Датумот, реформите и „расипаната плоча“ на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Pixabay

По принципот илјада пати повторена невистина ќе стане вистина, ВМРО-ДПМНЕ не престанува да ја врти тезата дека државата не добила датум за преговори со ЕУ поради немањето реформи и неисполнување на домашните задачи. Наспроти сите поинакви изјави од тие што даваат датум!

 

По принципот илјада пати повторена невистина ќе стане вистина, ВМРО-ДПМНЕ не престанува да ја врти тезата дека државата не добила датум за преговори со ЕУ поради немањето реформи и неисполнување на домашните задачи. Наспроти сите поинакви изјави од тие што даваат датум!

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ уште додека траеше Советот на Европската унија на ниво на министри за надворешни и европски работи, а особено по недобивањето датум, не престанува со тврдењата дека тоа било поради немање реформи, што го оценуваме како извртена вистина, т.е. спин. 

За влез во ЕУ се потребни реформи и многу работа. Заев не го испорача ниту едното, ниту другото.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ-Соопштение/веб – датум: 22.10.2019]

 

„Вистинските“ реформи на СДСМ ја оставија Македонија без датум за преговори.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ-Соопштение/веб – датум: 20.10.2019]

 

Предупредував и пред Преспанскиот договор и после него и пред референдумот и после него и пред промената на уставното име и после тоа дека ако нема реформи во земјата нема да има датум за преговори…Но за жал, поради имиџот на Македонија во ЕУ кој се темели на торби Луј Витон полни со милиони евра ние сме далеку од Европското семејство, истакна Николоски

[Извор: Макпрес – интервју со А. Николовски, датум 21.10.2019]

 

 

Контраспин:

Не постои аналитичар во државата, ниту пак политичар, кој изјавил дека реформите во целото општество се завршени и дека Република Северна Македонија е подготвена да стане членка на ЕУ. Исто така, не постои аналитичар, домашен или странски, ниту пак политичар, кој нема да изнајде еден куп забелешки во дадени области во општество каде што вистинските реформски зафати се на самиот почеток или се само ставени на хартија, како стратегија, долгорочен план, нацрт-закон, итн.

Сепак, не постојат ниту вистински аргументи да се тврди дека немало вистински реформи во ниту една област, ниту, пак, дека државата не ги исполнила бараните услови од Европската унија за да може да биде даден почеток на преговори за пристапување. Наспроти ова, главната опозициска партија, уште од негативните сигнали добиени по минатонеделниот министерски состанок како дел од подготовките за самитот на Унијата, упорно ја пласира во јавноста тезата дека основната причина на недобивањето датум се недоволните реформи или „реформите“, додавајќи на ова и уште една друга причина – криминалот и корупцијата за кој виновници, според ВМРО-ДПМНЕ, се премиерот Заев, неговото семејство и семејните бизниси, високите партиски структури на државни позиции, итн.

Спиновите околу недоволно исполнетите услови и реформи се дотолку поочигледни што немаат ниту една поткрепа во официјалните изјави што доаѓаат од претставниците на ЕУ, било од надвор, било во земјата.

За јавноста да потсетиме уште еднаш на некои од поновите изјави. На пример, изјавата на шефот на делегацијата на ЕУ во РСМ, Самуел Жбогар:

Испорачавте се што беше побарано од вас, го исполнивте вашиот дел. Но во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно, а, за жал, ние повторно го одложивме ова прашање. 

Или на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, која забележувајќи го „извонедниот напредок“ на Македонија и на Албанија со жалење констатира:

Тоа е повеќе од пропуштена шанса, тоа е историска грешка што се надевам дека наскоро ќе биде поправена.

Самиот претседател на Советот на ЕУ, пак, Доналд Туск, исто така, потврдува дека земјата го исполнила својот дел од задачите за добивање датум:

Ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, затоа што вие го завршивте вашиот дел, а ние не!

„Вистиномер“ може да нареди уште еден куп линкови и изјави од европски и домашни политичари и аналитичари, па дури и изјавата од францускиот преседател Емануел Макрон по самитот, но сето тоа е асполутно непотребно трошење простор.

Причината за недобивањето датум не се неисполнетите услови, т.е. немањето реформи доволни за почеток на преговорите. Тие неколкупати беа лоцирани во самата ЕУ, од самите лидери на ЕУ. Оттаму, оценката за ваквите тврдења е извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција