Американската ЦДЦ не признала дека 96 отсто од починатите од ковид-19 се лажни податоци

Фото: скриншот од дел од постот

Лажна вест, чие што потекло е поврзано и со Q теориите на заговор и со Доналд Трамп, и која потекнува од август 2020 година, повторно се шири низ социјалните мрежи како ново откритие на американскиот Центар за контрола и превенција на болести ЦДЦ (CDC)

Лажна вест, чие што потекло е поврзано и со Q теориите на заговор и со Доналд Трамп, и која потекнува од август 2020 година, повторно се шири низ социјалните мрежи како ново откритие на американскиот Центар за контрола и превенција на болести ЦДЦ (CDC)

 

Пост на Фејсбук на македонски јазик шири лажна вест дека главната американска институција за превенција и контрола од заразни болести ЦДЦ (CDC) признала оти бројката на починати од ковид-19 е многу мала, односно само 6 проценти од вкупниот број на починати.

Во објавата се наведува конкретно таквото тврдење:

ЦДЦ признава дека најмалку 96% од смртните случаи од Ковид19 биле ЛАЖНИ!

Под ваквото тврдење е залепена фотографија од Њутуб апликацијата (newtube.app), на кое е прикажана слика од видео на ОAN телевизијата (позната по поддршка на теориите на заговор и на Доналд Трамп), а под таа слика е испишан текстот на англиски кој преведен и изменет на македонски со зборот ЛАЖНИ, го пласира авторот на постот.

 

Лажна вест наместо лажни податоци од ЦДЦ

Фактите говорат дека оваа вест е лажна, а позната е и историјата на оваа лажна вест која почнува да се шири некаде есента 2020 по еден речиси истоветен твит на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп (види август 30 во 5:33:46 am).

Најпрво, никаде на веб сајтот на ЦДЦ, каде што се објавуваат сите податоци врзани за пандемијата, не може да се најде такво признание или таква вест!

Ако се појде на апликацијата Њутуб и се пребара по соодветните параметри, ќе се види дека такво видео продуцирано од соодветната телевизија, не е пласирано на оваа мрежа. Пребарувајќи ја фотографијата, т.е. скриншотот што е залепен до постот, исто така, не може да се најде соодветен истоветен или сличен скриншот, т.е. фотографија, на ниту еден пребарувач за фотографии на интернет. Според тоа, може да се потврди и дека фотографијата е лажна т.е. непостоечка, односно скриншотот е монтиран од самиот корисник што го пласира постот.

Ако се навлезе во суштината на кажаното од телевизијата OAN, таков прилог со многу слични бројки бил емитуван на телевизијата, но на 13 декември, а е пренесен на твитер од еден американски корисник на оваа мрежа.

Веста спакувана во ТВ прилог, всушност, кажува дека американските болници воделе погрешна или лажна статистика за починатите од ковид-19 и дека преку 130 илјади починати што биле заведени така, всушност, починале од грип, пневмонија, срцев удар и други причини. Наводно, причините за заведување како починати од ковид-19 била таа што болниците добивале додаток од државата доколку лекуваат пацинти со ковид-19.

Може да се види дека во прилогот се листа апдејт на документ од ЦДЦ, поточно од Националниот центар за здравствена статистика (NCHS), кој работи во рамките на ЦДЦ. Станува збор за дневна, неделна, квартална и годишна статистика што се води за починатите од сите типови болести во САД, а во тие рамки и статистиката што се однесува за ковид-19 како причина за смрт. Но, во самиот прилог се гледа дека апдејтот за кој што се зборува е од 21 октомври 2020 година.

Де факто, станува збор за погрешна интерпретација на вистински документ на ЦДЦ, односно на Националниот центар за здравствена статистика. Еден таков документ со најнов датум може да се види на следниот линк и таму јасно се покажува дека има точна разлика помеѓу починатите од ковид-19 и од други болести (види ја фотографијата подолу).

Изглед на документот од ЦДЦ кој покажува како се води статистиката

Историјат на лажната вест

Оваа лажна вест има своја историја и таа потекнува од 30 август 2020 година. Станува збор за твит на Трамп од тој датум во кој се ретвитува, всушност, лажната вест што ја пласира корисник Мел Ку (Mel Q), кој е следбеник на теориите на заговор што ги шират Кју (Qanon) следбениците.

Лажната вест од август лани, тврди, многу слично како и оваа што ја рецензираме, дека само 6 проценти од починатите во САД што се воделе како починати од ковид 19, се вистински починати од таа болест, додека другите 94 отсто умреле од некоја друга болест.

Проверувачите на факти, ние тука го земаме Ројтерс, уште во следните неколку дена ја разобличиле оваа лажна вест, појаснувајќи дека станува збор за манипулација со вистински документ на ЦДЦ и за злонамерна интерпретација. Станува збор за пресметка на починати, при што 94 отсто од починатите имале друга болест како коморбидитет, а само 6 отсто немале никаква друга болест освен ковид-19. Но, тоа не значи дека овие 94 отсто почнале од другата болест, туку како компликација што настанала поради ковид-19. Ден подоцна истата лажна вест беше разобличена и од Би-Би-Си

Но, најважно од сè, е што таа вест на која Трамп ѝ даде „погонско гориво“ преку својот твит, уште следниот ден на 1-ви септември 2020 прв ја демантираше и главниот американски советник за ковид-19 д-р. Ентони Фаучи, што може да се види од следниот прилог на американската CNBC телевизија.

Според фактите што ги собравме и презентиравме, нема сомнение дека постот што го рецензираме, е всушност – дезинформација.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција