Дали треба да се вакцинираат бремените жени?

Unsplash
Националната комисија за имунизација за бремените жени и доилките препорачува вакцинација по 14 недела на бременоста. Иако има и лекари кои не препорачуваат вакцинација на бремените жени и на доилките, здравствените власти и светските истражувања советуваат дека во оваа категорија треба да има што поголем број на вакцинирани, пишува Порталб.мк.
Лекарите во нашата земја сe изјаснуваат за своите лични убедувања за ова прашање, но без да дадат конкретни упатства како да се постапи во овие случаи, додека пак надлежните органи му посветуваат многу малку простор на информирањето на јавноста по однос на ова прашање.
Меѓутоа, светските научни истражувања и здравствените власти во земјава препорачуваат задолжителна вакцинација за сите бремени жени и доилки, затоа што последиците од ковид 19 може да бидат потешки кај оваа категорија на граѓани. Бремените жени со ковид 19 се изложени на поголем ризик од хоспитализација или потреба за интензивна нега, кај нив е поголема и можноста за спонтан абортус или предвремено раѓање (пред 37-та недела од бременоста).
Според светските истражувања, вакцинацијата е најдобриот начин за намалување на овие ризици. Во некои делови од светот, вакцинирањето на трудниците е приоритет во борбата против коронавирусот.
Светските препораки за вакцинација на бремените жени и доилките
Светската здравствена организација (СЗО) препорачува бремените жени да се вакцинираат, но секогаш во консултација со матичниот гинеколог.
„Да, бремените жени можат да се вакцинираат против ковид 19, по консултација со нивниот лекар. Засега достапните податоци кои ќе овозможат оценување на безбедноста на вакцините против ковид 19 кај бремените жени се доста ограничени. Но сепак, врз основа на тоа што го знаеме за вакцините кои се аплицираат во светот, нема причина за загриженост. Ниту една од овластените вакцини против ковид 19 не содржи жив вирус, коj пак би можел да претставува ризик во бременоста. Придобивките можат да бидат поголеми за високо ризичните групи на бремени жени, како што се медицинските сестри кои се на првата линија на фронтот, жените кои живеат во зони на висока трансмисија на вирусот и жените со коморбидитети како што е високиот крвен притисок и диабетот, кои го зголемуваат ризикот од тешка форма на болеста” покажуваат податоците на СЗО.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ) апелира до сите млади мајки што побрзо да се вакцинираат. ЦДЦ објавила нови податоци за сигурноста на вакцините против ковид кај бремените жени и препорачува вакцинација на сите лица над 12 годишна возраст.
„ЦДЦ ги охрабрува сите бремени жени или жените кои планираат бременост, како и доилките, да се вакцинираат против ковид 19. Вакцините се сигурни и ефикасни и никогаш порано не било толку потребно да се зголеми вакцинацијата како сега кога се соочуваме со делта сојот кој е многу поинфективен и кој предизвикува една тешка клиничка слика кај бремените невакцинирани жени”, изјави Директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски.
Во најновата студија објавена од ЦДЦ опфатени се 2500 бремени жени вакцинирани во рана бременост, односно во првите 20 недели, и кои се вакцинирани со мРНК вакцина. Стапката на спонтани абортуси се движи од 11-16 проценти на бременостите. Оваа студија покажа дека по примање на првата доза на вакцината против КОВИД-19, стапката на спонтани абортуси била 13 отсто што е во рамки на очекуваната стапка кај општата популација.
Во месец август САД се соочија со висок процент на смртни случаи кај бремените жени како последица од ковид. Податоците од американските институции покажуваат и дека 97% од хоспитализираните бремени жени позитивни на Сарс Ков 2 не биле вакцинирани.
Според последните податоци во САД се вакцинирани над 200,000 бремени жени со една доза на мРНК вакцина (Фајзер или Модерна), без притоа да се регистрираат компликации или несакани ефекти.
Вакцините со Рибонуклеинска киселина (мРНК) употребуваат генетски модифицирана РНК, која ќе генерира протеин кој на безбеден начин ќе предизвика имунолошки одговор.
Вакцинацијата на бремените жени е актуелна тема и во Велика Британија. Тамошните медиуми известуваат дека 1 од 6 пациенти кои се во критична состојба е бремена жена. Надлежните апелираат итно да се вакцинираат сите трудници и дале приоритет на вакцинацијата на оваа категорија на граѓани.
„Можете да се вакцинирате во било која недела од бременоста. Ризиците со кои се соочуваат невакцинираните трудници ако се заразат со ковид 19 покажуваат зошто ве советуваме да го направите тоа што е можно поскоро“, изјави Жаклин Данки Бент, претседател на сојузот на акушерки во НХС во Велика Британија.
Вакцинацијата на бремените жени се смета за приоритетна и во Израел и Белгија.
Што ни советуваат здравствените власти во земјата?
Од Министерството за здравство препорачуваат бремените жени да се вакцинираат по 14-та недела од бременоста со било која вакцина понудена од нашите власти, освен со руската вакцина „Спутник“.
„ На состанокот одржан на 01.06.2021 година, Националната комисија за имунизација даде препорака вакцинацијата против КОВИД-19 кај трудниците да се врши по 14-та недела од бременоста. Во случаи кога лицето ќе забремени по примањето на првата доза на вакцината против КОВИД-19, втората доза треба да се одложи и да се прими по 14-та недела од бременоста. Вакцинацијата кај оваа категорија не е контраиндицирана освен со вакцината Спутник (според упатствата на производителот). Вакцините се безбедни и ефикасни. Вакцините штитат од компликации на болеста предизвикани од вирусот Ковид-19 и смрт“, изјавија од Министерството за здравство на РСМ.
Порталб.мк побара став од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, каде ни беше кажано дека Стручниот колегиум при Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, Комитетот за безбедно мајчинство и Здружението на перинатолози имаат унифицирани препораки за вакцинација против Ковид – 19 за време на бременоста.
Препораките се базирани на студии на светски познати медицински институти и здруженија. Гореспоменатите власти ја поддржуваат вакцинацијата на бремените жени и доилките, во било која фаза, со две дози од мРНК вакцина. Сепак, одлуката за вакцинација е лична одлука на мајката.
„Вакцинацијата против ковид 19 се препорачува за трудниците како и за останатото население. Пред да се изврши вакцинацијата, препорачуваме задолжителна консултација со матичниот гинеколог. За да се постигне соодветно ниво на заштита од Делта сојот, препорачуваме вакцинација против ковид 19 со две дози на вакцината. Првата доза треба да се прими по 14-та недела од бременоста (во четвртиот месец од бременоста), а втората доза 8 недели по примањето на првата доза, но не подоцна од 32-та недела од бременоста (осми месец од бременоста).
Ако пациентката ја прими првата доза од вакцината пред да дознае дека е бремена, втората доза од вакцината препорачуваме повторно да се прими по 8 недели, бидејќи медицинските податоци покажуваат дека вакцината е безбедна и ефикасна во секоја фаза од бременоста и не постојат причини за одложување на примањето на втората доза по 14 недели од бременоста. Вакцинацијата против ковид 19 се препорачува и кај доилките без воопшто да се прекине процесот на доење“, се нагласува во заедничкиот став на УКГА, Комитетот за безбедно мајчинство и Здружението на перинатолози.
Овие власти велат дека несаканите ефекти од вакцинацијата против Ковид-19 во бременоста се благи, не траат долго и се слични на оние на останатата вакцинирана популација. Тие вклучуваат појава на болка и осетливост во пределот на раката од вакцината, главоболка, замор, понекогаш симптоми слични на грип, но понекогаш и зголемување на телесната температура до 38 степени или повисока од тоа. Во случај на треска, се препорачува одмор, внес на доволно течности и употреба на Парацетамол, кој е безбеден за трудниците.
Во РСМ нема податоци колку бремени жени се вакцинирани
Во развиените земји редовна практика е јавноста да се информира со статистички податоци колку граѓани од сите категории се вакцинирани, но надлежните власти кај нас велат дека не можат да дадат податоци за бројот на вакцинирани трудници.
„Што се однесува на препораките за вакцинација на бремените жени не можеме да дадеме информации, а секако сите информации и упатства во врска со вакцините кои се користат кај нас се објавени на официјалната веб-страница ковид19вакцинација.мк“, одговорија од Националниот систем „Мој термин”.
За да дознаеме дали кај нас има случаи на компликации кај бремените жени како резултат на вакцинацијата, ја контактиравме и Агенцијата за лекови и медицински помагала на Република Северна Македонија (МАЛМЕД). Од оваа институција не добивме никаков одговор ниту на е-поштата, ниту на неколку дневните телефонските повици.
Сепак, кај нас има многу млади мајки кои врз основа на препораките на СЗО одлучуваат да се вакцинираат.
„Првата доза ја примив на 19 август, а втората на 10 септември. Одлуката да бидам вакцинирана ја донесов врз основа на препораките на СЗО и во консултација со лекарите во земјава. Се вакцинирав со Фајзер во третиот месец од бременоста. Немав никаква промена и реакција, ниту кај мене, ниту во развојот на бебето“, изјави за Лејла Луши Порталб.мк.
„Големиот број на заразени и мутациите на вирусот ми беа главниот поттик да се вакцинирам. Бев вакцинирана со две дози Фајзер пред моето бебе да наполни 6 месеци и продолжив со доење. Не забележав никаква промена ниту што се однесува до моето здравје, ниту здравјето на мојот син“, изјави Сихана Речи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција