Во дел од секторите – раст на платите и до 20 отсто

Највисоки плати заработуваат вработените во енергетскиот сектор, рударството, информации и комуникации и финансиските дејности. Најниски плати во август биле исплатени во хотелиерството и сервисните дејности за храна, административни и помошно-услужни дејности и земјоделството. Според официјалната статистика, во август висината на просечната нето плата во земјава изнесувала 447,7 евра и во однос на лани истиот месец таа е зголемена за цели 39 евра или за 9,6 отсто.

Во некои дејности растот на платите е значително голем. Така, месечна исплатена нето-плата по вработен во секторот уметност, забава и рекреација е зголемена за дури 20,4 отсто, во земјоделство, шумарство и рибарство за 16,9 отсто, а вработените во дејности на здравствена и социјална заштита земале за 13,2 отсто повисока просечна плата во однос на лани. Речиси во сите сектори регистриран е раст на просечната плата освен кај хотелиерството и сервисните дејности за храна – каде е регистриран пад за 0,4 отсто.

Но, на што се должи раст на просечната плата за 9,6 отсто? Дел од економистите коментираат дека ова е последица на променетата структура на вработените, оние со ниски примања губејќи го работното место се изземаат од статистика, а остануваат оние со повисоки примања – поради што се зголемува и просекот.

Два фактори влијаат на овој тренд. Прво, има сектори кои работеа многу добро за време на летниот период и второ, намалување на бројот на вработени во секторите во кои платите се ниски. Или, во овие мерења практично „ги нема“ најслабо платените кои главно остануваат без работа. Изземањето на ниските плати ги остава во статистиката високите плати кои пак го зголемуваат републичкиот просек,  коментираат економистите.

Но, на месечно ниво, во споредба со јули регистриран е пад на месечната просечна плата во повеќе дејности, меѓу нив и такви кои беа под удар на економската криза.

Просечна плата август/јули во трговија на големо и мало има пад од 0,6 отсто, информации и комуникации (-2 отсто), финансиските дејности (- 1,2 отсто), стручни, научни и техничките дејности (-2,3 отсто) и образование (-0,3 отсто).

 

Трошоците за основни животни потреби зголемени за скоро 13 евра во споредба со лани

Додека просечната нето-плата во државата на годишно ниво статистички е во пораст, податоците покажуваат и раст на трошоците за живот. Според „минималната потрошувачка кошница“ што ја објавува ССМ, во август за да се подмират основните животни трошоци биле потребни 545 евра. Просечната плата пак е 447,7 евра. Лани во август, минималната синдикална кошница изнесувала 532,5 евра, а просечната плата 408,5 евра.

Инаку, речиси 42 проценти од трошоците завршуваат за исхрана, а 32 проценти за домување – плаќање на сметки.

Во споредба со август, лани, вредноста на потрошувачката кошница е зголемена за скоро 13 евра. Со цел да се амортизира ударот врз животниот стандард, планирана е финансиска поддршка за работодавачите за исплата на плати која ќе биде скалеста и во согласност со падот на приходите на компанијата, односно ќе се движи од 14.500 до максимални 21.776 денари по работник.