АНАЛИЗА: Цените на млечните производи и на маслото со најголем пад на светскиот пазар – дома инфлацијата преполовена
Десетти месец по ред Светската организација за храна на месечно и на годишно ниво регистрира пад на цените на храната, кој на годишно ниво е најголем кај млечните производи и маслото за јадење, пишува Порталб.мк. Дома октомвриската инфлација на годишно ниво изнесува 3,5 отсто и е една од најниските стапки во изминатиот период. Што очекуваат економистите, дали ценовниот притисок ќе „попушти”?
Десетти месец по ред Светската организација за храна на месечно и на годишно ниво регистрира пад на цените на храната, кој на годишно ниво е најголем кај млечните производи и маслото за јадење, пишува Порталб.мк. Дома октомвриската инфлација на годишно ниво изнесува 3,5 отсто и е една од најниските стапки во изминатиот период. Што очекуваат економистите, дали ценовниот притисок ќе „попушти”?
Паралела: Цени на храната на светскиот и на домашниот пазар
Во октомври нов пад на цените на основните прехранбени производи на светските пазари. Светската Организација за храна ФАО ги објави новите податоци кои покажуваат пад кај сите основни прехранбени производи, и на месечно и на годишно ниво. Конкретно индексот на цените на основните прехранбени призводи во октомври изнесувал 20,6 отсто, што претставува пад од 0,5 отсто во однос на септември и 10,8 отсто во однос на истиот месец лани.
Податоците покажуваат дека во октомври годинава во споредба со истиот месец лани најголем пад на цените има кај млечните производи за 20,1 отсто и кај маслото за јадење за 20,7 отсто. Но, за значителни скоро 18 отсто е намалена и цената на житарките. Не само на годишно, цените се намалени и на месечно ниво, па така во однос на септември, цената на житарките е намалена за 1 отсто, на маслото за 0,7 отсто, на млечните производи за 2,2 отсто, на месото за 3,4 отсто, а на шеќерот за 2,2 отсто.
Во октомври, меѓународните цени на свинското месо паднаа трет последователен месец. Спротивно на тоа, светските цени на месото од живина благо закрепнаа. Меѓународните цени на говедско и овчо месо, исто така, маргинално се зголемија, се наведува во октомвриската анализа на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Според најновите ревидирани прогнози на Народната банка, овој тренд на пад на цените во светски рамки се очекува да продолжи.
Се очекува дека глобалната инфлација и натаму ќе се намалува, односно ќе забави сведувајќи се на 6,9% во 2023 година, па на 5,8% во 2024 и 4,6% во 2025 година, соопштија од Народната банка.
Дали овој тренд на пад на цените на светските пазари соодветно се прелеа и кај нас? Во октомври во споредба со истиот месец лани вкупната инфлација изнесувала 3,5 отсто, додека само кај храната (освен основни прехранбени производи вклучени се и кафе, безалкохолни пијалаци, чај) изнесува 0,7 отсто. Цените на основните прехранбени производи во октомври во однос на септември се намалени (освен за рибата, шеќерот и чоколадото…). Во однос на октомври лани, најголем ценовен пад има кај маслата, додека раст има кај овошјето, зеленчукот, шеќерот, месото, рибата.
Во октомври годинава во споредба со истиот месец лани, индексот на цените на овошјето е зголемен за 11,2 отсто, на зеленчукот за 4,5 отсто, а на рибата за 6,8 отсто.
Прогнози на економските аналитичари и на монетарната власт
Економските аналитичари очекуваат забавување на инфлацијата, годинава на ниво од 9,5 отсто, следната година 5 отсто, додека во 2025 прогнозираат 3,2 отсто стапка на инфлација.
Како фактори коишто би можеле да предизвикаат нагорни притисоци на инфлацијата, испитаниците и натаму ги посочуваат продолженото траење и неизвесноста околу разрешувањето на војната во Украина, продолжувањето на санкциите и трговските рестрикции кон Русија, повисоките цени на увезените добра, како и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување. Евентуалните нови влошувања во снабдувањето со енергија и пораст на цените на регулираниот пазар би можеле да доведат до дополнителни инфлациски притисоци, оценуваат аналитичарите во најновата Анкета на Народната банка.
Сметаат дека придонес за забавување на инфлацијата годинава се очекува и поради мерките на Владата и на НБМ, но и поради повисоката споредбена основа од 2022 година, посебно во втората половина од годината.
Според најновите ревидирани прогнози на Народната банка, годинава ќе заврши со инфлација од 9,5 отсто, а догодина треба да се движи меѓу 3,5 до 4 отсто.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар