Рецензија: Градоначалникот Трајановски најангажирано во чистењето на снег низ улиците

 

2-09876-00987-crop-resize

 

Имаме текст-реклама и тоа не каква било, туку политичка. Пример за неоправдано воспевање на функционер за извршување на неговата работа за која го плаќаат граѓаните преку „маркентиншки“ напис. Наспроти фалбите за првиот човек на Град Скопје, инаку од редовите на најголемата владејачка партија, се забележуваат и критики за неговиот колега од Кичево, кадар на помалиот владин партнер. Случајно?! – Би рекол не.

2Линк до оригиналниот напис: Градоначалникот Трајановски најангажирано во чистењето на снег низ улиците

Датум и време на објавување: 03.01.2015, 15:12

Датум на рецензирање: 05.01.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

МЕДИУМСКО ВЕЛИЧЕЊЕ НА ФУНКЦИОНЕР ПЛАЌАН ОД ГРАЃАНИТЕ

Понудениот материјал е промашен од новинарска гледна точка и е поставен на криви нозе од самиот почеток. Не велам дека ако некоја институција или, како што е во случајов, градоначалник добро се снајде во конкретна ситуација не треба да добие позитивни зборови, туку дека тоа не смее да биде единствената цел зошто би се напишал и би се објавил еден текст. Токму тоа го имаме овде. Написот е така составен и пласиран што се добива само еден впечаток, а тоа е, просто кажано, подлизуркување. Сè е срочено во стилот: „Градоначалникот најангажирано, на терен, експресна реакција…..“. Недозволив е таквиот пристап, барем не во реален новинарски производ, во кој, во суштина, публиката не добива свежа информација, туку некакво си и нечие сопствено убедување медиумски преџвакано како вест, а всушност е чист политички маркетинг, би дополнил, многу евтин и провиден.

„Градоначалникот Коце Трајановски максимално се ангажира на терен и ги активираше сите служби под негова надлежност.“

Па тоа е негова работа, ако се чита описот на неговите надлежности. Од друга страна:

Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјективели ставот 2 од членот 14 на Кодексот на новинарите.

Тоа е првиот проблем. Вториот сериозен недостаток е од аспект на самата вистинитост. Врз основа на што се темелат тврдењата „Ниту во еден момент во македонската метропола, на клучните улици и булевари немаше никаков застој во сообраќајот…. Граѓаните од главниот град на Македонија се задоволни од експресната реакција на службите, кои ажурно си ја завршија својата разлика“. На ниту едно место во текстот не е понудена некаква изјава од граѓани која како кредибилен извор би ги поткрепило изјавите за некакво задоволство. Напротив, во изминатите денови имаше доста незадоволство на граѓаните, бидејќи тротоарите, паркиралиштата и дел од улиците во градот останаа под мраз. Значи, тука доаѓаме до претходно споменатото самоволно интерпретирање на ситуацијата зашто во основа има забележливо отсуство на извори.

 

СО „УДАРНИЧКИ“ НАСЛОВ ВО „НОВИ ПОБЕДИ“?!

Пристрасноста едноставно „блика“ од сите страни, а пред сè, од насловот кој недвосмислено има еден, од времето останат, „ударнички“ шмек. Тој не е ниту информативен, ниту коректен. Во фалбаџиски стил е и фотографијата која не го прикажува градоначалникот дека се „ангажира околу снегот“, туку како нешто објаснува при асфалтирање на улица. Толку од познатото „сликата вреди илјада зборови“. Дека написот има јасна партиско-политичка заднина зборува и последниот пасус во кој се прави паралела меѓу скопскиот и кичевскиот градоначалник, која, со други зборови, сака да каже „едниот чини, другиот не“. За такви тврдења се потребни сериозни аргументи и споредби кои во ова четиво едноставно ги нема. Колку овој текст имал некоја друга цел потврдува и фактот дека речиси во иста форма е преземен од друг сличен информативен портал.

Затоа, заклучокот би бил: многу фалби, повеќе политички маркетинг, малку аргументи, извртена слика за реалната ситуација, отсуство на вистинско новинарство.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција