Делницата Подмоље-Охрид пуштена во употреба пред ветениот рок

Фото: ЈП за државни патишта

На почетокот на градежните работи на делницата Подмоље-Охрид, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вети дека активностите на влезот од Охрид ќе бидат завршени до 10 јули. Ова ветување на Бочварски е исполнето, делницата е завршена и пуштена за сообраќај на 5 јули

Ветување: Очекувам по тоа што го разговаравме до 10 јули, дури правиме и притисок и пред тоа да завршат градежните активности во овој дел, за потоа да почнеме со последната фаза поставување на еластични огради и одобрување на времениот режим. Тоа што е важно е дека до 10 јули ќе биде оспособена оваа трака и ќе се вози по овој дел од автопатската делница и сметам дека за ударниот, главен дел од туристичката сезона ќе биде оспособена оваа траса и убеден сум дека тоа е од значење за граѓаните, градот и туризмот и сметам дека сите треба да дадеме поддршка за еден ваков прогрес и работа на терен, рече министерот Бочварски.

 [Извор: OhridNews  – изјава на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски , датум: 16.06.2023]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски дека градежните работи на делницата Подмоље-Охрид ќе бидат завршени до 10 јули и дека овој дел од патот ќе биде приспособен за сообраќај е исполнето.

 Фото: ЈП за државни патишта

На почетокот на градежните работи на оваа делница, министерот Бочварски, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, ветија дека делницата Подмоље-Охрид ќе биде пуштена за сообраќај за ударниот дел од туристичката сезона.

Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта на 5 јули објавија дека е вратена во сообраќај делницата од Подмоље до Охрид за сите возила и градежните активности на овој дел од патниот правец беа завршени пред зададениот рок.

Пред извесно време бевме тука заедно со директорот и ветивме дека ќе ги завршиме градежните работи на овој дел од влезот во Охрид. Денеска сме тука и пред рокот што го најавивме за да се увериме дека активностите се завршени. Од денеска повторно ќе ја вратиме во режим на времен сообраќај делницата од Подмоље до Охрид и ќе овозможиме сообраќајот да се одвива по главната траса. Ветивме дека сè што правиме е во насока на создавање на подобри услови за туристичката сезона, така ќе продолжиме и во наредниот период, изјави министерот Бочварски од Охрид.

Фото: ЈП за државни патишта

Јавното претпријатие за државни патишта објави и фотографии од делницата на нивниот профил на Фејсбук. Информација и фотографии за тоа дека градежните активности на делницата Подмоље-Охрид се завршени и таа е повторно е пуштена за сообраќај, објавија и повеќе медиуми.

Делницата Подмоље – Охрид како дел од автопатот Кичево – Охрид, беше затворена за сообраќај речиси три недели поради градежни активности за изградба на клучка Охрид и истата требаше да биде пуштена до 10 јули. Додека се работеше на оваа делница сообраќајот беше пренасочен по стариот пат Охрид-Струга, каде се создаваа колони возила, што пак, предизвика голема нервоза кај возачите, но и револт кај туристичките работници кои реагираа дека патот се гради токму во време на летната сезона.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Наум Локоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција