Дипломатите не ја прекршиле Виенската конвенција

Иванов на МТВ со непријателска реторика кон меѓународната заедница, Фото: Скриншот

На 14.04.2016 година, во интервјуто за МТВ со новинари – уредници од неколку телевизии (делот цитиран подолу е извадок од дел од интервјуто пренесено на Телма Телевизија), претседателот Ѓорѓе Иванов, критикувајќи ги претставниците на меѓународната заедница дека наводно „ се шетаат по судови и влијаат врз судството“,  меѓу другото, изјави:

…некои од амбасадорите ги пречекорија сите амбасадорски овластувања кои постојат во Виенска конвенција за дипломатија. Не сакаме ние да влагаме во конфликт со тие земји од каде тие амбасадори доаѓаат, но јас пред обраќањето кое го имав пред нив на традиционалното годишно обраќање на дипломатскиот кор им кажав, да внимаваат тоа што го работат да не биде погрешно сфатено.

 [Извор: Телма телевизија – Вести  (16,20 – 17,05  минута од видеото) Датум: 14.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата непријателска  реторика кон меѓународната заедница, во конкретниов случај е и обвинување кон истата за прекршување на меѓународни норми, поточно Виенската конвенција за дипломатија на која упатува претседателот Ѓорѓе Иванов. Истата е невистинита. 

Со продлачувањето на политичката криза, забележлив е критичкиот тон на претседателот  Иванов кон меѓународната заедница во земјата. Овој тон е една нота од апсурдната симфонија на странски служби, терористички напади,  закани за делби на земјата и слични теории на заговор, кои беа спакувани како оправдување на Иванов за Одлуката да помилува низа политичари кои се осомничени за сторени тешки кривични дела.

Доколку детално се прочитаат одредбите од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година која ги регулира дипломатските односи меѓу земјите, нема ниту еден член кој би можел да биде основа за негово непочитување од страна на меѓународната заедница и нејзиниот удел во сегашната констелација во земјата.

Проактивната улога на претставниците на меѓународната заедница е легитимирана со мандатот што го имаат во земјата.

На пример, во случајот на САД, нивната мисија во Македонија, меѓу другото, е поддршка на правната држава и судството особено во борбата против корупција и организиран криминал, поддршка за градење на демократски институции и имплементација на Охридскиот рамковен договор, поддршка за имплементација на реформите неопходни за влез во НАТО и ЕУ. Оттаму и активната улога на дипломатите во следењето на судските процеси особено за борба против корупција.

Во случајот на ЕУ, мандатот за нивно будно следење на сите аспекти од развојот на земјата потекнува од стратешката определба на Македонија за влез во ЕУ. Имено, Делегацијата на ЕУ во земјата не само што ги претставува интересите на унијата и нејзините 28 земји членки туку е строго фокусирана на мониторинг и известување за постапувањето на земјата согласно политичките и економските критериуми за членство во ЕУ. За период од 2007-2013, ЕУ има алоцирано за Македонија неповратна помош од 622,4 милиони евра токму за имплементација на реформите кои би ја довеле земјата до членство во ЕУ. Члнество во ЕУ кон  кое ние се стремиме и е еден од главните стратешки приоритети на земјата.

Она што дополнително го легитимира мандатот на меѓународната заедница во конкретниот кризен контекст, се одредбите од Договорот од Пржино 02.06.2015 година, кои се однесуваат на истата:

  • Во периодот помеѓу јуни и крајот на август 2015 година, ЕУ ќе го фасилитира широкиот партиски дијалог (отворен за сите главни политички партии застапени во парламентот) за постигнување на согласност за сите потребни структурни реформи. Овој договор, меѓу другото, ќе ги вклучува и реформите кои треба да бидат спроведени во поглавјата 23 и 24, организирањето и независноста во работењето на релевантните државни органи, поголема медиумска слобода и целосно усогласување со мислењата и препораките на Венецијанската комисија.

  • Партиите се согласни да ги имплементираат сите препораки од Европската комисија во однос на системските прашања во однос на владеењето на правото. Имплементацијата на овие реформи ќе биде надгледувана и следена во рамките на инклузивен Пристапен дијалог на високо ниво кој ќе ги вклучува главните политички партии и граѓанското општество, а пред објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот во октомври 2015 година.

  • Најдоцна до 31 јули 2015, ќе биде разгледан и изменет составот на Државната изборна комисија. Најдоцна до 30 септември 2015 година Државната изборна комисија ќе добие засилени овластувања со кои ќе обезбеди слободни и фер избори и еднакви услови за настап на изборите за сите партии. Ова, особено, ќе вклучува засилени надзорни овластувања. Сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат имплементирани, вклучувајќи ја тука и ревизијата на избирачкиот список согласно нова методологија која ќе биде договорена. Пред почетокот на следните избори, владата ќе побара засилен продолжен надзор, но и краткотрајна набљудувачка мисија од ОБСЕ/ОДИХР.

Аргументацијата наведена погоре за мандатот на претставници од меѓународната заедница во земјата, а особено во услови на длабока политичка криза ја сведува изјавата на претседателот Иванов на невистина.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција