Додека се чека „наследникот“ на Дарлишта, им истече мандатот на уште две уставни судијки

Уставниот суд сега работи со шест судии, на уставните судии Дарлишта, Старова и Дабер-Дамјановска им истече мандатот Фото: ustavensud.mk

 

Избор на член на Уставниот суд, на кој му престанува мандатот.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владината временска рамка  за итните реформски приоритети,  Планот „3-6-9“ –  објавен  на  0.5.07.2017 година, меѓу другото предвидува и  „избор на член на Уставниот суд“. Оваа обврска (наведена во делот за соработка (кохабитација) со претседателот на државата, стр3) , требаше да биде реализирана во  првите три месеци, односно до локалните избори (15.10.2017), кои ДИК вчера (15.11.2017) и официјално ги прогласи за завршени. Сепак,  досега (16.11.2017) не е избран нов уставен судија, така што, ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Инаку, станува збор за избор на уставен судија кој треба да дојде на местото на Исмаил Дарлишта, чиј мандат во Уставниот суд заврши  на 31 јули 2017 година, а беше избран на 31 јули 2008 година како предлог на собраниската Комисија за избори и именување.

Оваа Комисија треба до Собранието  да го  достави предлогот и за уставниот судија кој треба да дојде на местото на Дарлишта, по што парламентот на пленарна седница треба да расправа и да гласа за предложениот кандидат.  Споменатата Комисија има вкупно 13 члена, претседател (пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ) и 12 члена.  Во составот на Комисијата има шест членови од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и по еден од ДУИ и од Беса. Досега нема информација дека е закажана седница на Комисијата со ваква точка на дневен ред.

На 30 август  2017 година вицепремиерот за европски прашања,  Бујар Османи пред почетокот на седницата на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), како што пренесоа медиумите, во врска со реализацијата на Планот  „3 – 6 – 9“  изјави дека има доцнење со мекрикте од првиот дел од Планот  кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата,  а притоа го посочи и Собранието:

Собранието на пример доцни и во изборот на член на Уставниот суд на кого му престанува мандатот. ( Османи)

„Вистиномер“ минатата недела ја провери исполнетотста на  „Планот 3-6-9“,  при што од Владата  ни беше одговорено дека „од вкупно 73 мерки целосно се реализирани 59 мерки, а имплементацијата на 14 мерки е во тек“. Во одговорот  е напоменато дека  овие 14 мерки

не се во директна надлежност на Владата туку во надлежност на други независни институции.

 Исто такасе тврди дека некои од овие мерки, иако се дел од Планот за првите три месеци, немаат рок, а како таков е посочен и

Изборот  на член на Уставниот суд, на кој му престанува мандатот

Ваквото тврдење на Владата го сметаме за недоследно, бидејќи во воведот од Планот „3-6-9“ (стр.1) објавен на сајтот на Владата е децидно наведено дека мерките кои се споменуваат во Планот се однесуваат на првата група и треба да се спроведат до локалните избори.

Предложените мерки од првата група, содржани во овој План, треба да се реализираат до локалните избори.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Судиите ги избира Собранието на Република Македонија за време од девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.

Неодамна , на седми октомври 2017 мандатот  им  заврши и на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, кои беа избрани на седми октомври 2008 година , како предлози на тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Така што во Уставниот суд сега има само шест судии,  што може да се види и на веб-страницата на Уставниот суд каде како „Судии на Уставниот суд“ се посочени:

Никола Ивановски Претседател 2016
Елена Гошева Претседател 2013 2016
Јован Јосифовски
Вангелина Маркудова
Сали Мурати
Владимир Стојаноски

 

Агенцијата Мета деновиве (10.11.2017) информираше дека претседателот на Собранието, Талат Џафери сè уште ги чека од шефот на државата имињата на двајцата кандидати за судии во Уставниот суд,  кои треба да се изберат на негов предлог.

Џафери соопшти дека неговиот кабинет стапил во контакт со кабинетот на Иванов за номинирање на двајцата судии, но оти не знае до каде е процедурата, бидејќи сè уште не добил одговор. (Мета)

 ТВ 24 вчера (15.11.2017)  повикувајќи се на кабинетот на Претседателот на државата, извести дека претседателот Ѓорге Иванов „до крајот на неделата до Собранието ќе достави предлози за избор на двајца членови на Уставниот суд“.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција