Лесно ветени милијарди евра и стотици километри нови патишта

Автопатот Миладиновци - Штип Фото: mtc.gov.mk

Извесно е дека оваа година, па и наредната, нема да бидат изградени други нови километри патишта (автопати или магистрални), освен автопатите кои се започнати пред неколку години, Демир Капија-Смоквица и Миладиновци-Штип (во време на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ) и за кои се најавува завршување во текот на 2018 година. Така што, ова изборно ветување на социјалдемократите, наведено во програмата насловена „План за живот во Македонија“ (на стр.6), а кое е дадено за десетгодишен период и го надминува мандатот на оваа Влада (2017 – 2020), што, исто така, е проблематично, го сметаме за недоследно

 

Испланиравме 3 милијарди евра за патната инфраструктура. За 10 години планираме нови 600 километри автопатишта, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, 2016, „План за живот во Македонија“ (стр.6), датум: ноември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во програмата со која излезе на предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) и со која го доби мандатот од граѓаните, СДСМ вети дека за 10 години ќе бидат изградени нови 600 километри автопатишта, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални, за што се испланирани три милијарди евра. Според ветеното, излегува дека просечно годишно ќе се инвестираат 300 милиони евра за изградба на 60 километри автопати, 55 километри магистрални и 100 километри локални патишта. Во првите шест месеци од мандатот на оваа Влада, која беше избрана шест месеци по параламентарните избори (31.05.2017), такви инвестиции нема. За наредната 2018 година, пак, се најавуваат неколку нови инвестиции во патната инфраструктура и нивната изградба (според роковите за реализација) би траела најмалку две до три години, односно до крајот на мандатот на актуелната Влада (2020), а за некои и подоцна  –  до 2021 година.

Што значи, извесно е дека оваа година, па и наредната, нема да бидат изградени други нови километри патишта (автопати или магистрални), освен автопатите кои се започнати пред неколку години, Демир Капија-Смоквица и Миладиновци-Штип (во време на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ) и за кои се најавува завршување во текот на 2018 година. Така што, ова изборно ветување на социјалдемократите,  наведено во програмата насловена „План за живот во Македонија“ (на стр.6), а кое е дадено за десетгодишен период и го надминува мандатот на оваа Влада (2017 – 2020), што, исто така, е проблематично, го сметаме за недоследно. Дополнително, не јасно е дали и каде во Македонија има простор за градење нови 600 километри автопатишта, плус 550 километри магистрални патишта!

На почетокот на декември (04.12.2017 г.), презентирајќи го предлог-буџетот за 2018 година за Министерството за транспорт и врски, министерот Горан Сугарески ја спомена патната инфрструктура само во една реченица на крај од неговото излагање, при што рече:

Исто така, сакам да потенцирам дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта ќе продолжиме со изградба и реконструкција на патната мрежа во Република Македонија.

Откако заврши со презентацијата, Сугарески, на новинарско прашање што конкретно ќе се гради во патната инфраструктура наредната година, најнапред појасни дека тоа се планира преку годишната Програма на Јавното претпријатие за државни патишта, која за наредната (2018) година сѐ уште не е изготвена. Не е јасно ниту кога оваа програма би била готова, како што не е јасно ни што се чека со нејзината изработка и објавување, ако се знае дека 2018 година почнува за само 2 недели.

Во оваа прилика Сугарески кажа дека ќе продолжи изградбата на автопатиштата и посочи дека ќе финишираат автопатите кои веќе подолго време се во изградба (од 7,50 до 10,50 минута од видеото) :

Планирано е во март да биде пуштен автопатот Демир Капија-Смоквица, до крајот на септември наредната година да биде изграден автопатот Миладиновци-Штип и, дополнително, да се направи анекс на договор за изградба на автопатот Кичево-Охрид на којшто во моментот и се работи, мислам дека и преговорите се некаде во завршна фаза.

(Да потсетиме дека изградбата на автопатите Демир Капија-Смоквица и Миладиновци-Штип стартуваше пред неколку години. Во септември 2012 година почна изградбата на Демир Капија–Смоквица и требаше да заврши до 2016 година , а во февруари 2014 година  беше удрен камен-темелникот на  Штип-Миладиновци и требаше да биде готов до 2017 година)

Инаку, како нов автопат што треба да почне да се гради, Сугарески при презентацијата на предлог-буџетот за 2018 г.,  ја спомена  само автопатската делница Скопје-Блаце, која е во должина од 13 километри и за која рече дека се прави репроектирање . Потоа ќе следува постапката за тендерирање и дури некаде  на почетокот  на 2019 година (или крајот на 2018 година) се очекува да почне изградбата на автопатот Скопје-Блаце.  Сугарески кажа  и дека со Програмата што ја прави ЈП за државни патишта, ќе се утврди дали во 2018 година ќе почне  за изграбата на патот Дебар-Тирана.

Во својот настап тој  напомна  дека ќе продолжи изградбата на почнатите експресни патишта и дека ќе има активности за нови зависно од завршувањето на проектната и документација и тендерите. Притоа, тој ги посочи делниците:  Градско-Дреново, Ранковце-Крива Паланка, Штип-Радовиш и Штип-Кочани.

Да појасниме дека изградбата на експресниот пат Штип-Кочани, во должина од 23 километри, почна  пролетта 2017 година, пред крајот на мандатот на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и, како што тогаш беше кажано, треба да заврши за две години, односно пролетта 2019 година. Изградбата на овој пат е во тек, меѓутоа, како што соопшти министерот Сугарески,  има  проблеми во однос на експропријација на земјиштето и три археолошки наоѓалишта, но се работи за надминување на овие проблеми. Другите 3 погоре наброени делници треба допрва да почнат да се градат.

За експресниот пат од Штип до Радовиш (долг 23,5 километри), Сугарески  во ноември (2017) на прес-конференција најави дека неговата изградба ќе почне најдоцна за еден месец (декември 2017 г.) и ќе трае 3 години, односно ќе биде завршен крајот на 2020 или почетокот на 2021 година. На истата прес-конференција Сугарески информираше дека до крајот на оваа година (2017) ќе започне и изградбата на делницата Градско–Дреново (15 километри и би бил готов 2020 г.) и дека се пред потпишување и на договор за изградба на првата фаза од експресниот пат Ранковце-Крива Паланка. Сепак, досега (15.12.2017) не е почната изградбата на ниту една од овие делници.

Инаку, за експресниот пат Ранковце – Крива Паланка (26 километри),  претходната Влада потпиша договор за кредит од Светска банка вреден 83 милиони евра, уште во октомври 2015 година и тогаш беше кажано дека изградбата се планира да заврши за три години. Што значи, доколку експресниот пат Ранковце-Крива Паланка почне да се гради во 2018 година, би бил готов најрано во 2021 година.

Имајќи го предвид сето ова, излегува дека ветувањето на СДСМ дека за 10 години ќе се изградат нови 600 километри автопатишта, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта“, односно годишно: 60 километри автопати, 55 километри магистрални и 100 километри локални патишта, е преамбициозно. Дури и под претпоставка до крај на мандатот на оваа Влада (2020) да се изградат споменатите експресни патишта патишта Градско-Дреново, Ранковце-Крива Паланка, Штип-Радовиш и Штип-Кочани, во вкупна должина од околу 90 километри, како и автопатската делница Скопје -Блаце долга 13 километри, (иако во моментот е почната изградбата само на експресниот пат Штип-Кочани), тоа е далеку од изборното ветување на социјалдемократите, кое според Методологијата на „Вистиномер“ го оценуваме како недоследно.

 

Забелешка: Минатиот месец (27. 11. 2017) беше соопштено дека  Министерството за транспорт и врски во соработка со ЈП за Државни патишта отпочнаа со реализација на проектот за реконструкција на 12 (дванаесет) регионални патни правци со вкупна должина 166 километри. Средствата за реконструкција на овие патни правци се обезбедени од Светска банка, а инвестициската вредност изнесува 14 милиони евра. Јавноста беше информирана дека ЈП за Државни патишта веќе потпишало договор со проектантска компанија за изработка на концептуални проекти и тие проекти се очекува да бидат завршени за четири месеци. Регионалните патни правци не се дел од ветувањето кое е предмет на нашата анализа, со оглед на тоа што со него се ветува изградба на нови автопати, магистрални и  локални патишта во наредните десет години.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција