Анализа: Потенцијални „мини“ во Протоколот со Бугарија

Потпишување на Протоколот. Фото: МНР/Твитер

Кратка анализа на вториот Протокол со Бугарија, кој е индиректно и директно дел од преговарачката рамка и процесот на преговарање на РСМ со ЕУ, покажува дека има потенцијални мини кои можат да се изродат како проблем во три дела – говорот на омраза, историјата како краткорочна и долгорочна скриена мина и мерките за  Бугарите во РСМ, кои би требало да се однесуваат на почитување на нивните човекови права

Оваа куса анализа на вториот Протокол со Бугарија, кој е и индиректно и директно дел од преговарачката рамка и процесот на преговарање на РСМ со ЕУ, покажува дека има потенцијални мини кои можат да се изродат како проблем во три сегменти – говорот на омраза, историјата како краткорочна и долгорочна скриена мина и мерките за  Бугарите во РСМ, кои би требало да се однесуваат на почитување на нивните човекови права

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Првичниот впечаток по конечното објавување на Протоколот со Бугарија (втор записник од досега оствареното и она што треба да се работи во иднина како обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу РСМ и РБ), е дека е асиметричен во делот на обврските на РСМ во делот на промена на Уставот и во делот на градење на доверба на Бугарите во РСМ кон институциите во земјата. Проблемот произлегува од тоа што РСМ се согласува со преговарачка рамка со ЕУ во која има услов прво да се отвори и да се смени Уставот, а потоа да продолжат преговорите, но и од Договорот со Бугарија, член 11, во кој се исклучуваат постапки од РСМ кои може да се толкуваат како мешање во бугарските внатрешни работи, со што се исклучува можноста во Протоколот да се оценува и за евентуални бугарски мерки за правата на македонското малцинство во Бугарија.

На почетокот од Протоколот се наведени и сите досегашни активности во соработката, кои, впечаток е, дека се импресивни и ќе биде штета сите овие досегашни активности за зближување да се „сопнат“ на прашања од типот „Цар Самоил или Гоце Делчев“. Но, за сето ова, се разбира своја одговорност носи и Република Бугарија, вклучувајќи ги и сите нејзини досегашни официјални документи и ставови, вклучувајќи го и ригидниот став за (не) постоење на македонскиот јазик.

Патем, досегашната соработка во повеќе области е констатирана од бројните активности на работните групи и подгрупи во повеќе области, економија, транспорт и врски, земјоделие, здравство, воена соработка, меѓу гранична соработка и дигитализација и зелена агенда. Активностите резултирале со меѓусебни договори од типот меморандуми за соработка, подготовки за меморандуми, билатерални договори за соработка и планирање и организација на конференции и други средби.

 

Првата мина – промена на Уставот

Согласноста на РСМ да го измени Уставот и да ги внесе Бугарите како посебна заедница, како услов за Втората меѓувладина конференција со ЕУ за заокружување на почетокот на преговорите, е опишана и во Протоколот, како согласност и обврска на РСМ:

Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако во сила ќе влезe измената на Уставот на Република Северна Македонија за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување.

Овој параграф во Протоколот де факто значи дека вистинскиот почеток на преговорите со ЕУ може да бидат одолговлекуван и повеќе години, сè додека во земјата не се постигне политички договор што би резултирал со согласност од две третини пратеници во Собранието за отворање и промена на Уставот на РСМ.

 

Делот за говорот на омраза е комплициран за спроведување

Најмалку три проблематични параграфи во Протоколот се однесуваат на говорот на омраза. Аве ги првите два:

Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.

и

Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.

Овие параграфи се комплицирани за спроведување со самиот факт што нема попрецизна дефиниција за тоа што ќе се смета како говор на омраза, но и дефиниција за јавниот простор. Па, така, на пример, хипотетички, синтагмата „бугари-татари“, изразена на јавен простор во РСМ или тврдењето на официјалните и неофицијалните лица на јавен простор дека „македонскиот јазик е само западен дијалект на бугарскиот јазик“ или „коминтерновска творба“ или „непостоечки вештачки народ“, итн, може, ама не мора да се идентификуваат како говор на омраза. А, сепак, постојана циркулација на споменатите синтагми и тврдења, факт е дека може да поттикне и насилство од омраза или криминал од омраза (на пример, палењето на влезната врата на клубот „Ванчо Михаилов“).

Но, јавен простор е и протест на група граѓани. На такви протести одржани неодамна реагираше МНР на Бугарија со оценка дека има непримерен говор на омраза. „Изградба на ефикасни механизми и превенирање на недобронамерна пропаганда“ може да се толкува дека МНР на Бугарија очекува од МВР да ги разбие протестите или да ги одземе „непримерните пароли“!? Слично, бидејќи тука Договорот е симетричен, МНР на РСМ треба да бара и да очекува на секој протест на ВМРО на Красимир Каракачанов да се преземат такви мерки од МВР на Бугарија!? Да, бидејќи формулацијата „ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи“, така може да се разбира во буквалното разбирање на напишаното.

Бидејќи јавниот простор логично е да се однесува и на социјалните мрежи, исто така, ќе биде проблематична изградбата на механизми за тоа кој ќе го детектира и како ќе биде казнуван говорот на омраза. Освен фактот дека во РСМ, на пример, проблем е неказнивоста на говорот на омраза, да не заборавиме дека во земјата веќе се диференцира мислење од личности во јавниот простор, дека неколку претставки во кои досега е идентификуван и препознаен говор на омраза и дискриминација од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), може да биде толкувано како цензура, а самата КСЗД, која е сериозна институција, може да биде дезавуирана на тој начин што ќе биде оцрнета во јавноста како „цензорска институција“ со што сета нејзина корисна работа во сите други области би добила предзнак „некредибилна“. Како ова ќе го спроведува Бугарија, допрва ќе видиме, но говорот на омраза е проблем на секаде, па и таму.

 

Можна цензура на документаристиката или во културата

Во врска со говорот на омраза може да се изроди и друг проблем, кој во моментов не е доволно проучен. Имено, во Протоколот на стр. 18. под Мерки кои треба да бидат превземени по одржувањето на Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори, во делот на говорот на  омраза се наведува следната мерка:

Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект.

Во еден хипотетички пример на подготовка на документарен филм во рамките на Документарната програма на МТВ, кој би ја обработувал темата на злосторствата на бугарските војски на територијата на денешна Македонија во Втората светска војна, или пак, документарен филм кој се однесува на забраните и репресиите врз македонското малцинство во Бугарија по смената на курсот, откако Тодор Живков  ја презеде власта во Комунистичката партија на Бугарија, па до ден денешен – презентацијата на таквите документаристички содржина во јавноста може да бидат окарактеризирани како говор на омраза од страна на бугарското МНР. Ова би довело или до барање за забрана на натамошно финансирање на МТВ, да речеме, или до неемитување на таквите содржини, симнување од програма и нивно ставање во бункер, што не би било ништо друго освен цензура. Ваквиот хипотетички пример може да се однесува и на играни филмови или на театарски претстави, кои би биле засновани на вакви сценарија, а се поткрепени со пари од Министерството за култура. Од друга страна, обврската и Бугарија да гарантира таква заштита, тоа би значело дека треба да бидат забранети сите продукции на бугарската јавна телевизија – БНТ, кои се однесуваат на тезата дека македонската нација и македонскиот јазик се вештачка творба.

Посочениот параграф од протоколот од тие причини го означуваме како скриена мина, која може да попречи во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а со тоа и до застој во преговарачкиот процес на РСМ за членство во ЕУ.

 

Обврските од делот на историјата сами по себе се скриена мина со одложен ефект

Во делот на историјата, според детално прочитаните обврски, нема повеќе или помалку спорни области, кои би биле надвор од она што е договорено во членот 8 од основниот Договор со Бугарија, но, сепак, во целост може да се оцени како скриена мина во пристапниот процес на земјава кон ЕУ. Тоа произлегува од два факта. Првиот, дека заедничките комисии се задолжени да изготват агенда за засилена активност со 8 до 10 средби на годишно ниво и што се охрабруваат да го завршат средниот век во рок од една година:

Двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол. На следниот состанок на Заедничката комисија по чл. 12 од Договорот, двете држави да ги одобрат препораките на Комисијата за целиот период кој го опфаќа Средниот век.

Вториот факт, кој е скриена мина со одложен експлозивен ефект, лежи во обврската на мешовитата историска комисија до членството на РСМ во ЕУ да ја заврши во целост својата работа со имплементирани решенија во сите области – споменици, учебници, итн.

Двете држави ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ.

Бидејќи стопати е повторено дека одлуките на Комисијата се носат едногласно од сите членови на македонска и бугарска страна, овој параграф де факто значи дека РСМ нема никогаш да стане членка на ЕУ, доколку македонскиот дел од Комисијата не се согласи за одреден период од историјата, а да потсетиме, не се во прашање само Гоце Делчев и Јане Сандански или само етничкиот карактер на Илинденското востание, туку и периодот од Втората светска војна и окупацијата на Бугарија на територијата на денешна РСМ.

 

Мерки за доверба на Бугарите во РСМ

Конечно, постои уште една скриена мина, а таа е, всушност, дел од оној недефиниран Акциски план во Преговарачката рамка, а во Протоколот се наоѓа како обврски на РСМ во однос на правата на бугарската заедница во земјата:

Постигнување на одржливи резултати за превенција и реакција против појавите на јазик на омраза против Бугарите во Република Северна Македонија во јавниот простор во Република Северна Македонија.

Постигнување на одржливи резултати во превенцијата, истрагата и гонењето кај кривични дела од омраза, појава на јазик на омраза и дискриминација против Бугарите во Република Северна Македонија.

Преземање на ефективни мерки за подигнување на свеста, односно институционалните механизми за правата на човекот и подигнување на довербата на Бугарите во Република Северна Македонија кон тие механизми и националните институции.

Постигнување на одржливи резултати за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, како и за слободно употребување на симболите на нивната заедница

Ќе биде предмет на многу сложена анализа да се оцени што спаѓа под терминот одржливи резултати за гарантирање за слободното изразување“ и „заштита и развој на идентитетот на Бугарите во РСМ“ или пак уште понемерливо, „преземање на ефективни мерки за подигнување на јавната свест“ и „подигнување на довербата на Бугарите во РСМ кон тие механизми и националните институции“.

Поради сè погоре истакнато, може да се оцени дека обврските од Протоколот ќе биде многу сложено да се спроведат во пракса, а бидејќи е „пипав“ и немерлив учинокот во некои обврски, ќе биде многу лесно кочењето на РСМ во Преговарачкиот процес со ЕУ, но уште поважно, таквите обврски тешко дека ќе придонесат за реално и ефективно зближување на двата народа и двете општества.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција