Рецензија: Голем одрон на автопатот Скопје-Велес, бидете претпазливи, надлежните не водат сметка…

slika-odron-screenshot-complete-0987-098-0908070-crop-resize

 

Ако се погледне овој текст комплетно, почнувајќи од насловот, преку фотографијата, па сè до напишаното во него, може да се каже дека наликува на сè, освен на новинарски напис. Насловот на текстот завршува со три точки иако немало потреба од тоа. Фотографијата која е ставена како илустрација, а која има очигледно цел да ја отслика „страшната ситуација со одроните на автопатот Скопје-Велес“, не е од местото на настанот, што станува јасно подолу во текстот. Самиот текст, пак, е полн со коментари и со некакви „замислени“ ситуации, не се користени никакви извори и факти, што ја доведува во прашање вистинитоста на написот.

slika odronЛинкуван наслов на анализираниот напис: Голем одрон на автопатот Скопје-Велес, бидете претпазливи, надлежните не водат сметка…

Датум и време на објавување: 18.01.2015

Датум на рецензирање: 22.01.2015

Рецензент: Ана Анастасовска

„Ова не е прв пат да бидат оставени одронати камења на оваа делница и по два дена, за што сме ние очевидци…“

Ако станува збор за директен очевидец на „страшни одрони“ на автопатот Велес-Скопје, кои надлежните служби не ги тргале со денови, добро би било тие да биле фотографирани и таквите фотографии објавени. Така, текстот би бил поуверлив за читателот и не би создавал забуни. Спротивно на новинарските стандарди е да се стави спектакуларна слика само колку да се привлече читаност, а потоа во текстот да се наведе дека сликата не е од местото за кое станува збор.

Понатаму во текстот, авторот сака да му креира на читателот една страшна и ужасна слика за тоа како изгледа дел од овој автопат, меѓутоа за тоа нема никакви конкретни факти и докази. Спомнато е само дека се јавил загрижен граѓанин, меѓутоа нема никаква изјава од него.

„Замислете удар на камен при 100км/ч… каде би завршиле ако предвид земеме дека од десната страна на овој дел од автопатот е долгиот слободен пад до реката Вардар…“

Во еден новинарски текст не се дозволени „замислени“ ситуации. Многу подобро би било кога тука би се консултирал некој експерт од таа област, кој би објаснил што би можело да се случи во таква ситуација. Работа на новинарот не е да замислува, туку напишаното да го истражи и да го поткрепи со факти.

„Затоа драги граѓани ќутете, трајте и плаќајте патарина, бидејќи ќе се разочарате од односот на оние кои се одоговорни за тоа и кои земаат плата за истото или пак ако толку се грижите, звонете и „досадувајте“ на контакт телефоните, можеби ќе спасите некој живот…“

Текстот е полн со вакви и со слични коментари, но бидејќи авторот не е потпишан, тој не може да се оцени како коментар. Можеби ситуацијата на терен навистина е страшна и загрижувачка, меѓутоа ваков несериозен напис не може да остави таков впечаток кај читателот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција