Автопатот Кичево-Охрид напредува со чекор на желка, по еден километар годишно

Фото: mtc.gov.mk

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве на социјалните мрежи во пропагандно видео, во чиј опис стои дека „во последните пет години се изградени 1.300 километри нови патишта“, меѓу другото се пофали и дека е изграден автопатот Кичево – Охрид долг 57 километри. Но, реалноста е поинаква, од автопатот што изминативе девет години го градеа три влади, една предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски и две предводени од СДСМ – Зоран Заев и Димитар Ковачевски, досега се пуштени во употреба само 8,5 километри

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве на социјалните мрежи во пропагандно видео, во чиј опис стои дека „во последните пет години се изградени 1.300 километри нови патишта“, меѓу другото се пофали и дека е изграден автопатот Кичево – Охрид долг 57 километри. Но, реалноста е поинаква, од автопатот што изминативе девет години го градеа три влади, една предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски и две предводени од СДСМ – Зоран Заев и Димитар Ковачевски, досега се пуштени во употреба само 8,5 километри

 

 

Во изборната програма „Можеме“ (стр.51), со која СДСМ излезе на предвремените парламентарни избори во 2020 година, како и во програмата „План за живот во Македонија“,(стр.74 и стр.195) со која победи на изборите во 2016 година и со која дојдоа на  власт на 31 мај 2017 година, социјалдемократите меѓу другото ветија:

Завршување на изградбата на автопатот Кичево – Охрид 

Ова ветување власта предводена од СДСМ досега (24.01.2023) не успеа да го реализира..

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2020) „Можеме“ (стр. 51) – датум: јули 2020 и План за живот во Македонија“,(стр.74 и стр.195) – датум: ноември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве на социјалните мрежи во пропагандно видео, во чиј опис стои дека „во последните пет години се изградени 1.300 километри нови патишта“, меѓу другото се пофали и дека е изграден автопатот Кичево – Охрид долг 57 километри.

Фото: Принтскрин видео

Но, дали е тоа навистина така? Дали речиси децениската изградба на автопатот е завршена и граѓаните веќе се возат по нова автопатска делница до Охрид?

Реалноста е поинаква. Од автопатот кој почна да се гради пред девет години, во февруари 2014 година, завршена и пуштена за сообраќај под времен режим е само делницата меѓу Требеништа и Охрид  долга 8,5 километри. Впрочем тоа неодамна го кажа и самиот Ковачевски. Пред крајот на годината премиерот, правејќи увид на градежните работи на тунелот Кичево – Охрид, рече дека автопатот Кичево – Охрид е приоритет, дека неговата изградба ќе се интензивира во наредниот период  и тој очекува до крајот на идната година (2023) целосно да завршат градежните работи.

Десната автопатска лента од Требениште кон Охрид е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим освен кај Подмоље каде се одвиваат градежните работи за колекторскиот систем.

Овој пат, мора и ќе добие на динамика затоа што инфраструктурата значи интензивирање не економските релации, и ние мора да вложуваме во патна инфраструктура ако сакаме развој на економијата….

Завршувањето на овој патен правец е приоритет и за Владата но и задача за Министерството за транспорт и врски и за ЈПДП. Очекувам до средината на идната година да се оспособи левата лента за сообраќај со околу 90 отсто, за да можат граѓаните да ја користат, а министерот за транспорт има задача секојдневно да се грижи, да биде фокусиран за да се исполни рокот до крајот на идната година да се завршат целосно градежните работи, кажа тогаш Ковачевски.

На настанот на кој присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заменик-министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми, исто така беше кажано дека се финализираат асфалтерските работи  на тунелот на автопатот Кичево – Охрид, дека се пробиени  95 проценти од трасата, а на терен се работи со над 800 работници и околу 400 -тини машини.

Фото: vlada.mk

Минатиот месец (16.12.2022) на прес-конференција во Владата, министерот за транспорт и врски  Бочварски повторно спомена дека прават напори автопатот Кичево – Охрид, да се заврши во предвидениот рок – 31 декември 2023 година:

Имаме тим од сите ресори од Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта, Агенцијата за имотно-правни односи, Правобранителство, Агенцијата за катастар на недвижности и други кои имаат удел во оваа постапка и работат секојдневно на решавање на сите процедури и потешкотии кои се јавија на терен, но прогресот се одвива сега добро, работите течат и нашиот рок што сме го задале за реализација на овој автопат е непроменет.

Фото: mtc.gov.mk

Автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри се гради речиси една деценија, односно 9 години. Со оглед на тоа што досега се пуштени во употреба само 8,5 километри, произлегува дека во просек, годишно се финализирал само еден километар од автопатот.

Градежните работи на овoj автопат започнаа во февруари 2014 година за време на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и тој требаше да биде готов до 2018 година. Но, изградбата се пролонгираше, а во меѓувреме се смени и власта. Според образложението на надлежните институции, пролонгирањето главно се должи на пропусти во проектирањето. Со анекс на Договорот рокот за изградба најнапред беше продолжен до 30 јуни 2021, а потоа рокот беше повторно пролонгиран за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Според првичните проценки изградбата на автопатот од Кичево до Охрид требаше да чини 374 милиони евра, но по многубројните дополнителни анекси достигна речиси 600 милиони евра.

 

ИЗВОРИ: 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција