Дезинформации за коронавирусот

Фото: pixabay.com

 

Најголемиот број од светската популација денес не доживеала пандемија, но моментално сите заедно ја доживуваме. Ваквите кризни моменти покрај лошите ефекти имаат и добри страни: нѐ прават посовесни, поздружени и порационални и ја зголемуваат нашата спремност за соработка. Но, од друга страна, пак, ваквите ситуации, доколку се доживеат емоционално, знаат да ја зголемат паранојата и да доведат до ширење на дезинформации.

 

Пишува: Билјана Танеска

 

Во моментот целиот свет е во состојба на подигната спремност и најголем број од комуникациските канали се претрупани со информации поврзани со пандемијата од COVID – 19: голем дел од нив се однесуваат на вести за број на заболени и починати, начини на кој се справуваат владите ширум светот, откажани настани и собири, активни карантини, препораки за справување со пандемијата и начини како да се заштитиме. За жал има еден дел од информациите (најчесто се споделува неофицијално, преку месинџери и во постови, како и во групи на социјални медиуми), кој се занимава со заговорнички теории и надрилекарства за лекување од вируот. 

Голем број од луѓето кога ќе наидат на ваква информација, реагираат така што ќе ја споделат понатаму, зашто не чувствуваат дека прават нешто лошо или погрешно, но само сакаат да помогнат.

Од голема важност е да се препознае моментот дека токму препраќањето на тие вести може да биде најштетно. Ова е посебно важно поради објавата од страна на Министерството за внатрешни работи дека ширачите на лажни вести за корона вирусот ќе бидат законски санкционирани

Токму поради ова би сакале да ви споделиме дел од овие наизглед нештетни надрилекарства, како и дел од прилично штетните заговорнички теории.

 

  • Лукот го уништува корона вирусот.

Оваа вест се рашири насекаде во светот. Луѓето ја шират во постови, преку месинџери и во групи. Некои препораки кажуваат само да се јаде лук, некои навлегуваат во детали и рецепти, како во примерот кој наведува делка 8 исецкани чешниња лук треба да се зовријат со 7 чаши вода и да се пијат, а со тоа ќе се излечат преку ноќ!

Лукот е докажано дека е корисен за здравјето и има позитивен ефект, но никаде и никогаш не е докажано дека може да го победи корона вирусот или кој и да било друг вирус. Што е уште поинтересно преголемата консумација на лук може да биде и штетна што се покажало во случај со жена во Кина која завршила во болница со изгорено грло следејќи ги ваквите надрилекарства. 

  • Пиење вода на секои 15 минути ќе го уништи вирусот и задржување на здивот помага во самодијсгностицирање

Ова е слична вирална порака која се препраќа преку месинџер и шири непроверена информација која нема никаква логика.

Новиот коронавирус COVID-19 може да не покажува знаци на инфекција многу денови * пред што е невозможно да се знае дали некое лице е заразено.  Но, кога ќе имате треска и / или кашлица и одите во болница, вашите бели дробови обично се веќе 50% фибротични и премногу е доцна!

 Тајванските експерти предлагаат да направиме едноставен преглед што можеме да го правиме секое утро:

 Земете длабок здив и држете го здивот повеќе од 10 секунди.  Ако успешно го завршите без кашлање, без непријатност, чувство депресивно, итн., Тоа укажува дека нема фиброза во белите дробови, што укажува дека во суштина нема инфекција.

 Во такви критични периоди, направете ја оваа проверка секое утро на свеж воздух!

Овие се сериозни и одлични совети од јапонски лекари кои третираат случаи на СОВИД-19.  Секој треба да се погрижи устата и грлото да се влажни, НИКОГАШ суви.  Земете неколку голтки вода најмалку на секои 15 минути.  ЗОШТО? Дури и ако вирусот влезе во устата … вода или други течности ќе го избркаат преку хранопроводот и во стомакот. Еднаш во стомакот … Гастричната киселина ќе го убие целиот вирус.  Ако не пиете доволно вода редовно … вирусот може да влезе во цевки и бели дробови и тоа не е добро

Споделете ги овие информации со вашето семејство, пријатели и познаници за-солидарност и граѓанско чувство !!!

Држење на устата влажна и плакнење на вирусот од грлото во желудникот каде што ќе биде уништен од желудочната киселина можеби на некого му делува логично, но е далеку од медицинска научна вистина. Потоа, пиењето вода не е нешто што може да му наштети на здравјето, но сепак не е препорачливо да се претерува ниту со вода. А, исто така, и самодијагностицирањето со помош на задржување на здивот нема никаква медицинска поткрепа.

 

  • Алкохолот го убива корона вирусот

Да, кога се користи како средство за дезинфекција, но не кога се прима орално. Алкохолот е важен при убивање на вирусот од површини на кои вирусот може да преживее дури до 3 часа, или кога се наоѓа со над 60% во антибактериски гелови, но не помага во убивање на корона вирусот во нашиот организам. Во Иран загинаа над 40 луѓе поради пиење на индустриски алкохол за да се заштитат од вирусот. 

 

  • Пиење сребрена вода. 

Во светот се рашири и препораката да се консумира сребрена вода за заштита од корона вирусот. Ова тврдење нема никаква поткрепа во медицината и е маркетиншка мамка на продавачите на колоидното сребро (или сребрената вода) што е течен раствор, кој содржи мали количини сребро во себе.

Досега не е докажано дека колоидното сребро има некакви позитивни ефекти кога се пие, а дури и може да има одредени несакани ефекти

 

 

Овој напис е дел од специјалното известување на Фондацијата Метаморфозис за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција