Рецензија: Игор Џамбазов претепан во Битола

22-0987098-098-crop-resize

 

Аман од вакви наслови. Единствена цел им е да ја „насанкаат“ публиката преку сензационалистичкиот пристап, а содржината најчесто или нема врска или е надвор од контекст, или, како во конкретниот случај, е со промашена „временска димензија“.

2Линк до оригиналниот напис: Игор Џамбазов претепан во Битола

Датум и време на објавување: 17.12.2014, 22:48

Датум на рецензирање: 19.12.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

КОГА НАСЛОВОТ ЌЕ ЈА „ЗАСТРАНИ“ ПУБЛИКАТА

Ако во насловот бомбастично кажете „Игор Џамбазов претепан во Битола, а потоа во многу кусиот текст составен само од две реченици објасните дека станувало збор за настан од бурното минато на актерот, тогаш тоа, според мене, е чиста манипулација и извитоперување на вистината. Поточно, тоа е вадење од контекст на димензијата сегашност и актуелност која секоја вест, па макар била и толку оскудна, мора да ја задоволи. Точно е дека добар наслов ја продава информацијата, но тука не станува збор за тоа. Имаме сензационална насловна конструкција која не ја отсликува реалната ситуација. Значи, шоуменот го „јадел“ одамна во градот на конзулите, не е прецизирано кога и тоа секако не кореспондира со насловот кој, како што веќе рековме, ја заблудува публиката, ја тера да кликне и со тоа да ја зголеми посетеноста на конкретната веб-страница. Но, притоа другата страна – јавноста останува покуса, бидејќи многу брзо увидува дека била заведена и насочена на сосема поинаква страна од вистинската состојба која е дека „Актерот не е претепан во Битола“, туку „бил претепан некогаш во минатото“. Разликата е огромна, би рекле километарска. Еве кои се насоките на школата за новинарство на престижниот Универзитет „Колумбија“ за креирање насловни конструкции:

Четири императиви за пишување наслов:

  • мора да биде точен;
  • мора да биде лесно разбирлив;
  • мора да привлекува внимание;
  • мора да одговара на тонот на текстот.

(Предупредување при пишување наслови: Никогаш не дозволувајте слатки, креативни наслови да ја заспелат потребата од точност и од прецизност. Внимавајте на наслови кои имаат несоодветно значење.)

Мислам дека доволно е кажано. Од погоре прикажаното, конкретниот наслов исполнува само еден критериум – привлекува внимание и ништо друго.

Но, ова не е првпат, а изгледа ниту последен да произлегуваат материјали со тенденциозно изнасилени наслови, честопати невистинити, надвор контекст и само со една единствена задача – неаргументирано и безмалку врз лажни основи да ги „навлекуваат“ читателите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција