Обновено е спортското игралиште „Лепенец“

Од реконструкцијата на спортскиот центар „Лепенец“ Фото: Општина Карпош

 

 

ВЕТУВАЊЕ: Ревитализација на спортскиот центар „Лепенец“ и повторно заживување на ФК „Лепенец“.  (Рок: 2018 година)

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.27) , датум: октомври 2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за ревитализација на спортскиот центар „Лепенец“ и повторно заживување на ФК „Лепенец“ е исполнето ветување на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев. Ветувањето е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2020 година насловена како „Живот во Карпош! За сите!“ (стр.27), во која за овој проект е наведено:

Предвидуваме обновување и реконструкција на фудбалското игралиште, реновирање на соблекувалните и поставување нови трибини. Со овој проект обезбедуваме и поддршка на фудбалскиот клуб „Лепенец“ и негово заживување како и можност за напредок во фудбалската лига. Во изминатите години, ова игралиште е користено за спорт и за рекреација на аматерско ниво, додека ФК „Лепенец“ беше тотално заборавен. Даваме можност за развој на еден од фудбалските клубови кој потекнува од нашата општина. Со поддршка од општината и со подобрување на условите за тренинг, убедени сме дека ќе придонесеме кон подобрување на состојбите во овој клуб, но генерално, и за фудбалот како спорт, се наведува во програмата на Богоев.

Ветувањето за ревитализација на спортскиот центар „Лепенец“, Богоев го даде и за време на предизборната кампања, на 08.10.2017 година, кога ги посети жителите на Бардовци.

…Предвидено е и изградба на спортски центар  „Лепенец“. Планираме реконструкција на фудбалското игралиште, соблекувалните и трибините. Ќе овозможиме и заживување на фудбалскиот клуб Лепенец и дополнително активирање на младинската школа“, посочи Богоев.

На 29.12.2017 година, градоначалникот Богоев, на својот Фејсбук профил, објави дел од проектите предвидени со буџетот на Општината за 2018 година. Меѓу нив се вброја и ревитализацијата на спортскиот центар „Лепенец“ во Бардовци.

На официјалната веб-страница на Општина Карпош не може да се најде информација во врска со спортскиот центар „Лепенец“. Токму поради тоа, „Вистиномер“ се обрати до Општина Карпош, од каде ни одговорија дека обврските кои ги презела Oпштината околу обновувањето на спортскиот центар „Лепенец“ во целост се исполнети. .

Тие обврски се однесуваат на обнова на теренот, поставување на заштитна мрежа и оградување на игралиштето. Тоа се нужни предуслови за одржување на спортски натпревари, а самото заживување на  ФК „Лепенец“ е во доменот на основачот на клубот. Општината го обнови бетонското игралиште и постави нови мрежи за оградување на истото. Дополнително, финансиски ќе ги поддржиме младинските школи на ФК Лепенец (потребно е клубот да се јави на јавниот повик за поддршка на спортски клубови). Целиот овој потег прераснува во зона за спорт и рекреација, како за фудбалските клубови, така и за граѓаните од овој дел на Карпош, ни одговорија од Општината.

Во прилог на одговорот од Општината  ни доставија и фотографии од реконструкцијата.

Имајќи го предвид сето ова, може да се каже дека ветувањето на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, за ревитализација на спортскиот центар „Лепенец“, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција