Дезинформациите на Балканот за новиот корона вирус „не се предаваат“

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Новиот корона вирус Covid-19 и понатаму е топ-тема во балканските медиуми, а со тоа, и тема на дезинформации кои упорно се шират.

Хрватскиот портал за проверка на фактите и борба против лажните вести faktograf.hr пишува за дезинформација што веќе некое време се шири по онлајн-медиуми и блогови на хрватски јазик, а најново пласирана од порталот IstraIN – дека вакцината против новиот корона вирус е создадена пред да се појави болеста. Дека станува збор за целосна невистина faktograf.hr докажува со цитати од британскиот Национален здравствен систем и од Светската здравствена организација, кои известуваат дека во моментов не постои вакцина за Covid-19 и дека моментално се работи на нејзин развој.

Дезинформациите во босанско-херцеговските медиуми дека новиот корона вирус е веќе присутен во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, пак, беа демаскирани од сервисот за борба против дезинформациите и лажните вести raskrinkavanje.ba.

Телевизијата БН на 21 февруари објавила на својот портал статија со наслов „Korona virus iz Kine stigao u Sarajevo“ (Корона вирусот од Кина стигна во Сараево), а оваа содржина потоа била пренесена на неколку онлајн-медиуми, од кои еден по кратко време ја избришал лажната вест. Во спорниот текст се тврди дека три лица кои неодамна допатувале од Кина во Кантонот Сараево се ставени под здравствен надзор, но никаде не се наведува дека станува збор за заразени лица, односно тврдењето во насловот го нема во текстот.

Сервисот за борба против лажните вести raskrinkavanje.ba потсетува дека во времето кога е објавена спорната вест немало никаква потврда за позитивен наод за корона вирусот кај тројцата пациенти, а за кои неколку дена потоа стасале резултати дека не се заразени.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција