Студија на случај за медиумска манипулација

01272015-Republika-KatoSoro-crop-resize-002-final

(Рецензија на текстот „Пропаганда на Сорос експресно пренесена од СДСМ и од опозициските медиуми“)

 

Еве една медиумска содржина која може да послужи како идеална студија на случај за новинарска манипулација.

Текстот што го рецензираме реагира на поддршката на медиумите на една прес-конференција на главната опозициска партија, која објави резултати од годишното истражување на Институт „Като“ од Вашингтон, САД (The World Misery Index 2014). Тие резултати соопштуваат дека Република Македонија е 12. најмизерна земја на светот. На прво место е Венецуела, а потоа следуваат Аргенитина, Сирија, Украина, Иран, Бразил, Сао Томе и Принчипе, Србија, Jамајка, Јужна Африка и Судан.

Уште две работи се битни за да ја врамиме оваа рецензија: прва, индексот на мизерија на Институтот „Като“ е формула во која фактори се инфлацијата, каматите на банките, невработеноста, минус  трендот на БДП од година в година, односно домашниот бруто-производ; втора, Институтот „Като“ основан во 1974 година, е непрофитна организација за истражување јавни политики врз основа на принципите на индивидуални слободи, контролирано и ограничено владеење, слободен пазар и мир. Аналитичарите и научниците во „Като“ работат на широк спектар прашања.

Во 2013 година, Институтот „Като“ е највлијателната тинк-тенк непрофитна организација во светот. Кој не верува, може да се увери тука. Истата таа година експертите на „Като“ биле цитирани во повеќе од 4.000 медиумски содржини, биле автори на неколку стотици колумни и учествувале во повеќе од 2.000 ТВ-емисии или интервјуа. Еден од угледните медиуми што ги користи анализите на Институтот „Като“ е и „Економист“.

Сите овие податоци, како што можете да видите, се лесно достапни.

И сега, некој медиум може да го оспори угледот на една ваква организација, ама мора да понуди соодветни аргументи за тоа. Во медиумската содржина се користи правото да се оспори, ама нема ни „а“, од аргументи, а има „од а до ш“ манипулација.

01272015-Republika-KatoSoroЛинк до оригиналниот напис: Пропаганда на Сорос експресно пренесена од СДСМ и од опозициските медиуми

Датум и време на објавување: 26.01.2015, 13:32

Датум на рецензирање: 27.01.2015

Рецензент: Зоран Бојаровски

Медиумската содржина што ја рецензираме има намера да го девалвира индексот на Институтот „Като“ единствено со аргументот дека Фондацијата „Отворено општество“ на Џорџ Сорос е еден од неколкуте десетици донатори на оваа угледна тинк-тенк организација. И тоа е само почеток на манипулацијата.

Медиумот што ја објавува оваа содржина, како аргумент понудил еден инфографик за да „докаже“ дека фондацијата на Сорос го користи овој институт за пропаганда во Македонија.

За тој инфографик нема никаков податок. Од каде е преземен? Од која година? Премногу е наивно да се помисли дека еден институт каков што е „Като“, со такви референци на светско ниво, би си дозволил некој донатор да го наруши неговиот углед. Премногу е наивно тоа. Но, и многу опасно.

Манипулацијата понатаму оди во конструкцијата на текстот. Следува централниот пасус од текстот кој заслужува особено внимание. Во него авторот на текстот вели:

„Институт има јасни врски со СОРОС. Индиректно и директно. За волја на вистината тој е формиран во 1974 година од браќата Дејвид и Чарли Кох. Браќата се исто толку контроверзни милијардери колку и самиот СОРОС.

-Не се работи за никаков научен институт туку за класична тинк-тенк лоби организација многу често обвинувана во американските медиуми за лобирање за приватни бизнис интереси. Магазинот Форбс во сторија насловена “The Kochs Aren’t the Only Funders of Cato” пишува дека браќата Кох го финансираат овој Институт со десетици милиони долари, пренесува Република.

На списокот финансиери и мрежата која ја објавуваат јасно стои дека еден од финансиерите е Џорџ Сорос. Меѓу другото тој гостувал и на трибини организирани од овој Институт.“

Вака напишан и на овој начин структуриран, тој е многу опасен зашто не е јасно дали овде има или нема цитат од магазинот „Форбс“. Не е јасно истакнато. Тоа може да создаде конфузија кај еден дел читателите, а други, пак, можат да извлечат сосема погрешен заклучок само поради тоа што така сугерира насловот.

За да бидеме најобјективни во нашата рецензија, ние ги земаме и двете опции – и дека ова е цитат од „Форбс“ и дека не е.

Доколку е, треба да биде наведен изворот. Медиумот наведува наслов од статија со наслов  „The Kochs Aren’t the Only Funders of Cato“, но кога ќе кликнете на линкот, тој ве води на текст на „Форбс“, „How Wearable Tech Is Taking The Field Trip To A New Dimension“, кој нема никаква врска со „Като“, а уште помалку со Фондацијата на Џорџ Сорос.

Дури и да се работи за техничка грешка со линкот, кога ќе го најдете текстот наведен со наслов „The Kochs Aren’t the Only Funders of Cato“, нема ништо што укажува тоа дека Сорос влијае на истражувањата на институтот, нема ништо за споменатиот инфографик, ниту, пак, има наведено како да дојдете до него!!!

Бидејки гледаме дека не е цитат од ниту еден текст на „Форбс“, си дозволуваме да констатираме дека овој магазин е злоупотребен.

Уште повеќе, вака конструирана, приказната само ја потврдува нашата почетна теза дека овој текст има намера да го девалвира истражувањето на Инстиутот „Като“, но тоа го прави наивно, без основа што ни дава за право да тврдиме дека тој има намера само да манипулира.

За да бидеме сигурни, проверивме дали Фондацијата „Отворено општество“ на Сорос е навистина донатор на институтот „Като“. Еве ги нашите сознанија. Годишниот извештај за финансиското работење на „Като“ за 2014 сè уште не е објавен, а во годишниот извештај на „Като“ за 2013 година, Фондацијата „Отворено општество“ не фигурира како донатор на институтот.

Го има во годишниот извештај за 2012 година, но тоа, сепак, ништо не значи. Сорос го помогнал „Като“ таа година, но тоа не значи ништо – тој дава пари секаде. Секако, тоа не го прави за да прави пропаганда во Македонија.

Оттаму, ептен е очигледен наменскиот карактер на текстот што го рецензираме: Мотивот да се напише дека овој угледен институт му потклекнал на Сорос за да изведе заклучок во истражувањето дека Македонија е со индекс 12 меѓу најмизерните земји, може да се пронајде само во пословицата која вели: „Лагата е на половина пат до целта, додека вистината ги облекува чевлите“. Арно, ама кога чевлите ќе се облечат…

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција