Свети Николе сè уште без паркинг за автобуси и товарни возила

На парцелата предвидена за пракинг нема никакви активности за нејзино оспособување за паркирање на автобуси и товарни возила. Фото: Вистиномер

 

 

Изградбата на паркинг за товарни моторни возила во месноста Стар сточен пазар е со цел за олеснување на транспортната логистика за транспортерите со товарни моторни возила. (Буџет: 400.000,00 денари од буџетот на општина Свети Николе, Рок: 2014)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Изградба на паркинг за товарни моторни возила во месноста Стар сточен пазар“ пред три години, за време на предизборната кампања за локалните избори во 2013 годинина на светиниколчани им го вети градоначалникот Зоран Тасев. Во неговата изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Свети Николе“(стр.73), предвидено е овој проект да се резлизира во 2014 година. Со задоцнување од осум месеци во однос на ветениот рок за реализација, на 25.08.2015 година беше означен почетокот на изградбата на паркингот, но сепак моменталната состојба со истиот зборува дека ова ветување не е исполнето.

Градоначалникот на општина Свети Николе Зоран Тасев, при означувањето на почетокот на изградбата информираше дека паркингот ќе биде наменет за 30 товарни возила и 14 автобуси, а изградбата ќе чини 3,37 милиони денари– сума која остапува од вредноста на проектот(400.000,00 денари) која е наведена во изборната програма. Светиниколскиот градоначалник во оваа пригода изјави:

Со изградбата на овој паркингот ќе се реши дологодишниот проблем од некотролираното паркирање на камионите и автобусите на тротоарите и коловозите во градското подрачје, со што се попречуваше нормалното одвивање на сообраќајот во градот. Очекуваме да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а јавните површини ќе се заштитат од оштетување на кои досега беа паркирани возилата. Изградбата на овој паркинг е дел од предизборната програма што ја го ветив на граѓаните, а денес започнуваме со негова реализација.

Неколку месеци претходно, поточно на 12.05.2015година, градоначалникот, при посетата на локалитетот предвиден за реализација на проектот, рече дека новиот паркинг простор ќе биде целосно ограден, осветлен и со чуварска служба од 24 часа.

И покрај означениот почеток на негова изградба и зголемувањето на првично проектираните буџетски средства, на парцелата на која е предвиден пракингот веќе подолг временски период не се извршуваат какви било  градежни активности или инфраструктурни зафати, кои би биле во функција на нејзино оспособување за паркирање на автобуси и товарни возила. При преверката на состојбата на лице место, може да се забележат само бетонските столбови, без ограда, започната и недовршена влезна капија, како и тампонирана површина обрасната со трева. Практично она што е изградено како иницијална инфраструктура, при означувањето на почетокот на проектот, претрпува значајна штета како последица од влијанието на временските фактори, па истото, при евентуален повторен обид за продолжување на реализирањето на проектот, би требало да биде целосно реконструирано или санирано.

Од увидот на самата парцела се заклучува дека состојбата е далеку од тоа да се означи како организиран пракинг простор – ограден, осветлен и со 24 часовна чуварска служба – со капацитет да прими 30 товарни возила и 14 автобуси, ниту пак може да стане збор за постоење на можност за паркирање и на помал број на возила, односно не постојат ниту минимални инфраструктурни услови барем за парцијално искористување на проектираниот капацитет за паркирање. Само еден мал дел од просторот се користи како „див паркинг“ за автомобили од страна на месното население.

Имајќи го во предвид сето погоре наведено и со оглед на тоа што преземените иницијални активности за негова реализација, во случај на нов обид за исполнување на ветеното, ќе треба да бидат повторени во поголем дел, ако не и целосно, ова ветување може да се оцени како не исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: С. Манев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција