Рецензии: Блазе си му на Путин со ваква моќ!

Блазе си му на Путин со ваква моќ Вечер-crop-resize

 

Станува збор за пренесена фото-вест од воените вежби на руската војска во Калининград, најзападната точка на Руската Федерација. Користена е информација која била достапна на „Ројтерс“ и која содржи вообичаени податоци за бројот на учесниците и за средствата (оружјата) кои биле дел од демонстрацијата на воената моќ и на ефикасноста на армијата. Притоа, редакцијата си ставила наслов каков не би се осмелил да стави ниту некој „патриотски“ весник во земјата каде се изведува вежбата.

Блазе си му на Путин со ваква моќ ВечерЛинк до оригиналниот напис: Блазе си му на Путин со ваква моќ!

Датум и време на објавување: 16.12.2014, 11:58

Датум на рецензирање: 17.12.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Рускиот претседател Владимир Путин наредил кон почетокот на месецов да се одржи вонредна воена вежба на западот од земјата. Вежбата е реализирана од 5 до 10 декември, соопшти денес руското Министерство за одбрана. Во соопштението се наведува дека вонредната вежба во која учествувале 9.000 војници и повеќе од 55 воени бродови, е спроведена за да се тестира борбената готовност на војската во Калининград, област која се граничи со членките на НАТО, Литванија и Полска.“

Како и секоја професионална агенција, „Ројтерс“, секако, не би си дозволил да известува од воена вежба така што да сугерира некаква (чија било) воена надмоќ. Текстот е и строго професионален, но уредништвото на дневниот весник си дозволило заклучок врз база на непостоечка анализа да сугерира, а тоа е очевидно, нечија воена надмоќ, пред сè, на Москва. Значи, за да се заклучи дека некој има надмоќ, треба да се даде некаков опис од каде таквиот резон произлегува (воената моќ на замислениот противник).

Во насловот дури има и извесно „насладување“, кое, пак, е недозволиво за дневен весник со традиција, бидејќи го имаме и наднасловот „Подготвени за војна“. Ова, сè на сè, како да дејствува воено-поттикнувачки! Прегледот на другите извештаи (преноси на веста на „Ројтерс“) е далеку поумерен. Има, секако, и полоши примери, каде се сугерира дека некој дури и бил директно таму! Навистина, на споменатиот портал имаме и закачена видеовест од пропагандната телевизија „Раша тудеј“, во траење од две и пол минути, со што се комплетира едно неприкриено навивање.

Да потсетиме дека официјалната политика на земјава е да станеме член на НАТО, а ние веќе и учествуваме во дел од тренажно-оперативните операции на Алијансата со „жива војска“ подолго време. Ако има промени во таа политика, веројатно јавноста заслужува информација.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција