„Мирисот“ на омраза во говорот на Груевски е опасен за општеството

Границата од „клоци“ ,преку „шамари“ и потоа „бетонски плочи“ е многу тенка. Фото: скриншот

„Говорот на омраза во македонската политика не е никаква новина, ниту почнува со Никола Груевски. Ова е веќе одомаќинета појава која, за жал, го отсликува нивото на политичка култура во Република Македонија, иако далеку од тоа дека ова е проблем само во нашето општество“ – Доц. д-р- Ненад Марковиќ

 

Говорот на омраза во македонската политика не е никаква новина, ниту почнува со Никола Груевски. Ова е веќе одомаќинета појава која, за жал, го отсликува нивото на политичка култура во Република Македонија, иако далеку од тоа дека ова е проблем само во нашето општество“ – Доц. д-р- Ненад Марковиќ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во 2013 Советот на Европа во Варшава организираше конференција на високо ниво посветена на говорот на омраза во политичкиот говор, насловена како „Факторот на омраза во политичкиот говор – Каде лежи одговорноста?

На конференцијата беа идентификувани сè поголемите опасности од говорот на омраза низ Европа и тоа не само посебно во обраќањата на ултрадесните политичари, туку и како говор кој станал вообичаен и за традиционалните партии. Притоа, било предупредено дека европските тела мора што погласно и појасно да се справуваат со оваа опасност.

Зголемена употреба на говор на омраза детектираме не само кај политичкиот дискурс на крајно десните партии, туку и кај традиционалните партии. Популизмот не е повеќе врзан само земјите кај кои се применети економски мерки на штедење – денес се соочуваме со нов фномен на популизмот во Европа – се наведува во Заклучоците од Конференцијата, подготвени од Франсоаз Тулкен, поранешна потпретседателка и судика во Европскиот суд за човекови права од Стразбур, а која ги изнела и на министерска конференција во Белград, два месеца подоцна.

Нема достапни податоци дали на Конференцијата бил употребен и некој пример од Македонија, каде што забележуваме сè повеќе употреба на опасен говор или директен говор на омраза. Притоа, почнувајќи од една долга политика на неказнивост, иако инструменти и механизми за тоа се вградени во сите неопходни законски и подзаконски акти, опасниот говор сега веќе се наоѓа отворено и на „менито“ на највлијателните политичари во земјата, каков што беше примерот со последниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Неговиот говор одржан пред неколку дена на годишната конференција на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ е типичен пример на говори полни со нетолеранција и ширење на поделба, токму онакви за кои расправаа експертите од Советот на Европа на конференцијата во Варшава. Тип на говор кој во екстремни случаи може да предизвика и криминал од омраза. Впрочем, ден по говорот Специјалното обвинителство побара засилено обезбедување од МВР, а самото МВР некој ден порано го засили обезбедувањето на европските претставници, меѓу кои и на медијаторот Питер Ванхојте.

 

ПОПУЛИСТИЧКИТЕ ГОВОРИ ЧЕСТО ОДАТ СО ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР

Во Македонија говорот на довчерашниот и според неговите проценки идниот премиер Груевски, беше оценуван како нетолерантен, некоректен, говор од позиција на моќ, но не и директно како говор што може да предизвика омраза во општеството. А, токму такви популистички говори се оценети како опасност на Конференцијата во Варшава:

Сериозно загрижува растечкиот успех на популистичките партии кои нашироко го употребуваат говорот на омраза, а кои во истовреме го тривијализираат. Уште повеќе, говорот на омраза може да се инструментализира во зголемување на гласачкото тело – цинично, но ефективно. Мобилизирчкиот ефект на популизамот и на „жртвените јагниња“, многу често е придружуван од теориите на заговор.

Ваквиот тип на говор мора да загрижи и да побуди поширока реакција и повикување на одбранбени механизми во општеството. Пред сè, затоа што говорот на Груевски не е прв од ваков тип. Тој, како што забележа систематизирано и текстот во Призма, употребува говори на поделба и нетолеранција од поодамна. А, со тоа, како што истакнува поранешниот политичар на ВМРО-ДПМНЕ и универзитетски професор, Ненад Новковски, на неговиот Фејсбук профил, се загрозени основните цивилизациски вредности, особено оние кои ги истакнува како свои базични вредности и десницата:

Овде станува збор за основните цивилизациски вредности, не за специфични идеолошки. Значи, не зборуваме за трeто дете и сл. туку за слобода и правда, почитување на индивидуата, граѓанинот, дадениот збор.

Токму затоа тој повика на одбрана на овие вредности:

После беспримерниот напад од страна на Груевски врз носечките институции на Договорот од Пржино и после отсуството на жестока осуда на таквата постапка од страна на Георгиевски, повикувам на создавање на одбор за спас на цивилизациските основни вредности на десната опција.

Дека говорот е опасен смета и професорот Ѓорѓи Спасов, поранешен висок функционер на СДСМ и амбасадор:

Тој (Груевски – н.з.) објави војна, а не повика на избори. Тој јасно порача колку е лут заради тоа што некој на сила му зел дел од парламентарната, извршната и судската власт за која смета дека само нему му припаѓа. Јавно повика неговите подржувачи да излезат на избори за да им удри клоци не само на министрите од опозицијата туку и на Катица, на Ванхојте и на ЕУ и на НАТО. Груевски гори од желба за политичка одмазда со сите средства што му стојат на располагање.

Тој изборите ги подразбира како казна и политичка одмазда кон сите кои се дрзнале да чепнат во неговата власт и неговиот начин на владеење. – вели Спасов, исто така на својот профил на Фејсбук.

ПОЛИТИЧАРИТЕ ИИМААТ ПОСЕБНА ОДГОВОРНОСТ, ПОГОЛЕМА ОД ДРУГИТЕ

Политологот, доцент д-р- Ненад Марковиќ од Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, смета дека говорот на Груевски е опасен, но предупредува дека тој не е нова појава во Македонија.

Говорот на омраза во македонската политика не е никаква новина, ниту почнува со Никола Груевски. Ова е веќе одомаќинета појава која, за жал, го отсликува нивото на политичка култура во Република Македонија, иако далеку од тоа дека ова е проблем само во нашето општество. Говорот на омраза е глобален феномен, а мене лично ми текнува барем на десетина случаи во кои имплицитно или експлицитно се повикувало на насилство, агресија, кои содржеле елементи на дискриминација или омаловажување, па дури и клевета – вели Марковиќ за „Вистиномер“.

Според Марковиќ, политичарите треба да се воздржуваат и да внимаваат што ќе зборуваат, зашто имаат посебна одговорност во општеството, која може да индуцира непосакувано однесување од нивните слушатели – гласачи.

Сепак, политичарите кај нас, а ова е случај и со последниот говор на Груевски, забораваат дека тие не се само агенси на собирање на политички поени (што најлесно се постигнува со повикување на ниски страсти), туку и фактор на политичка социјализација. Популацијата го емитира однесувањето на лидерите и преку нив се идентификува со одреден модел на политичко однесување. Ако лидерите повикуваат на агресија или даваат непримерени квалификации, зошто тогаш, кој било би се воздржувал од ваква комуникација? 

Марковиќ очекува дури и влошување на ситуацијата, бидејќи е предизборен период и додава дека негативната реторика ќе се зголемува од сите страни.

Во тој правец, една од недовршеностите на македонската транзиција лежи токму тука, во некултивираниот јавен дискурс, во кој секако спаѓа и политичката комуникација. Сепак, не треба да се заборави дека влегуваме во предизборен период и дека ваквата реторика ќе се зголемува од сите страни. Предизборието е период во кој страстите најмногу зовриваат, па затоа може да се очекува и понасилна реторика, која е дел од нашиот политички фолклор, заклучува Марковиќ. 

На спомената конференција во Варшава на Советот на Европа е утврдено дека политичарите и другите јавни личности имаат поголема одговорност од другите.

Политичарите и другите јавни личности имаат поголема одговорност, бидејќи тие поседуваат многу пошироки можности за ширење на предрасудите против одредена група. Уште повеќе последиците од политичкиот говор се поголеми, бидејќи политичарите се во позиција на авторитети: оттука, говорот на омраза врз потенцијалните навредувачи кои се чувствуваат охрабрени во нивната нетолеранција и поделеност. Во некои земји е усвоено дека кривичната одговорност е поголема доколку авторот на говорот на омраза има некаква јавна функција.

Оттаму и препораката дека политичарите како дел од својата одговорност треба јавно да ги осудуваат своите колеги кога употрубуваа нетолеранција, агресија или чист говор на омраза.

Затоа е неопходно да се зборува за ова на политичко ниво: доколку политичарите не зборуваат против говорот на помраза на своите колеги, молчењето може да биде интерпретирано како одобрување. Исто така е важно да се помовира клима каде различностите се вредности. Ние мора да негуваме политичка култура во Европа, таква што овие прашања и изјави ќе ги адресираме многу појасно. Како што постојано повторува Судот за човекови права, „различноста не смее да се третира како опасност, туку како извор за збогатување“, се вели во заклучоците од Конференцијата на СЕ, посветен токму на говорот на омраза во политичкиот говор.

Говорот на омраза е општо зло против кое се бори цивилизираниот свет, бидејќи една од причините за толку масовни заблуди и страдања во двете големи војни во 20-тиот век се должат токму на предрасудите предизвикани од говорот на омраза, кој, пак, главно се шири преку медиумите, а особено преку новите медиуми и преку развојот на интернетот.

Примерот со анти-семитскиот германски неделник „Штурмер“ и осудата на казна смрт со стрелање за неговиот главен уредник Јулиус Штрајхер на Нирнбершкиот процес, е доволен показател за опасноста од ширењето на говорт на омраза на политичарите преку медиумите.

За жал, во случајот со македонската пракса, засега не видовме некој медиум да се откаже од емитувањето на некој говор на политичар поради говор на омраза, ниту, пак, да ги предупреди своите консументи дека тоа што ќе го прочитаат или слушнат и видат, е говор на омраза, а според етичките правила во новинарството, но и според праксата на Судот во Стразбур, се должни така и да постапат.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција