Нема абер од новиот мост на реката Бабуна во Богомила
Изградба на мост на реката Бабуна во с. Богомила заради заштита
на стариот Римски мост, преку кој моментално се одвива целокупниот сообраќај во тој дел од општината. (Извори на финансирање: Буџет на Република Македонија. Рок: 2013 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на мост на реката Бабуна во с. Богомила, со што ќе се заштити стариот Римски мост преку кој се одвива целокупниот сообраќај во тој дел од Општината, е неисполнето ветување на градоначалникот на Општина Чашка, Горанчо Пановски. Ова ветување е содржано во неговата предизборна програма за локалните избори во 2013 година, „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Чашка“.
Директорот на ЈП за Државни патишта Александар Стојанов, најавувајќи ја програмата по која ќе работи јавното претпријатие во 2017 година, на 16. февруари годинава го потенцираше и проектот за изградба на нов мост на реката Бабуна кај село Богомила, Општина Чашка.
Жителите од ова населено место, години наназад апелираат дека мостот кој според градбата спаѓа во категоријата рустични мостови е во лоша состојба, пренесе порталот Лисица.
Ветувањето за овој мост го има во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори кои се одржаа лани во декември, како проект што допрва треба да се реализира, односно во периодот 2017 – 2019 година. Во делот посветен на проектите за изградба и реконструкција на мостови се вели:
Мост бр.2 на регионален пат Р2336 на р. Бабуна при влез во Богомила, општина Чашка, на местото од постоен оштетен мост со должина од 30 м и ширина од 8,5 м. Буџет: проценета вредност од 293.000 евра Рок: 2017-2019 година.
Имајќи го предвид сето ова може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Чашка, Горанчо Пановски, дека до крајот на 2013 година ќе се изгради нов мост на реката Бабуна кај село Богомила, е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Програма за локални избори 2013-2017 на Горанчо Пановски – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Чашка“ (стр.60) [Пристапено на 21.03.2017]
- Програма за парламентарни избори на ВМРО-ДПМНЕ 2017-2020 – „Реално! Работа, сигурност, напредок!“ (стр.75) [Пристапено на 21.03.2017]
- Лисица.мк (16.02.2017) – Ќе се гради мост на реката Бабуна во с.Богомила [Пристапено на 21.03.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар