АНАЛИЗА: Како ќе се полнат и празнат „касите“ на фондовите за здравствено и пензиско осигурување?
Двата државни фондови – за здравствено и за пензиско осигурување во 2024 година ќе имаат поголеми буџети во однос на годинава, пишува Порталб.мк. Власта проектира зголемување на придонесите во фондовските каси во ПИО и ФЗО но ќе растат и расходите – за пензии, за социјални бенефиции
Двата државни фондови – за здравствено и за пензиско осигурување во 2024 година ќе имаат поголеми буџети во однос на годинава, пишува Порталб.мк. Власта проектира зголемување на придонесите во фондовските каси во ПИОМ и ФЗО, но ќе растат и расходите – за пензии, за социјални бенефиции
Фонд за пензиско осигурување ПИОМ
За фантастични 130.000.000 евра се зголемува буџетот на Фондот за пензиско осигурување во 2024. Според новите проекции, догодина овој државен фонд ќе може да потроши 1.765.309.000 евра. На приходната страна се очекува раст на даночните приходи, со позначајно зголемување на придонесите за социјално осигурување. Но, се зголемуваат и приходите од трансфери и донации – догодина по овие два основи се очекуваат 598.200.000 евра, што е за дури 44.700.000 повеќе од годинава.
Само од основен буџет, догодина на сметката на ПИОМ ќе легнат 569.805.200 евра, што е за дури 62,3 милиони евра повеќе од годинава. На расходната страна, за исплата на социјалните бенефиции во кои доминираат пензиите, догодина ќе се потрошат 1.756.640.000 евра, што е за дури 187.622.000 евра повеќе во однос на годинава. Во 2024 се очекува бројот на вработени во ПИО да остане ист како годинава – 523, а просечната месечна бруто плата да се зголеми на 846 евра. Вкупната сума за плати, надоместоци и придонеси за администрацијата ќе се зголеми на 5.309.000 евра.
Пензии
Од централниот буџет за исплата на пензии догодина се планирани 1.357.700.000 евра, што е за 7,6 отсто повеќе во однос на сегашниот ребалансиран буџет.
За исплата на пензии планирани се 83,6 милијарди денари (1,3 милијарди евра), согласно воспоставената методологија на пресметка на пензиите, според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50 отсто и пораст на просечно исплатена плата за сите вработени во висина од 50 отсто, а со цел да се овозможи пристоен животен стандард на пензионерите, се наведува во предлог буџетот за 2024.
Догодина ПИО очекува нови 31.500 пензионери, а вкупниот број на пензионери да достигне 333.170.
Фонд за здравствено осигурување
Следната година Фондот за здравство ќе има буџет во износ од 753.019.500 евра, што е за 46,6 милиони евра повеќе во однос на годинава. На приходната страна, ФЗО очекува поголем износ од наплата на социјални надоместоци, чиј износ се проектира да изнесува 682.614.000 евра. Намалување има кај сумата трансфери и донации која во 2024 ќе изнесува 61.100.000 евра.
На расходната страна на ФЗО, за исплата на плати и надоместоци се планирани 7.515.422 евра, што е за 1.265.000 евра повеќе во однос на годинава. Бројот на вработени во ФЗО следната година се очекува да остане на исто ниво како годинава, 786 евра, а просечната бруто плата ќе се зголеми на 797 евра. За здравствено осигурување на граѓаните од буџетот за 2024 се планирани 741.883.120 евра, но во оваа сума се вклучени и обврски кон јавните здравствени институции како и зголемените плати во здравството.
Здравствената заштита е планирана е на ниво од околу 45,7 милијарди денари, средства кои ќе се реализираат преку Фондот за здравствено осигурување. Најголем дел од планираните средства се наменети за финансирање на здравствените услуги, исплата на обврски на јавните здравствени установи, како и обезбедување на средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор, се наведува во предлог-буџетот.
Само за исплата на социјални бенефиции, од ФЗО се планирани 83.400.000 евра. Зголемување има и на расходите за „договорни услуги“, за кои догодина се планирани 660.054.000 евра. Следната година од централниот буџет на сметката на ФЗО е планиран трансфер во износ од 121.104.000 евра, што е за 10.100.000 повеќе во однос на годинава.
Според проекциите, во 2024 година во однос на сегашниот ребалансиран буџет Владата очекува приходите од здравствено и од пензиско осигурување да се зголемат за 11,1 отсто.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар