Дезинформациите за корона вирусот го нападнаа и бизнис-секторот

Пандемијата на корона вирусот (и дезинформациите за околу неа) го нападна и бизнис-секторот во Грција, со заведувачки електронски писма, пишува грчкиот сервис за борба против дезинформациите Ellinika Hoaxes.

Во навидум безгрижна порака што се испраќа како електронско писмо, примачите на грчки јазик се предупредуваат дека ако некоја фирма (продавница) мора да ја прекине својата работа поради новиот корона вирус, односно поради болест на персоналот или друга причина, мора испраќачот да го извести пред да го раскине работниот однос на некој работник.

Како што пишува Ellinika Hoaxes, тоа не е легитимна порака, туку лажна, наведувајќи неколку причини зошто примачите не мора да одговорат на неа.

Имено, иако како испраќач првин може да се прочита името на грчкото Министерство за јавно здравје (а легитимното Министерство носи име Министерство за здравство, битно е тоа што е испратено од адреса што завршува на @gmail.com.

Ниту една легитимна јавна институција (дури и приватна компанија) нема да ви пише од адреса на gmail или кој друг било бесплатен сервис. Иако во уводот може да пишува нешто друго, сепак проверете ја точната адреса од какде е испратено, предупредува грчкиот сервис.

Втората причина за алармирање е што во полето за примач, стои само вашата адреса или не стои никакква адреса (што предупредува дека станува збор за циркуларно писмо).

Дополнително, ако писмото е напишано на јазик што не одговара на стандардната граматика, најверојатно е спам, преведен на вашиот јазик со автоматски превод, како Google Translate.

Последно, и најбитно, е што писмото содржи „прилог„ за кој Ви напоменува да го отворите, а тоа е најопасното – оти најверојатно станува збор за „спакуван“ прилог што треба да се отпакува, а тоа носи голема опасност дека станува збор за подметнат злонамерен софтвер, од типот на вирус, тројанец или друга форма на малвер.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција