АНАЛИЗА: На двајца вработени – еден пензионер, (не)одржливост на пензискиот систем за повисоки пензии

Фото: portalb.mk

Заклучно со крајот од првото економско полугодие, во земјава имало 337.054 пензионери. Просечната пензија во земјава изнесува 19.106 денари. Низ земјава пензионерите преку протести бaраат линеарно зголемување на пензиите. Владата преку Уставен суд ќе проверува дали е уставно ваквото решение. Економистите предупредуваат – внимателно со растот на пензиите, пишува Порталб.мк.

Заклучно со крајот од првото економско полугодие, во земјава имало 337.054 пензионери. Просечната пензија во земјава изнесува 19.106 денари. Низ земјава пензионерите преку протести бaраат линеарно зголемување на пензиите. Владата преку Уставен суд ќе проверува дали е уставно ваквото решение. Економистите предупредуваат – внимателно со растот на пензиите, пишува Порталб.мк.

 

ДА за подобар пензионерски стандард, но и за одржлив пензиски систем!

Најавата на власта за раст на пензиите од 6 отсто предизвика реакции кај пензионерите – преку протести бараат линеарно зголемување за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари. Што точно ова значи за буџетската каса? Само зголемувањето од 56,7 евра за 337.054 пензионери годишно би ја чинело државата 229.000.000 евра, односно еден пензионер за 12 месеци би добил 680 евра.

Овие суми според дел од економистите не се наивни и мора да се анализираат во контекст на вкупната економија. Без нови работни места кои ќе ја полнат касата на ПИОМ и на другите фондови, новите финансиски оптоварувања можат да бидат ризични.

Да не се заборави дека Фондот за ПИО и понатаму дефицитно се финансира, односно се врши негово капитализирање преку буџетот на товар на даноците и другите јавни давачки што ги плаќаат сите граѓани. Имено, ако дојде до економски неоправдано зголемување на пензиите, ќе се зголеми дефицитното финансирање од буџетот, што за ефект ќе има зголемување на даночниот товар за сите граѓани. Со ваквата поврзаност на јавните финансии, парите што ги бараат пензионерите за своите внуци сега, ќе ги отплатуваат нивните внуци во иднина, смета даночниот експерт и економист Павле Гацов.

Според сегашната методологија, корекција на пензиите се прави по два основи, во однос на пораст на трошоци на живот во висина од 50 отсто и порастот на просечната плата во висина од 50 отсто, а усогласувањето се врши два пати годишно, на 1 март и на 1 септември.

Една од поранешните директорки на ПИОМ, Билјана Јовановска вели дека висината на пензијата најмногу зависи од висината на платениот придонес, а потоа и од работниот стаж, при што може некој со пократок стаж да зема повеќе од некој со подолг стаж, ако првиот на пример уплаќал придонеси на 120.000 денари плата, а вториот 18.000 денари.

Низ годините се менуваше коефициентот, секоја година се намалува основицата за пресметка. Има повеќе одлучувачки моменти, затоа законот предвидел различни износи од-до. МТСП не излезе со статистики, колку стаж имаат пензионерите до 15.000 денари пензија, а на кој износ им се платени придонесите? Исто така колку години имаат работен однос, а од нив колку платен стаж? Зошто не им е платен стажот и кој го дозволил тоа? Доколку се одлучи минималната пензија да биде пример 18.000 денари, сите пензии ќе пораснат за околу 6.000 денари. Ова се однесува на одредбите за остварување на право на пензија. И ова нема да значи усогласување, зголемување по 6.000 денари два пати или повеќе пати годишно. Тоа е друг момент кој се регулира со други одредби во законот, вели Јовановска.

Според експертите дилема отвора и барањето за линеарно зголемување на пензиите – без разлика кој пензионер колкав износ на придонеси плаќал во тек на работниот стаж.

Пензијата не е социјална туку економска категорија, и висината на пензијата зависи од висината на уплатениот социјален придонес за времетраење на целокупниот работен стаж на осигуреникот, односно висината на пензијата зависи од висината на уплатениот пензиски придонес. Согласно со Законот за ПИО зголемувањата на пензиите не може да се врши линеарно, оценува Гацов.

Според Јовановска, најавеното зголемување на пензиите за 6 отсто нема да предизвика дополнителни импликации ако планираната сума се распредели линеарно на пензионерите, но како процентуален износ различно ќе се одрази врз пензиите.

Процентуалното усогласување од 6 отсто на пензија од 60.000 денари и 6 отсто на пензија од 13.000 денари не е исто. Секоја одговорна власт треба да носи законско решение кое во моментот е најдобро за животниот стандард и реалните потреби на пензионерите. Сега треба да се гледа големата слика, не само слепо да повторуваме дека таков е законот, вели Јовановска.

На крајот од јуни, просечната пензија во земјава изнесувала 19.106 денари.


Скоро една третина од пензионерите имаат пензија до 13.000 денари, а околу 53 отсто од 16.000 до 22.000 денари. Долго време експертите предупредуваат на ризици од неодржливост на пензискиот систем. Еден од клучните показатели е односот меѓу бројот на вработени, односно оние кои ја полнат фондовската каса, и бројот на пензионери, кои земаат пензија од фондот. Конкретно според последните објавени податоци од Заводот за статистика во земјава има 683.242 вработени, што значи дека на двајца вработени има еден пензионер, што не се смета за одржлив сооднос.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција