Бутел не доби нова градинка

Фото: Принтскрин колаж (pxhere.com)

Ветување: Изградба на градинка во Расадник

[Извор: Изборна програма на Велимир Смилевски, градоначалник на Општина Бутел, стр.16: Рок: 2018 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето  на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, за изградба на градинка во населеното место Расадник, е неисполнето. Проектот е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2021 година, насловена како: „Живот во Бутел! За Сите“.

Во програмата на Смилевски се посочува дека вкупната површина на градинката се предвидува да биде околу 500 квадратни метри и дека градбата ќе биде по светски стандарди, енергетски ефикасна, со цел да се оформи квалитетен простор за престој на најмладите.

Градинката овозможува дополнителен простор и капацитети за сместување на најмладите, а на граѓаните од околните урбани заедници ќе им заштеди време и ресурси и ќе можат своите деца да ги запишат во оваа градинка. Ова е крупен капитален проект кој ќе има позитивно влијание како на краток, така и на долг рок. На барање на граѓаните, а во насока на задоволување на потребите на нашите најмлади жители, идната локална власт ќе изгради нова детска градинка во населеното место Расадник. Со изградбата на детската градинка на граѓаните од населеното место Расадник како и од околните населени места ќе им заштеди време и ресурси кои досега ги носеа во подалечните градинки, стои во програмата на Смилевски.

Слободен печат на 13.12.2019 година, една година по наведениот рок во програмата на Смилевски за изградба на градинката во Расадник, во текстот „Што ветија, а што (не)исполнија градоначалниците“, меѓу другото го наведува и овој проект како нереализиран.

Градинка во местото Расадник, адаптација на простор за детска градинка во Љубанци, изградба на поликлиника во Бутел, воведување на парно греење, плоштад во Бутел 1, изградба на водоводна мрежа во селата Љуботен и Љубанци, се дел од ветените, а нереализирани проекти од изборната програма на Велимир Смилевски, пишува Слободен печат.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на 01.09.2020 година реагираа дека градоначалникот Смилевски не го исполнил ветувањето за изградба на нова градинка во местото Расадник.

Денес сме во населено место Расадник на местото каде што 2017 година нашите сограѓани ја слушнаа една од многуте лаги на Велимир Смилевски. Овде требаше да никне една од неколкуте ветени градинки. Овде требаше да се згрижат малите дечиња од општина Бутел. Но за жал нашите сограѓани уште еднаш имаат можност да се уверат во лажните ветувања на СДСМ и Велимир Смилевски, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, пренесе Нетпрес.

На официјалната веб страница на Општина Бутел, не може да се најде никаква информација поврзана со изградбата на градинка во Расадник.

Имајќи го предвид сето ова, како и рокот за изградба на градинка во населеното место Расадник – 2018 година, наведен во програмата на Смилевски, може да се заклучи дека ова негово изборно ветување е неисполнето.

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција