АНАЛИЗА:Инспекцијата на терен, лови „профитери“-прехранбената индустрија со „полна пареа“

Од годишен девизен прилив повисок од 300 милиони евра – до колапс. Јасно е дека турзимот е една од првите гранки кои беа директно и целосно погодени од коронавирсот. Штетите во десетици милиони евра допрва ќе се бројат, пишува „Порталб“. Од друга страна, во ек на „потрошувачката хистерија“, преработувачката индустрија работи со полна пареа, а трговците „тријат раце“! Инспекторите на терен.  

 

Пишува: Анета Додевска

 

ПОТРОШУВАЧКА „ХИСТЕРИЈА“ – ИНСПЕКЦИЈАТА ВО ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ

Една од клучните мерки за стабилност на пазарот со прехранбени продукти е времена забрана за извоз на брашно. Според проценките на стопанствениците од мелничко-преработувачката индустрија, само капацитетите од овој сектор, без да се земат предвид стоковите резерви, имаат колични за најмалку еден месец а паралено се увезува и пченица.

Забраната за извоз на брашно и пченица ќе важи до 30 ти април. Ова е со цел да не се наруши пазарот поради зголемената побарувачка. Земјоделските производи може да се продаваа на пазарите, но да се почитуваат препораките, со одржување на растојание и со купување на разумна количина на производи. Се бараат решенија со интервентни мерки да се заштити земјоделството – изјави министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Поради појавата на зголемени цени на прехранбените производи, како маслото за јадење, лебот, брашното, шеќерот, Владата одлучи да се замрзнат цените на основните производи, конкретно  на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства. Цените мора да се вратат на состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација , освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО – соопшти Владата и дополнително најави:

ослободување 100% од царински давачки за овие и за други производи како сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени и друго.

Внимателно се следи состојбата и со другите производи за широка потрошувачка.

Владата ги задолжи Царинската управа, во соработка со Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично) и за истото да ја информира.

Во пик на „потрошувачката хистерија“ дел од трговците значајно ги зголемија цените, па така литар масло за јадење достигна дури 75 денари. Килограм лимон се продаваше дури и за 210 денари. Оваа состојба ги мобилизраше властите па го „стегнаа ременот“ и во трговијата со овошје.

Донесена е одлука за марки со кои нема да може да се манипулира со цените на овие производи а инспекторатот доби ингеренции да казнува со парични казни до 5 000 евра. Да се земе предвид дека ги следиме сите фактури за увоз, особено по 11 ти март – порача министерот за економија Крешник Бектеши. 

ВО ВОНРЕДНИ УСЛОВИ ЌЕ ВАЖАТ ВОНРЕДНИ КАЗНИ – НАЈАВИЈА НАДЛЕЖНИТЕ.

Сите мора да ги почитуваат мерките. Казните за непочитување се 5 илјади евра, дури има и казни од година дена затвор, односно по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Бидејќи е вонредна состојба не одиме по редовните закони по кои постапуваме, тоа значи дека веќе не одиме по прекршочен законик– најави директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.

Од преработувачката индустрија испратија порака дека капацитетите работат со полна пареа, целосно мобилиизрани.

И пред оваа криза имаме некое оптимално ниво на залихи за да се има континуитет на производство. Ние тој континуитет ќе го обезбедиме. Ова нема да заврши утре, антиципираме уште од сега мерки и начини за да не дојде и верувајте дека нема да дојде – оцени Ѓорѓи Петрушев од Здружението за земјоделство и преработувачка индустрија при Стопанската комора.

Непосредно по одлуката за „замрзнување на цените“ на прехранбените роизводи, гувернерката на НБМ соопшти дека годинава инфлацијата ќе остане умерена, дури и пониска од проекцијата.

 

ПОГОДЕНИ БИЗНИСИ И СЕКТОРИ 

Еден од најпогодените сектори во земјава е туризмот. Само лани  од туризмот во Македонија е остварен девизен прилив од 308 милиони евра и оваа сума беше во постојан пораст –  како резултат на растот на бројот на туристи што доаѓаа во земјава и порастот на ноќевања. Коранавирусот прво и најсилно удри по туризмот.

По предлог на Министерството за економија се бара формирање  Фонд за туризам во кој би се пренасочиле  715 000 евра и уште 500 000 евра од  Агенцијата за промовирање на туризмот.

Кога ќе ни бидат доставени штетите на хотелиерите и угостителите тие ќе бидат насочени средства. Во соработка со економските ресори ќе предложиме до Владата и до Здружението за заштита на авторските и музички права да ги стават своите побарувања од хотелите и рестораните во мирување од 6 месеци рече министерот за економија, најави министерот за економија  Крешник Бектеши.

Во меѓувреме, се затворија двата аеродроми, се спуштија рамите на граничните премини – практично целиот бизнис и сектор е “под клуч“.

До мај се откажани сите групни тури од странство, драстично е намален бројот на туриститите и веќе речиси не постои интерес за посета на државава поради претпазливост. Се откажуваат и аранжманите на нашите граѓани кои планирале да патуваат надвор за Велигден. Состојбата е алармантно лоша – соопштија од Здружението на угостителството и туризмот – Стопанска комора на Македонија.

Освен туристичкиот, на удар е и угостителскиот бизнис а последиците од ова како „верижен ефект“ ќе ги почуствуваат, пред сè,  транспортот,  прехранбената индустрија заедно со дејност производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци.

Веднаш по одлуката за затворање на рестораните , го направивме тоа. Сите вработени ги испративме дома. Само во еден наш угостителски објект работат триесет луѓе, од келнери, шанкери, готвачи, хигиеничари, сите се дома. Не знам како за овој месец ќе се исплаќаат плати и придонеси. Загубите ќе бидат големи – вели Сашо.К менаџер на еден угостителски објект во Скопје.

И пред прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава, Владата забрани целосно работење на угостителските објекти, кафеаните, рестораните. Со ставање на „клуч на врата“ беше јасно дека овој бизнис е прв на удар од кронавирусот и ќе претрпи големи штети. Оваа состојба останува и во наредниот период – 30 дена вонредна состојба.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.