АНАЛИЗА: Даноци и давачки за животна средина – како се наплаќале и каде завршувале парите?

Фото: portalb.mk

Јавни претпријатија наплаќаат вода, а немаат дозвола за управување на вода. Граѓаните и фирмите плаќале за регистрација на возила, но не се знае дали вистинските суми за даноци биле уплатени на сметка на Министерството за животна средина, пишува Порталб.мк. Ревизорскиот извештај кој под лупа ги става даноците за животна средина во функција на политики за заштита на истата, открива серија на пропусти и слабости

Јавни претпријатија наплаќаат вода, а немаат дозвола за управување на вода. Граѓаните и фирмите плаќале за регистрација на возила, но не се знае дали вистинските суми за даноци биле уплатени на сметка на Министерството за животна средина, пишува Порталб.мк. Ревизорскиот извештај кој под лупа ги става даноците за животна средина во функција на политики за заштита на истата, открива серија на пропусти и слабости

 

 

Давачки за регистрација на возила

Граѓаните и фирмите плаќале за регистрација на возила, односно за технички преглед, а Министерството за животна средина немало увид дали надоместоците што биле уплаќани од субјектите за технички преглед на сметка на министерството биле правилно пресметани.

Ревизорите нотираат сериозни забелешки во овој сегмент и покрај тоа што со законските измени фирмите за регистрација возила се обврзале најдоцна до 15-ти во месецот да достават извештај за бројот и видот на возилата кои се регистрирани како и висината на средствата кои се наплатени. Но, бидејќи Министерството за животна средина нема воспоставено соработка со МВР за да ги споредат податоците, останува сомнежот за веродостојност на податоците за возилата.

Вака воспоставениот систем не дава уверување за целосноста и точноста на податоците и уплатените средства по овој основ, наведуваат ревизорите.

 

Јавни претпријатија наплаќаат вода, а немаат дозвола за управување со води

Големи пропусти се утврдени кај јавните комунални претпријатија кои управуваат со вода. Иако ги немале потребните дозволи, тие ја наплаќале услугата од корисниците – граѓаните и фирмите. Ревизорите посочуваат дека од анкетирани 34 општини, во 11 од нив јавните претпријатија (ЈП) немале обезбедено дозвола за користење на вода, или биле одбиени поради некомплетна документација или воопшто не аплицирале за дозвола, што значи секое трето ЈП работело спротивно на законите и прописите.

Ваквата состојба на голем број одбиени барања создава ризик да се користи водата без да се има дозвола за истото и без да се плаќа надоместок за искористувањето. И покрај немањето дозвола за управување со водниот ресурс јавно комуналните претпријатија ја фактурираат услугата за водата која ја зафаќаат и ја дистрибуираат, односно вршат испуст и ја загадуваат животната средина, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Од 2020 година до моментот на ревизијата, вкупниот долг по основ на неплатени надоместоци за вода достигнал 1.600.000 евра, а од нив годинава биле наплатени 200.000 евра, со што останува долг од уште 1.400.000 евра. И покрај тоа што должниците постојано се опоменувани да ги платат давачките – наплатата оди бавно.

Катастрофални се и податоците за „недомаќинско“ управување со водата – онаа што се троши, а не се плаќа и онаа што се „губи“ поради дефекти и диви приклучоци.

На ниво на државата процентот на неприходувана вода во 2021 година изнесува 60,46 отсто и значително е повисок во споредба со просечното ниво во земјите на ЕУ каде изнесува 30 отсто, се вели во ревизорскиот извештај.

Се издавале, но не се наплаќале Интегрираните еколошки дозволи  

Оштетен Буџет – ова е последица на ненавремена или воопшто неспроведена наплата на давачката за Интегрирана еколошка дозвола. Фирми во земјава добивале ваква дозвола, но задоцнето или воопшто не ја платиле. Заклучно со крајот на 2021 година регистриран е долг од 153.000 евра и уште попроблематично – отпишан е долг по основ на неплатени државни дозволи во износ од скоро 500.000 евра.

51 отсто од побарувањата се постари од 2019 година, а 49 отсто потекнуваат од периодот опфатен со ревизијата од 2019 – 2021 година, се наведува во извештајот.

Во 2019  биле отпишани половина милион евра по основ на долг од две фирми кои  завршиле во стечај – кај едната побарувањата од Министерството за животна средина воопшто не биле признаени за постоечки во тек на стечајната постапка зошто министерството „не успеало” да достави докази дека испратило решенија за наплата. Ревизорите забележуваат на начинот на кој се постапува за наплата на сумите што ги должат фирмите.

На ревизијата не и беа доставени докази за навремено и целосно утужување односно покренување на постапки за присилна наплата на сите должници кои во редовен рок не го платиле надоместокот за поседување на интегрирана еколошка дозвола. Ваквата состојба упатува на несоодветно воспоставен систем за евидентирање и наплата на надоместоците за поседување на А интегрирана еколошка дозвола, а со тоа и ненавремена и нецелосна наплата на истите што е причина за помалку остварени приходи на сметката на Министерството, посочуваат ревизорите.

Сумираат дека не постои интегриран пристап во решавање на проблемите со животната средина и дека не се почитува принципот „загадувачот плаќа”.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција