АНАЛИЗА: „Панорамското тркало“ и „Вртелешката во Луна парк“ под лупа на ревизорите!

 

Како се делеле јавни набавки, колку пати и со која цел се менувале Годишните планови за јавни набaвки, кои се слабостите и последиците – ова се клучните прашања кои ги третира државниот ревизор во анализата “Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на договорите за јавни набавки на ниво на ЈП на Град Скопје“,пишува неделната економска анализа на Порталб. Направен е увид во вкупно 61 постапка за доделување на јавни набавки кај шест јавни претпријатија. Со ревизијата бил опфатен период од 2016 до 2018 година, но и периодот претходно кога биле склучувани договори кои предизвикале обврски во годините потоа. Раководствата на шесте јавни претпријатија доставиле вкупно 24 забелешки на ревизорскиот извештај, од нив 11 не биле прифатени, за 11 забелешки било оценето дека се известување, една забелешка е целосно а една делумно прифатена.

 

Пишува: Анета Додевска

 

СЕ ТРОШЕЛЕ ПАРИ – А ЕФЕКТИТЕ И ЦЕЛИТЕ ОД ЈАВНИТЕ НАБАВКИ НЕ СЕ ПОСТИГНАЛЕ

Се спроведувале како итни, со преговори во “четири очи“  а можело да се реализираат како редовни постапки за јавна набавка. Ова е една од клучните забелешки нотирана во ревизорскиот извештај кој под лупа го става начинот на спроведување на јавните набавки од страна на шест јавни претпријатија формирани од Град Скопје во периодот од 2016 та до 2018 та година.

Во моменти кога се иницирала постапката со преговарање со крајна итност, настаните биле итни, но со оглед на тоа дека истите се појавувале како континуиран или очекуван настан, можеле да бидат точно планирани и навреме започнати – се наведува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите обрнуваат внимание на две вредносно поголеми набавки кои ги презеле јавни претпријатија наложени од нивниот основач Град Скопје во 2014 та и 2016 та година.

Во јули 2014 та година меѓу ЈСП и градежна фирма склучен е договор во износ од 18,3 милиони евра за инвестиционо вложување во изградба на Панорамското тркало.

До периодот на вршење на ревизијата, односно до април 2019 та по овој основ исплатен е значителен износ од 4,8 милиони евра за изградба на објектот. Во март 2019 та градоначалникот на Град Скопје по претходно доставено барање од ЈСП, донел Решение за измена на текот на градбата со кое објектот е пренаменет во пешачки мост а бетонските столбови на кои требало да стои тркалото се урнати. Пренамената на објектот треба да претставува “спасување“ на веќе инвестираните парични средства но треба да се има предвид дека на околу 50 метри веќе постојат два моста – пишува во ревизорскиот извештај.

Втората набавка што ја анализираат ревизорите се однесува на детската вртелешка Карусел за што во јули 2016 та бил склучен договор меѓу ЈП Паркови и зеленило и фирмата – носител на набавката во износ од 200 000 евра.

Набавката е реализирана во 2017 та година и истата година вртелешката е поставена во Луна паркот. Иста ваква набавка со ист правен субјект била спроведена во 2002 та година со вредност од 163 000 денари. На ревизијата не и се презентирани соодветни докази за потребата од оваа набавка во услови кога Град Скопје во последните неколку години иницира изградба на нов забавен парк со нови реквизити – пишуваат ревизорите и констатираат :

И во двата случаи набавките не ги дале првично утврдените цели а биле потрошени значителни финансиски средства.

 

СЛАБОСТИ И ПРОПУСТИ ПРИ ДОДЕЛУВАЊЕ НА ЈАВНИ НАБАВКИ

 Без спроведена постапка за јавна набавка, во 2017 та година, шесте јавни претпријатија создале обврски во износ од 300 000 евра, главно з а набавка на електрична енергија и за поштенски услуги. Според ревизорите проблематични се набавките до 500 евра на месечно ниво  кои не се опфатени за законските решенија за јавни набавки.

Од спроведените испитувања дојдовме до заклучок дека сите ЈП, освен ЈП Комунална хигиена не се придржувале до овој лимит, односно за овој вид на набавки потрошиле поголем износ од годишното ограничување поради различно толкување од член во законот – посочуваат ревизорите и наведуваат дека од април 2019 та за зголемени вредносните прагови за набавките – велат ревизорите.

Во дел од слабостите и пропустите при доделување на јавните набавки, ревизијата меѓу другото констатира:

Постојат набавки за кои не е спроведена постапка и не е склучен договор. Објавувањето на проценетата вредност во огласот не обезбедува конкурентност. Доделувањето на договорите за јавни набавки во кои учествува еден понудувач најчесто не ги дава очекуваните резултати во однос на начелата за доделување на договори за јавни набавки. Користење на најниска цена како единствен критериум за избор на најповолна понуда може неповолно да влијае врз квалитетот на стоките и услугите.

Во 2016 та и 2017 та година во дури 54% од вкупниот број на спроведени постапки е доставена понуда од само една фирма – понудувач а во 2018 та овој процент се намалува на 39%.

Овие процентуални вредности се големи и укажуваат на отсуство на конкуренција во постапките – заклучуваат ревизорите.

Ревизијата ги анализира и податоците за тоа колку јавни набавки биле планирани на ниво на ЈП а колку од нив се реализирале, па така се заклучува дека сите шест ЈП не успеале да ги спроведат во целост планираните набавки.

Во 2017 та година стапката на реализација на планот се движи од 57% кај ЈП Водовод и канализација до 72% кај ЈП Улици и патишта. Истакнуваме дека кај ЈСП ревизијата не беше во можност да ги утврди процентите на реализација поради начинот на евидентирање на постапките, но од 2019 та со законските измени, се очекува оваа состојба да биде надмината – наведуваат ревизорите.

Во периодот од 2016 та до 2018 та година ревизорските наоди покажуваат дека не постои ЈП кои не направило промена на годишниот План за јавни набавки а во некои случаи измените се големи и финансиски значителни.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.