Божиновска: Ослободувањето на Вранишковски е мудра и државничка одлука
Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗ), Валентина Божиновска, смета дека одлуката за ослободување на Јован Вранишковски е мудра и државничка и дека таа ќе придонесе за поголемо православно единство:
Мудра и државничка одлука. Едноставно гледам дека тука нема ниту поразен, ниту победник. Ова е само уште еден гест на мудрата политика на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, но и на државните институции, значи на државната политика. И, особено она што е интересно во овој момент, е она што Македонија го прави како еден сериозен имиџ на држава која ги има потпишано сите ратификации за верските права и слободи …
[Извор: Канал 5, 0,1-0,48 сек. во прилогот. Датум: 10.01.2015]
Образложение:
Оваа изјава на Божиновска дадена на 10 јануари 2015 година за една национална телевизија, која ја пренесоа и други медиуми, а ја има и на интернет страницата на КОВЗ, е спорна поради фактот што за случајот Јован Вранишковски има судска одлука.
Имено, на 09.01.2015 година Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 донесе решение за условен отпуст на расчинетиот владика Јован Вранишковски. Аргументите врз основа на кои Судот го донел решението биле дека:
Вранишковски има одлежано повеќе од половина од казната која изнесува 5 години и 5 месеци, неговата здравствената состојба, како и примерното однесување со кое се издвојувал од другите затвореници“
Ваквата одлука, како што стои во соопштението од Судот, е донесена врз основа на предлогот доставен од првиот човек на КПУ Идризово, на 25-ти декември.
На 10.01.2015 година директорот на КПУ Идризово, Живко Пејковски, за Канал 5 изјави дека барањето за условен отпуст
е поднесено пред Нова година заради примерност, поминат поголем дел од издржаната казна – повеќе од половина, како и поради прифаќање на ресоцијализацијата. (од 0,59 до 1,12 минута од прилогот)
На 12 јануари 2015 година за овој случај се произнесе и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое, исто така, смета дека „се исполнети законските услови за примена на условен отпуст за Вранишковски“.
Од друга страна, не може да се апстрахира актуелниот политички миг во кој е донесена одлуката за излегување од затвор на Вранишковски – по посетата на висок претставник на Руската православна црква и и информациите за отворање на можности за обновување на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ. Ниту пак, може да се пренебрегне македонската реалност за селективна правда, пристрасни судски постапки и политички влијанија во судството, критики кои се повторуваат секоја година во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. Меѓутоа, треба да се истакне дека Македонија, според Уставот, е секуларна држава, а трите власти се независни една од друга.
Во таа смисла, во членот 19 став 3 е прецизирано дека „Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот“ , а во членот 8 е наведено дека „владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска“, се сметаат за темелни вредности на уставниот поредок.
Па, иако, е неспорно дека на 22 декември Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (по вонредна седница) , ги повика надлежните власти на Република Македонија да покажат милост пред божиќните празници и да го ослободат од затвор поранешниот митрополит Јован. Сепак, неговото евентуално ослободување се спроведува преку процедура судските институции во државата , односно со решение на Судот и не може да се квалификува како мудар гест на МПЦ-ОА и како државничка одлука.
Линкови:
- Канал 5 (10.01.2015): На барање на директорот на Идризово, Вранишковски излегува од затвор [Пристапено на: 18.01.2015] http://kanal5.com.mk/vesti_detail.asp?ID=58559
- Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗ) (10.01.2015): Изјава на Директорот на КОВЗ проф. д-р Валентина Божиновска за Канал 5 во врска со барањето за ослободување на Вранишковски [Пристапено на: 18.01.2015] http://www.kovz.gov.mk/?ItemID=38FEF162BB77EF47A16C836096A627CE
- А1 ОН (10.01.2015) За Ѓоргиев судот го ослободи Вранишковски, за Божиновска мудра државничка одлука [Пристапено на: 18.01.2015] http://a1on.mk/wordpress/archives/434733
- Основен суд Скопје 1 (09.01.2014): Одлуки на Основниот суд Скопје 1 КОК-УОПК.бр.106/14 [Пристапено на: 18.01.2015] http://www.osskopje1.mk/Odluki.aspx?odluka=3789
- Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (12.01.2015): [Пристапено на: 18.01.2015] http://jorm.gov.mk/?p=1043
- Собрание на Република Македонија : Устав на РМ . [Пристапено на: 18.01.2015] http://www.sobranie.mk/ustav-na-rm.nspx
- МПЦ (22.12.2014): соопштение [Пристапено на: 18.01.2015] http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=6310
- Фактор (22.12.2014): МПЦ од надлежните побара милост за Вранишковски [Пристапено на: 18.01.2015] http://faktor.mk/2014/12/22/mpts-od-nadlezhnite-pobara-milost-za-vranishkovski/
- Фокус (09.01.2015): Вранишковски излегува од затвор, судот донел решение за условен отпуст [Пристапено на: 18.01.2015] http://fokus.mk/vranishkovski-izleguva-od-zatvor-sudot-donel-reshenie-za-usloven-otpust/?utm_source=rss&utm_medium=rss&utm_campaign=vranishkovski-izleguva-od-zatvor-sudot-donel-reshenie-za-usloven-otpust
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар