзитет, каде тогаш навистина се случил настанот? Во Белград? Не, и тоа не е вистина, настанот се случил во Подгорица, Црна Гора, а тоа не се дознава од текстот, туку при нашата проверка увидовме дека овој настан први го имаат објавено црногорските медиуми. Притоа, кај нас е некритички преземен и тоа доста лошо преведен, а нема и некои битни елементи на новинарски текст.

 

ЗА ИЛИ ПРОТИВ ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА САМОУБИСТВО

Дискутабилно е дали воопшто требало да се информира јавноста за овој трагичен настан, со оглед дека не е во прашање јавна личност.

Во Прирачникот за етика во новинарството има цело поглавје Упатства за известување за самоубиство, бидејќи е проценето дека се работи за мошне важна и чувствителна тема, која треба да се уреди за да се запазат принципите на професионалност и на етика во новинарството. Еден од најбитните моменти во прирачникот вели:

Во светот е усвоена пракса за самоубиствата генерално, а особено за анонимните луѓе речиси воопшто и не се пишува. Ако тоа сепак се прави, темата се третира со изразено сочувство и дискреција, медиумот не смее да го објави полниот идентитет, а уште помалку сликата на жртвата.

Но, сепак, медиумот решил да извести (преземе) текст за нечие самоубиство. Ако, пак, веќе решил така, без разлика каде тоа се случило, добро би било да се праша и професионалец, кој знае да ги објасни околностите и да даде добри совети.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција