Дебакл има, ама во насловот на текстот, а не во здравствениот систем

Насловот треба да информира, а не да дезинформира. Насловот на еден текст се извлекува од самата содржина на текстот и тој треба да биде реален, а не како во случајов да манипулира и да шири лаги

 

Скриншот од веста што се рецензира

Линк до оригиналниот напис: ДЕБАКЛ: Здравствениот систем пред КОЛАПС… видете ја конечната бројка за денес

Датум и време на објавување: 18.6.2020

Датум на рецензирање: 22.6.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

Овој текст има бомбастичен наслов, кој најавува загрижувачка и сериозна работа. Насловот во првиот дел вели „ДЕБАКЛ: Здравствениот систем пред КОЛАПС“, што веднаш, на прв поглед создава паника кај читателите.

Но, подолу во написот нема ништо од дебакл и колапс на здравствениот систем. Има пласирано само дневен извештај од Министерството за здравство за актуелната состојба со Ковид-19. Овие извештаи ресорното министерство ги испраќа секој ден до медиумите и во нив се дадени бројки на новозаразени, починати и оздравени од корона-вирус на дневно ниво.

Не е јасно од каде во насловот е извлечен заклучокот дека здравствениот систем во Македонија е пред колапс, кога такво нешто не се спомнува во текстот никаде. Нема никакви податоци за тоа во каква состојба се болничките капацитети, колку тие се пополнети или не, нема податоци за тоа со колкав и каков медицински персонал се располага, нема податоци за тоа колку луѓе, на пример, се на респираторна поддршка, дали има доволно репсиратори… Во текстот нема ништо во врска со состојбата на здравствениот систем, а се извлекува заклучок и се шири паника.

Насловот треба да информира, а не да дезинформира. Насловот на еден текст се извлекува од самата содржина на текстот и тој треба да биде реален, а не како во случајов да манипулира и да шири лаги. Освен ова, во услови на пандемија, ваквиот наслов е и сензационалистички. И двете прекршувања што со себе ги носи овој текст се нормирани и забранети и со Кодексот на новинари на Македонија.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција