Дабничка Река во Прилеп не е покриена – ниту „ш“ од шеталиштето

Привлечните содржини засега само во компјутерската визуелизација. Фото: Општина Прилеп

Покривање и партерно уредување на Дабничка Река, на потегот од касарната „Мирче Ацев“ до вливот на градската река

Со  овој  проект  е  предвидено  целосно  покривање  на  каналот  на  Дабничка Река, со што ќе се подобри животната средина. Со спојување на двете улици ќе се добие булеварско решение, со зелен појас на средина, модерно енергетски ефикасно осветлување, нови деловни објекти, паркинг простор, детски игралишта и други содржини. (Буџет: 60 милиони денари; Извор на средства: Светска Банка; Рок за реализација: 2013-2014)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Амбициозен проект за покривање на Дабничка Река од потегот кај касарната до вливот на градската река во Прилеп вети Марјан Ристески на 37 и 38 страница од својата изборна програма, со која, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ,  на локалните избори во 2013 година ја бараше довербата на граѓаните на Прилеп за нов, трет, градоначалнички мандат.

Зафатот кој требаше да чини речиси милион евра, предвидуваше целосно покривање, со што би се обезбедиле многу содржини, меѓу кои и шеталиште. Но проектот, како што утврдивме, досега не е реализиран, ниту пак, има елементи кои укажуваат дека е планирано во скоро време да започне неговата реализација. Поради тоа, а со оглед дека до крајот на мандатот на Ристески остануваат уште 3 месеци, што е премногу кус период за да почне и да заврши постапката за покривање на Дабничка Река, ова ветување го оценуваме како неисполнето.

На веб-сајтот на општина Прилеп во делот „Планирани капитални проекти“ е наведен и овој проект (како „Покривање на Дабнички канал“), со компјутерска визуелизација, која прикажува амбициозна замисла. Но, не го наоѓаме меѓу реализираните проекти или проектите што се во тек. И пребарувањето на општинскиот веб-сајт не донесе резултати, односно нема информација дека е нешто преземено за реализацијата на ветувањето на Ристески за покривање на Дабнички канал, односно Дабничка Река.

На 15 декември 2015 година е објавена информација дека се чисти каналот на Дабничка Река, токму на потегот кој би требало да се покрие, што е уште една потврда дека до пред една година работите си остануваат по старо.

Исто така, пребарувањето на интернет и по македонските агрегатори на вести, „Тајм“ и „Грид“ (и за „Дабнички канал“ и за „Дабничка Река“) не нè донесе до информација дека нешто се презема за да се покрие каналот од касарната до вливот во Прилепска река.

И пребарувањето на веб-сајтот на телевизијата „Канал Визија“ и на порталот „10без10“ (и за „Дабнички канал“ и за „Дабничка Река“ – види подолу) не донесе информации дека нешто се презема за исполнување на ветувањето.

Според утврденото, ова предизборно ветување на Марјан Ристески, вброено во капиталните проекти, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција