Рецензија: Подобра социјална сигурност со задолжителното осигурување на хонорарите

МРТ-http___mrt.com_.mk_node_185251-crop-resize

 

Станува збор за едностран прилог, кој ги фали законските измени, според кои, од први јануари идната година ќе се плаќаат придонеси и за хонорарите. Материјалот ја турка тезата дека најголема придобивка од оваа владина мерка ќе имаат хонорарните работници, при што таквата порака се испраќа уште со самиот наслов.

Моментот, пак, во кој националната телевизиска куќа го пласираше  овој прилог, еден ден пред најавениот протест (22.12.2014) против плаќањето придонеси за хонорарите (инициран од потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права), ги става под прашалник мотивите за неговото објавување.

МРТ - http___mrt.com.mk_node_18525Линк до оригиналниот напис: Подобра социјална сигурност со задолжителното осигурување на хонорарите (ТВ прилог/напис)

Датум и време на објавување: 21.12.2014, 17:36

Датум на рецензирање: 22.12.2014

Рецензент: Оливера Војновска


ВАЖЕН Е САМО СТАВОТ НА ВЛАСТА

Текстот се базира само на процената на власта дека законските измени ќе имаат позитивни ефекти за работниците  и значително ќе ги подобрат нивните социјални права:

„Властите очекуваат со оваа мерка да се подобри социјалната сигурност на работниците кои ќе бидат осигурани“

Па, освен гледиштето  на актуелната владејачка структура (од каде е извлечена и главната поента во насловот), во прилогот не може да се види друго мислење. Со таквиот приод, ставот на Владата добива третман на „апсолутна вистина“. Тоа истовремено говори за тоа дали имало намера објективно да се информира јавноста или, пак, идејата била да се воздигнува владиниот проект.

А, за да ги убеди гледачите дека законските измени се добри, во материјалот се посочува дека ваквото решение е предвидено во најголем број од државите во регионот. Случајно или не, еден ден претходно истата работа ја кажа и премиерот:

„Плаќањето придонеси за хонорарите  се прави во речиси сите земји во Европа, односно во 95 проценти од државите во Европа е така како што е сега законот во Република Македонија. Дали  има две, три или четири држави во Европа во кои не се плаќаат придонеси на хонорарите, а во сите други се плаќа“

Ваквата „коинциденција“, исто така, прилично јасно укажува на која страна натежнува написот.

 

НЕВИДЛИВ ПРОТЕСТ

Нагласувајќи ги само поволностите од споменатите законски измени, овој материјал воопшто не ги споменува негативните реакции во јавноста поради воведувањето задолжителното плаќање социјални придонеси и за авторските договори и договорите на дело во износ поголем од минималната плата.

Подобра социјална сигурност со задолжително_ - http___play.mrt.com.mk_play_46240_Во него нема ниту збор за тоа дека организациите и синдикатите кои се дел од Синдикалната повелба сметаат дека законските измени ќе бидат на товар на работниците. Бидејќи, освен персоналниот данок што го плаќаа досега, од своите хонорари ќе треба да одвојуваат и средства за придонеси за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување. Па, заедно со персоналниот данок од 10 отсто, оптоварувањето ќе изнесува повеќе од 35 отсто од сумата на хонорарите.

Во прилогот е невидлив и протестот закажан за наредниот ден (22.12.2014), за кој хонорарците добија поддршка од невладините организации и од „Студентски пленум“, од каде сметаат дека „со ваквата владина реформа ќе ги загубат и оние малку средства кои можат да ги зарботат за време на студиите и дека  оваа законска измена има една цел, да се создаде лажна слика за невработеноста во земјата“.

Овие моменти кои се пренебрегнати во текстот даваат поинаков тон за тоа како во јавноста се доживува споменатата владина мерка. Со премолчувањето и со маргинализација на суштинските забелешки, на публиката ѝ се ускратува можноста да добие чиста и коректна информација.

Истовремено, направена е и сериозна повреда на новинарскиот Кодекс, при што се прекршени  преамбулата, во која е нагласено дека „основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината“, како и првиот амандман, во кој, меѓу другото, е посочено дека: „новинарот нема да прикрива суштински податоци.“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција