АНАЛИЗА: Капиталните инвестиции во 2021- реализација од 78,3 отсто, кои министерства и институции колку потрошиле?

Фото: portalb.mk

Во 2021 година не се достигна планираното и најавено реализирање на капиталните инвестции од најмалку 80 отсто. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со 31 декември 2021, биле реализирани 379 милиони евра капитални расходи што претставува 78,35 проценти во однос на планираните. Заклучно со ноември само три министерства испорачале реализација повисока од 80 отсто, а има институции кои не успеале да потрошат ниту 10 отсто од годишниот буџет за капитални, односно јавни инвестции. Инспекцискиот совет има нула проценти на реализација на капиталните раходи. „Порталб“ објави детали за тоа кои институции колку пари потршиле за капитални расходи заклучно со ноември – за кога се достапни и последните податоци.

 

Реализација на капиталните расходи кај министерствата

Министерствата со „поголеми“ буџети за капитални расходи успеале да потрошат повеќе средства за оваа намена, но заклучно со единаесеттиот месец од 2021 година ниту еден ресор не надминал реализација повисока од 90 отсто. Највисок процент на остварување има Министерство за култура кое на располагање имало 534.000 евра, а релизирало 89,6 отсто.

Повеќе од 70 отсто реализација на капиталните инвестиции е остварена во Министерството за внатрешни работи кое од 15,5 милиони евра на располагање – потрошило 81,1 отсто, Министерството за земјоделство од вкупните средства во износ од  29,3 милиони евра за капитални расходи, реализирало 80,7 отсто и Министерство за економија од  3,9 милиони евра по основ на капитални расходи потрошило 76,8 отсто. Со еден од поголемите буџети за капитални проекти во износ од 44,9 милиони евра беше Министерството за одбрана кое од оваа сума потршило 69,7 отсто.

Министерството за финансии лани имало на располагање 11,1 милион евра за капитални расходи, а реализацијата изнесувала 61,0 отсто, додека преку Министерството за финансии-функции на држава реализацијата е 63,7 отсто заклучно со ноември.

Министерството за образование имаше буџет за капитални проекти од 22,7 милиони евра, реализација изнесувала 60,1 отсто, Министерството за информатичко општество од  685.000 евра потрошило 58,4 отсто, додека останатите министерства имаа ниво на остварување пониско од 60 отсто.

Така, Министерството за надворешни работи од 344.000 евра реализирало 54,3 отсто, Министерството за транспорт и врски кое располага со еден од поголемите буџети од 49,6 милион евра и во негови раце се значајни инфраструктурни проекти,  реализирало 50,9 отсто, Министерството за труд и социјална политика од 27,6 милион евра за капитални проекти – потрошило 49,3 отсто додека Министерството за здравство од 11,2 милиони евра реализирало 48,3 отсто.

Министерството за локална самоуправа имало на располгање 124 .000 евра од кои реализирало 44,1 отсто, Министерството за правда од 116.000 евра потрошило 41,1 отсто, Министерството за животна средина од вкупно 6,3 милиони евра за капитални расходи, реализирало  49,6 отсто, а Министерството за политички систем во 2021 година имало на располагање скоро 94.000 евра за капитални проекти, а потрошило само 39 отсто од парите.

 

Реализација на капиталните расходи кај агенциите и инспекторатите 

Од институциите со низок износ на остварување на капиталните расходи се Собранието кое лани имало за тршење 1,5 милиони евра, а заклучно со ноември реализирало само 11,3 отсто. Помалку од 15 отсто реализација за 11 месеци регистрирани се кај повеќе државни агенции и инспекторати. Комисијата за заштита на конкуренцијата од 6.000 евра за капитални расходи потрошила само 440 евра или 7,3 отсто. Низок степен на реализација од  1,58 отсто има кај Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, кај Државниот завод за индустриска сопственост реализацијата изнесува 1,44 отсто, а кај Државниот просветен инспекторат е 8,7 отсто. Низок степен на остварување на капиталните расходи од само 13,6 отсто има и кај Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Според најавите и очекувањата 2021 година требаше да заврши со реализација на капиталните инвестиции од најмалку 80 проценти. Имаше и најави дека будно ќе се следи остварувањето на јавните инвестиции, а институциите кои нема да го исполнат планот можат да останат со “куси ракави“ кога се работи за буџетски средства за инвестициски проекти.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција