Арсовска најави, но не почна на 10 декември да го украсува Скопје за Нова година

Фото: Принтскрин видео

На трети декември во видео обраќање на Фејсбук градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска вети дека градот ќе почне да се украсува на 10 декември. Меѓутоа, досега (16 декември), ветувањето на Арсовска не е исполнето. Скопје, вклучително и централното градско подрачје, воопшто не се украсени, иако рокот којшто го даде градоначлничката е пробиен за 5 дена

На 3 декември годинава, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска излезе во видео обраќање на Фејсбук во кое вети дека:

На десетти декември ќе отпочне новогодишното китење на градот Скопје. На мојот повик се одзваа општествено одговорни компании, кои со оглед на здравствено економската криза и на енергетската криза со кои сме соочени, поттикнати од она кое што го кажавме претходно дека е неопходно да ги рационализираме средствата кои градот Скопје ги има на располагање, се понудија и денеска склучивме меморандум за соработка за новогодишно китење без фискални импликации по градот. Тоа значи дека за новогодишните празници градот Скопје ќе биде свечено накитен и во пригодна атмосфера ќе успееме да го прославиме тоа што доаѓа нова година, а притоа градот Скопје и скопјани нема да дотираат од сопствениот буџет. Верувам дека со оваа рационализација ќе успееме тие средства кои беа предвидени за овие активности да ги пренамениме за активности за социјална грижа на ранливите групи на Скопје а од друга страна би сакала да се заблагодарам на компанијата која излезе во пресрет, вели Арсовска во видеоматеријалот.

[Извор: Фејсбук страница на градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, видео обраќање; датум: 3.12.2021 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го раскина договорот за украсување на Скопје потпишан од нејзиниот претходник Петре Шилегов, како што образложи, поради енергетската криза. Но, набрзо потоа градоначалничката соопшти дека фирмата со која бил раскинат договорот, е општествено одговорна и ќе го украси Скопје бесплатно. Во видео обраќање на Фејсбук таа на скопјани им вети дека градот ќе почне да се украсува на 10 декември. Меѓутоа, на денот кога  пишуваме овој текст – 16 декември, ветувањето на Арсовска не е исполнето. Скопје, вклучително и централното градско подрачје, воопшто не се украсени, иако рокот којшто го даде градоначлничката е пробиен за 5 дена.

Граѓаните во повеќе анкети во медиумите, исто така, го забележуваат доцнењето и се прашуваат дали воопшто главниот град за Нова година ќе блесне. Новогодишната елка која секоја година го украсува централното градско подрачје односно плоштадот, не е поставена.

Украсувањето кое Арсовска прво го најави за почеток на 10 декември, па потоа со почеток на 15 декември, не се оствари. Следните фотографии се од 16 декември, направени во раните утрински часови. Нема елка, нема светулки, ниту какви било  новогодишни реквизити.

Со оглед на тоа што стартот на  новогодишното украсување на Скопје доцни барем пет денови од она што беше првично најавено, ветувањето на градоначалничката на Скопје  дека градот ќе почне да се украсува на 10 декември, го оценуваме како неисполнето.

 

Оцени: Мирослава Бурнс

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција