ДИК потврди дека се сомнителни над 300 илјади гласачи

Фото: Скриншот

 

На 07.04.2016 година, ден по одлуката на Собранието да се распушти, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски одржа прес-конференција на која зборуваше и за прочистувањето на избирачкиот список. Тој рече:

Бројките од 300 илјади и 500 илјади се чиста лага. Сакаат да внесат забуна кај гласачите. Какви 500 илјади, зарем некој верува дека тоа е возможно. Покрај сите набљудувачи јас сум убеден дека никој, ниту СДСМ сами не си веруваат во оваа небулоза.

[Извор: Курир, Датум: 07.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски дека „бројките од 300 илјади и 500 илјади (некозистентни гласачи н.з.) се чиста лага“, со која опозицијата сака да внесе забуна кај гласачите ја оценуваме како недоследна.

Имено, медиумите на 17.03.2016 година информираа дека 495.258 е бројот на спорни гласачи  што го покажала вкрстената проверка на податоци на базата на МВР со податоците од други 10 институции. До податоците е дојдено со вкрстената проверка според методологијата што претходно ја подготви ДИК, но не сите близу половина милион спорни гласачи, кои во извештајот се наведени во табела насловена „лица кои се кандидати за проверка“, се и т.н. фантомски.

Бројот на фиктивни гласачи, кои ги има во базата на МВР, а не се среќаваат во ниту една друга база на податоци е 192.122. Од нив, 102.512, како што пишува во документот, се со валиден документ, а 89.610 се без валиден документ. Дополнително сомнителни се и 30.312 нови полнолетни граѓани.

Поделбата на гласачи со валидни и невалидни документи ја има во вкупната бројка на спорни гласачи, при што од речиси половина милион спорни гласачи кои треба теренски да се проверат – 371.426 се со валиден документ, а 123.832 без валиден документ.

На 19.03.2016 година ДИК едногласно го усвои Извештајот од експертската вкрстена анализа на базата на податоци на МВР со податоците од 10 институции.

Според податоците, сомнителни или неконзистентни се околу 310.000 гласачи.

Како што информираа медиумите, податоците се различни од Извештајот што два дена претходно излезе во јавноста, а кои содржеа безмалку половина милион спорни гласачи. Повеќе членови на Комисијата тоа бил прелиминарен Извештај, во кој споредбата била правена со базата на државјани, а не според базата на МВР, кои се разликуваат за 120.000 лица.

На 17.03.2016 година реагираа и од невладината МОСТ, која 10 години ги следи изборите во Македонија:

Планот за спроведување на вкрстените проверки на податоците во Избирачкиот список беше подготвен од експерти и донесен од ДИК, врз основа на Mетодологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список одобрена од четирите политички партии. Оттаму, ДИК мора да го објави првичниот Извештај од вкрстените проверки онака како што тој е изработен и доставен од експертите, односно без никакви дополнителни интервенции, а неговото усвојување треба да се одвива на јавна седница. Дополнително, ДИК треба веднаш да ги објави критериумите, односно тест-прашањата за спроведувањето на дополнителните проверки кои го менуваат првично донесениот план, како и резултатите кои се очекуваат од нив.

На 20.03.2016 година реагираа и од невладината организација „Цивил“.

Теренска проверка на Избирачкиот список се чини неопходна особено сега, кога резултатите од вкрстената проверка на податоците се фрапантни и претставуваат непријатно изненадување за целата јавност, реагира НВО ЦИВИЛ.

Наспроти почетниот импулс со кој ДИК ги оправда надежите дека, конечно, се работи на вистинско прочистување на Избирачкиот список, со одлуката теренски да се проверат само една третина од спорните гласачи се фрла нова сенка на овој процес. Последната одлука на ДИК за делумна теренска проверка со мали размери, остава сомнеж дека се спасија дел од фантомските гласачи за кои гласно говоревме веќе неколку години. Затоа, ДИК треба да ја преиспита и да донесе одлука која ќе влее доверба во тоа што го прави оваа институција, соопштија од невладината организација.

Од сето ова произлегува дека и ДИК и невладините организации имаат став дека во Избирачкиот список има над 300.000 некозистентни гласачи. Поради тоа изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски дека бројките од 300 илјади и 500 илјади (некозистентни гласачи н.з.) ја оценуваме како недоследна.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од : Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар