Ѓорче Петров – Општина со слаб локален економски развој
Иако, крупните проекти во Општина Ѓорче Петров не се реализирани, сепак исполнети се други ветувања кои индиректно придонесуваат кон локалниот економски развој на Општината. Така што оценката на Ацевски, дека во Општина Ѓорче Петров нема никаков локален економски развој е претерана
На 10.02.2017 година Костадин Ацевски, претседател на ОО СДСМ Ѓорче Петров, критикувајќи го работењето на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, меѓу другото, ја даде следнава изјава:
Ѓорче Петров 12 години е Општина без никаков локален економски развој
[Извор – Плусинфо, датум: 10.02.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изјавата на претседателот на ОО СДСМ Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, дека во Општина Ѓорче Петров нема никаков локален економски развој е премногу категорична. Иако, клучните проекти за локален економски развој во Општината не се реализирани, исполнети се други ветени проекти кои индиректно придонеле кон локалниот економски развој на Општината, така што неговата изјава ја оценуваме како полувистина.
За да ја оцениме вистинитоста на изјавата, односно дали во Општина Ѓорче Петров во изминатите години имало напредок во локалниот економски развој ќе го провериме статусот на имплементација на неколку клучни проекти од програмата на ВМРО – ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година за општина Ѓорче Петров, во делот за локален економски развој.
Еден од клучните проекти за локален економски развој е проектот за отворање на две индустриски зони, покрај реката Лепенец и покрај обиколницата на Скопје (стр.18, рок 2014 година). Ветувањето за реализација на овој проект беше предмет на оценка на Вистиномер во Јули 2016 година, истото беше оценето како неисполнето. Имено, изградбата на двете индустриски зони беше на големо најавувана во текот на предизборната кампања за локалните избори во 2013 година, но потоа нема податоци за спроведени активности за реализација на овој проект.
Друг проект кој е од значење како за заштитата на животната средина така и за локалниот економски развој на Општина Ѓорче Петров и е вклучен во изборната програма на Митровски, е проектот за Гасификација на Општина Ѓорче Петров (стр.17, рок декември 2016 година). Овој проект е дел од поширокиот децениски проект за гасификација на скопскиот регион кој се најавува на секои избори, а дури сега почнува изградбата на главната мрежа, а за дистрибутивната мрежа во Скопје сè уште се бара соодветен модел. Овој проект исто така е нереализиран.
Друг проект кој во програмата е наведен дека би придонел кон локалниот економски развој е проектот за формирање и функционирање на биро за поддршка на претприемништво како дел од општинската администрација (стр.18, рок март 2014 година). На веб – страницата на Општината нема информации дека вакво административно тело е формирано.
Друг проект кој се споменува во програмата на градоначалникот Сокол Митревски, а за кој нема достапни информации дека е реализиран е проектот за олеснување на политиката за локално оданочување преку намалување на комуналните такси за сите фирми што ќе инвестираат во општина Ѓорче Петров и ќе отворат 30 нови работни места.
Иако, овие проекти во Општина Ѓорче Петров не се реализирани, исполнети се други ветувања кои индиректно придонесуваат кон локалниот економски развој на Општината. На пример, изграден е кружен тек на бул. „Партизански одреди“ кај Порта Влае. Во с. Ново Село изградена е и пуштена во функција нова пречистителна станица, втора по големина во Македонија која е од исклучително значење нe само за Ѓорче Петров, туку и за поширокиот регион , а посебно за градот Скопје. Подобрена е локалната инфраструктура (училишта, градинки, патеки, паркинзи, канализациони и водоводни линии).
Имајќи ја предвид оваа анализа, изјавата на Ацевски дека во Општината нема никаков локален економски развој ја оценуваме како полувистина.
ИЗВОРИ:
- Извор:Плусинфо (10.02.2017): Ацевски: 12 години Ѓорче Петров нема никаков развој [Пристапено: 16.02.2017]
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Сокол Митровски (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Ѓорче Петров! (во делот Локален економски развој, страна 17 – 19) [Пристапено: 16.02.2017]
- Вечер (06.03.2013): Индустриските зони во Македонија се множат како печурки [Пристапено: 16.02.2017]
- Eкономски.мк (20.03.2013) : Груевски: До 2017 се планира изградба на две индустриски зони покрај Лепенец [Пристапено: 16.02.2017]
- A1on.mk (27.01.2013): Митревски по трет мандат во Ѓорче Петров [Пристапено: 16.02.2017]
- Портал на Општина Ѓорче Петров [Пристапено: 16.02.2017]
Оценето од: Милена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар