Ахмети: Не може на избори во јуни поради Фитр Бајрам
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, изминатиот викенд (30.01.2016), меѓу причините зошто не можат да се одложат изборите предвидени за 24 април годинава, ги навeде обредните ритуали поврзани со верскиот празник Рамазан Бајрам. Ахмети , зборувајќи пред Генералниот совет на ДУИ, во кој членуваат највисоките претставници на оваа партија која е коалициски партнер на ВМРО ДПМНЕ во власта, меѓу другото, изјави:
Без институционална организација не може да ги изменаџираме овие ситуации. Имаме проблем со името и за членството во НАТО треба да се преговара, ако датумот се помести ќе го изгубиме самитот на НАТО. И не можеме да прифатиме друг датум, бидејќи нашиот електорат го чека и постење бидејќи во јуни се рамазанските пости.
[Извор: МЕТА Датум: 30.01.2016 ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова образложение на Али Ахмети, дека „нашиот електорат го чека и постење, бидејќи во јуни се рамзанаските пости“ е недоследно, а ако се земе предвид дека алтернативниот термин што го предложила и ВМРО ДПМНЕ и меѓународната заедница е пети јуни (како што пишуваа медиумите за време на последната посета на еврокомесарот Хан), тогаш изјавата на Ахмети е и невистинта.
Република Македонија според Уставот е секуларна држава. Тоа значи дека верата и религијата се одвоени од државата. Во член 19 од Уставот е наведено дека се гарантира слободата на вероисповеста, но и дека верските заедници се одвоени од државата. Тоа детално е напишано во став 3 од членот 19, донесен со уставните амандмани во 2001 година:
Македонската православна црква, како и Исламската заедница во Македонија, католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.
Бидејќи одржувањето на парламентарни избори е работа во доменот на државното уредување, сосема е јасно дека еден верски празник, макар и најголем, не би требало да се поврзува со активностите на државата. Оттука, изјавата на Ахмети може да се смета како недоследна.
Врпочем, дека изборите не се поврзуваат со верските празници може да послужи и верскиот календар на православната заедница во Македонија, во 2014 година. Тогаш првиот круг на претседателските избори се одржа на 13 април, само седум дена пред Велигден кој тогаш се падна на 20 април, а познато е дека последните седум дена пред најголемиот празник меѓу верниците од оваа вероисповест се одвиваат во строг пост.
Но покрај тоа, таа може да се смета и за невистините, бидејќи постите поврзни со Рамазан траат еден месец пред самиот празник, а годинава тој се паѓа на 5 јули, што значи постите започнуваат во понеделник 6 јуни. Датумите ги проверивме со календарот за муслиманските празници во 2016, објавен од Исламската верска заедница.
Тоа значи дека ако изборите се одржат на 5 јуни, верниците од муслиманската вероиповед нема да бидат афектирани од таквата одлука во смисла на попречување на обредите. Тоа, пак, значи дека изјавата на Ахмети е невистинита.
ИЗВОРИ:
- МЕТА (30.01.2016): Ахмети: Избори во април зашто во јуни се рамазанските пости [Пристапено на 01.02.2016 ]
- Собрание на РМ: Устав на Република Македонија [Пристапено на 01.02.2016 ]
- Wikipedia – Претседателски избори во Македонија [Пристапено на 01.02.2016 ]
- Министерство за труд и социјална политика – Неработни денови за 2014 [Пристапено на 01.02.2016 ]
- Верски календар за православни верници [Пристапено на 01.02.2016 ]
- Министерство за труд и социјална политика – Неработни денови за 2016 [Пристапено на 01.02.2016 ]
- ИВЗ на РМ – Верски календар на Исламска верска заедница за 2016 година [Пристапено на 01.02.2016 ]
Оценето од: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар