Рецензија: Есма Реџепова итно префрлена во болница

Есма-Реџепова-итно-префрлена-во-болница-crop-resize

 

Да се провери точноста на информацијата е основна новинарска должност. Членот 1 од кодексот на новинарите налага новинарот да објавува точни, проверени информации.

Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Меѓутоа, освен цитирањето на медиум кој претходно ја објавил информацијата, во случајот не е направен обид да се провери истата.

Есма Реџепова итно префрлена во болницаЛинк до оригиналниот напис: Есма Реџепова итно префрлена во болница

Датум и време на објавување: 18.12.2014

Датум на рецензирање: 19.12.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Рутинската, однапред закажана контрола на пејачката, во овој текст се претвора во „итно префрлање во болница поради влошена здравствена состојба“ што е неточно. Основното новинарско правило напишано и во Кодексот на новинарите, е да се обезбеди проверка на информацијата. Ова можело да се стори со контактирање со менаџерот на Реџепова или лично со неа. Од изнесеното не се остава убедлив впечаток дека воопшто е направен обид да се консултира засегнатата за проверка на информацијата. Сензационалното известување прошири дезинформација дека нејзината „здравствена состојба е влошена и дека била задржана во болница“.

Демант пристигна од менаџерката на Реџепова.

„Би сакала да ја деманирам веста дека Г-ѓа Есма Реџепова е префрлена итно во болница поради влошена здравствена состојба, како што е напишано. Точно е дека Г-ѓа Есма беше во клиничката болница „Систина“, каде што беше на рутинска, однапред закажана контрола. Го молам порталот и официјално да ја демантира оваа вест, која ја доведе во заблуда целата македонска јавност. Воедно, на обожавателите и почитувачите на Г-ѓа Реџепова ин потврдувам дека госпоѓата се чувствува одлично и со нетрпение Ве очекува сите за дочек на Нова Година да бидете на Плоштадот Пела во центарот на Скопје и да се дружите со неа и нејзината песна. Со почит, Весна Ѓорѓиевска, Менаџер на Есма Реџепова Теодосиевска.“

Во текстот се упатува на друг медиум како извор, но ова не го камуфлира непостоењето новинарски ангажман да се провери информацијата и, напротив, придонесува за понатамошно ширење на дезинформација.

„Есма била донесена во болницата во лоша здравствена состојба и како што јави порталот била задржана во клиниката. Новинар од музика 24 случајно бил сведок на хоспитализирањето на фолк дивата.“

Членот 8 од новинарскиот кодекс налага:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Насловот во кој се тврди дека Реџепова е итно префрлена во болница, е сензационалистички. Тоа што некој ја видел во болница, не значи „итно префрлање“. Дури и да било така, истото во текстот со ништо не се потврдува, односно не му се дава веродостојност. Пред секое информирање кое вклучува засегнати страни, за информации чија потврда е неопходна. а вистинитост непроверена, новинарот мора да се обрати на извори. Во секој останат случај, ризикува да пренесе полувистина или целосно невистинита информација.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција