Рецензија: Заев зимувал во монденски италијански скијачки центар?

Заев зимувал во монденски италијански скијачки центар-crop-resize

 

Овој текст е пример за чаршиско новинарство, кое во последно време се применува во нашите медиуми, а сè за да се нападне некоја личност без, притоа, да се користат некакви факти или докази за тоа. Очигледно е дека намерата на авторот на овој текст била да се деградира по секоја цена лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев, и да се обвини дека зимувал во некој скап италијански скијачки центар, но без извори и без факти, ваквото обвинување, лесно може да „падне во вода“.

Заев зимувал во монденски италијански скијачки центарЛинкуван наслов на анализираниот напис: Заев зимувал во монденски италијански скијачки центар?

Датум и време на објавување: 20.01.2015

Датум на рецензирање: 23.01.2015

 Рецензент: Ана Анастасовска

Вистинитоста на овој напис многу е тешко да се утврди, имајќи предвид дека и самиот автор на текстот го користи зборот „најверојатно“, а напишаното се потпира на изјави од анонимни извори.

„Лидерот на опозицискиот СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, најверојатно зимувал во Италија, дознава Нетпрес. Нашите извори велат дека тој се вратил пред неколку денови, а претпоставките се дека Заев престојувал во монденски зимски центар.“

Новинарот не треба да претпоставува туку да истражува. Ако авторот дошол до некаква информација, требалo убаво да ја провери. За да биде задоволено минималното ниво на сеопфатност на написот, би требало авторот да се потруди да земе изјава од Заев за тоа дали навистина зимувал во некој монденски скијачки центар во Италија. Во краен случај, требало да го дознае името на местото каде зимувал опозицискиот лидер или, пак, сумата пари што ја потрошил. Вака пренесен текстот, отвора сомнеж кај читателот дали напишаното е вистина, или, пак, целта е да се нападне Заев по секоја цена.

„Како што пишува Нетпрес, интересно е тоа што во периодот додека тој најверојатно зимувал и скијал по монденското италијанско туристичко место, се појави негово интервју во медиумите блиски на опозицијата.“

Во овој дел од текстот, логички е да се постави прашањето, кое е тоа интервју, кога тоа било објавено и во кој медиум, односно за кој период станува збор. Нема ниту извор, ниту линк до наводното интервју. Авторот само ја наметнува дилемата дали Заев го дал интервјуто или во негово име зборувал „неговиот партиски тим задолжен за односи со јавноста на чие чело е новинарот Роберт Поповски“. Во денешно време со развиена технологија, интервју може да се направи и по електронска пошта или преку социјалната мрежа „Фејсбук“, така што и ова тврдење во текстот нема никаква основа.

Подолу во текстот има навраќање на пишувањата во некои медиуми од  15 август минатата година, во кои се обвинуваше Заев дека летувал во Грција во сопствена луксузна вила, иако уште тогаш СДСМ ја демантираше ваквата информација.

„Молчи и портпаролот и сопартијците но струмичани знаат дека Заеви се чести гости во Грција каде поседуваат луксузна куќа. Заев за време на својот одмор престојувал во луксузна куќа на грчкото крајбрежје, која е во негова сопственост.“

Авторот во текстот се навраќа и на пишувањата на дневниот весник „Дневник“ од 18 јуни минатата година, дека опозицискиот лидер пеш ја минувал границата со Грција и тоа неколкупати, за што се крена прав во дел од медиумите.

Од авион може да се види дека овој текст има една и единствена цел, да се нападне лидерот на опозицијата и градоначалник на Струмица, дека се луксузира и троши пари по скапи летувалишта и скијачки центри. Но, ваквите тврдења, без никакви факти, не можат да се оценат како вистинити. Сè додека не се излезе со конкретни докази за тоа каде навистина го поминал зимскиот одмор Зоран Заев и колку пари потрошил, ваквиот напис може да најде место во книга од типот „Приказни за деца за добра ноќ“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција