Доктор Сашко Кедев злоупотребен за реклама на чајот Хипертеа

Фото: Принтскрин ФБ пост

Во објавата чајот невистинито се прикажува како „лек препорачан од доктор Сашко Кедев“. Хипертеа е билна мешавина од пет тревки и не е лек за хипертензија, ниту пак, е регулиран со закон донесен во Собранието специјално за него. Станува збор за производ регулиран во категоријата храна, за кој е надлежна Агенцијата за храна и ветеринарство

Во објавата чајот невистинито се прикажува како „лек препорачан од доктор Сашко Кедев“. Хипертеа е билна мешавина од пет тревки и не е лек за хипертензија, ниту, пак, е регулиран со закон донесен во Собранието специјално за него. Станува збор за производ регулиран во категоријата храна, за кој е надлежна Агенцијата за храна и ветеринарство

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Препаратот е достапен само за жителите на Македонија! Во Македонија се донесе нов закон! Секој пациент со хипертензија може да добие лек кој ја лекува за три дена! Побарувачката е луда…

Кога ќе се пристапи на линкот од објавата, тој води до алатка за четување, а на екранот се појавува фотографија од кардиологот доктор Сашко Кедев и пишува:

Здраво, јас се викам Saško Kedev. Јас сум водечки кардиохирург во Институтот за срце. Добредојдовте на мојот сајт.

Овде обезбедувам бесплатна онлајн дијагностика и давам лични препораки кои им помогнаа на илјадници мои пациенти да се ослободат од хипертензијата и ангиодостонија на церебралните садови.

За да ги добиете моите совети за третман, одговорете на прашања.

Дали имате алергија на храна, лекови, полен или отров од инсекти?

Во објавата чајот Хипертеа невистинито се прикажува како „лек препорачан од доктор Сашко Кедев“. Потоа, граѓаните се упатуваат да ги остават своите лични податоци за да бидат контактирани, и на екранот им се појавува комуникација според која „станале две илјадити клиент на Сашко Кедев и го добиваат „лекот“ за 1.200 денари со попуст“. Овој маркетиншки трик се базира на невистинити информации и ги доведува во заблуда на граѓаните.

Дека станува збор за лажна алатка за комуникација со чија помош е злоупотребено името на доктор Сашко Кедев за продажба, покажува фактот што прашањата на алатката се испишани со мешавина меѓу македонски и англиски јазик, тоа што фонтовите се менуваат, но и тоа што не постои споменатиот „Институт за срце“, ниту пак, Сашко Кедев е кардиохирург туку е кардиолог.

Алатката продолжува да ги убедува корисниците на социјалните мрежи дека имаат „ангиоедема на крвните садови“, односно на опасен начин  лажно ги „дијагностицира“, врз основа на одговорите од прашалникот. Дезинформација е дека тие комуницираат со Сашко Кедев, а комуницираат всушност со едноставен софтвер, креиран да ги натера да ги остават своите податоци.

Потоа невистинито се прикажува дека „доктор Сашко Кедев ви препорачува чај Хипертеа за оваа состојба“.

Со пребарување на сајтот на Собранието, Вистиномер потврди дека воопшто не е донесен никаков закон поврзан со хипертензија и кој овозможува „секој пациент со хипертензија да добие лек кој ја лекува за три дена“, како што тврди објавата. Исто така,  Хипертеа воопшто не е медицинско средство или лек, туку  билна мешавина, односно чај.

Хипертеа е билна мешавина од пет тревки и не е лек за хипертензија, ниту пак, е регулиран со закон донесен во Собранието специјално за него. Станува збор за производ регулиран во С. Македонија во категоријата храна, за кој е надлежна Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

,

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција