Една година во канџите на пандемијата што го смени светот

Фото: pxhere.com

Болеста првпат се појави во градот Вухан во Кина на крајот на 2019 година, а во јануари 2020г. се пренесе во САД и во Европа. На 26 февруари од Кина преку Италија коронавирусот пристигна  во Македонија. Во март, откако епидемијата доби глобални размери, беше прогласена пандемија. Пролетта половина од светот беше во локдаун. За да се запре ширењето на болеста, многу земји воведоа крантин, ги затворија границите, аеродромите – или имаа рестрикции на авионските летови. Во средината на летото стасаа првите охрабрувачки сигнали за развој на вакцината, а во декември стартуваше вакцинацијата во Русија, Велика Британија, САД, Србија и во земјите од Европската Унија. Нашата земја овој процес го најави за средината на февруари

Болеста првпат се појави во градот Вухан во Кина на крајот на 2019 година, а во јануари 2020г. се пренесе во САД и во Европа. На 26 февруари од Кина преку Италија коронавирусот пристигна  во Македонија. Во март, откако епидемијата доби глобални размери, беше прогласена пандемија. Пролетта половина од светот беше во локдаун. За да се запре ширењето на болеста, многу земји воведоа крантин, ги затворија границите, аеродромите – или имаа рестрикции на авионските летови. Во средината на летото стасаа првите охрабрувачки сигнали за развој на вакцината, а во декември стартуваше вакцинацијата во Русија, Велика Британија, САД, Србија и во земјите од Европската Унија. Нашата земја овој процес го најави за средината на февруари

 

 

Кога пред нешто повеќе од една година – на крајот на декември 2019 г., Кина  објави  дека во градот Вухан се забележани изолирани случаи на пневмонија од непознат причинител, светот не очекуваше дека во годината што доаѓаше – 2020, оваа мистеризна болест ќе достигне застрашувачки пандемиски размери. Една година по првиот смртен случај во Вухан (11.01.2020), во светот има над два милиона починати и 92,5 милиони потврдени случаи на ковид-19 (заклучно со 16.01.2021). Aктуелната корона-пандемија несомено е една од најголемите здравствени кризи со кои се соочи човештвото во послените 100 години, после пандемијата на Шпанскиот грип во 1918 – 1920 година од кој се заразиле околу 500 милиони луѓе, а починале 50 милиони лица ширум светот.

 

Како започна и како се рашири оваа глобална катастрофа?

Сè почна од Вухан – кинеската провинција Хубеи, на крајот на 2019 година, кога беа потврдени случаи на болеста кај луѓе кои работеле на пазарот за морски плодови во овој град. Во тоа време се претпоставуваше дека станува збор за вирус од непознат тип кој предизвикува воспаление на белите дробови. Подоцна беше утврдено дека се работи за коронавирусот SARS-CoV-2, кој има животинско потекло, најверојатно од лилјаци кои го пренеле на луѓе, а  дишната – респираторна болест  која ја предизвикува овој вирус е именувана како ковид-19.

Искрата се запали на 31 декември 2019 година, кога кинеските здравствени власти пријавија во Светската здравствена организација (СЗО) кластер од случаи на пневмонија од непознато потекло во Вухан. Заболените имале симптоми на висока температура, треска и тешкотии во дишењето, а заеднички за сите случаи е изложеноста на пазарот за морска храна и диви животни во Вухан, кој набрзо потоа беше затворен – на 1 јануари 2020 година.

Десет дена подоцна – на 11 јануари Кина  го потврди првиот смртен случај од новиот вирус. Станува збор за маж на возраст од 61 година, кој бил редовен купувач на пазарот во Вухан.

Потоа болеста почна да се шири и во други делови на Кина, а се појави и во неколку земји од Азија, но и во Австралија, Европа и Северна Америка. Во Вухан започнаа да се спроведуваат мерки за карантин, а на 25 јануари речиси целата централна провинција Хубеи во Кина е ставена во изолација. До крајот на јануари коронавирусот се рашири  во сите 34 главни региони на Кина.

На 21 јануари 2020 г. во САД беше потврден првиот случај со коронвирус, кај  жител на округот Снохомиш во Вашингтон, кој ги добил симптомите на болеста откако се вратил од патување во регионот на Вухан.

Првите случаи во Европа  се појавија во Франција на 24 јануари 2020 година. Францускиот министер за здравство тогаш објави дека се потврдени првите два случаја на инфекција со новиот коронавирус, првиот пациент е примен во болница во Бордо, а вториот во Париз.

На 30 јануари и во Италија беа потврдени првите случаи на коронавирусот кај двајца кинески туристи на возраст од 66 и 67 години, кои на 23 јануари слетале на аеродромот Милано Малпенза, а потоа го посетиле Рим со туристички автобус. Италијанската влада веднаш ги прекина сите летови до и од Кина и прогласи вонредна состојба.

Истиот ден – 30 јануари Светската здравствена организација прогласи глобална вонредна состојба.

На 21 февруари во Италија беа потврдени шеснаесет други случаи (четиринаесет во Ломбардија, два во Венето), по што инфекцијата ковид-19  збрзано се рашири во Северна Италија, а потоа и во другите делови на земјата.

На 26 февруари, СЗО објави дека бројот на нови случаи со коронавирус во Кина престана да расте, но нагло се зголеми бројот  на случаи во Иран, Италија и Јужна Кореја.

На 9 март, Италија која веќе беше големо жариште на коронавирус во Европа наметна строги мерки со карантин насекаде ширум земјата, ограничувајќи ги патувањата во само нужни, работни и здравствени околности.

Благодарение на патувањата, вирусот се рашири во голем број држави низ светот, па на 11 март Светската здравствена организација прогласи пандемија на ковид-19, тогаш имаше 118.000 заразени во 114 држави, а бројот на починати лица достигна  4.291.

 

COVID-19-outbreak-timeline.gif
Карта за дистрибуција на коронавирусот создадена во март 2020 Извор: mk.wikipedia.org

 

На 13 март генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус  изјави дека:

Европа се наоѓа во епицентарот на пандемијата на ковид-19.

Претседателот на САД, Доналд Трамп на 13 март прогласи вонредна состојба, доделувајќи 50 милијарди долари  за борба против коронавирусот.

На 19 март  во светот има  повеќе од 230.000 случаи на ковид-19 (234.073) и речиси 10.000 починати (9.840). Истиот ден, Италија ја помина Кина во однос на  смртни случаи од коронавирус и изби на „врвот“ по бројот на починати.
На 25 март генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во видеопорака предупреди дека пандемијата на коронавирусот му се заканува на целото човештво.

На 29 март кинеските здравствени власти соопштија дека е запрено ширењето на коронавирусот на територијата на Кина.

Во другите делови од светот, пак, бројот на нови случаи на ковиод-19 забрзано растеше. На 4 април бројот на заразени   на глобално ниво надмина еден милион (1.051.697) и беа регистрирани  56.986 починати. Веќе на крајот на април бројот на заболени се зголеми за трипати, а на починти  четирипати – СЗО објави дека има регистрирано 3. 090. 445 случаи и 217.769 починати. Кон крајот на јуни  во светот имаше над 10 милиони случаи на ковид-19, а бројот на починати од коронавирус во светот надмина половина милион (503.862).

Во текот летото, вирусот почна да се шири во Јужна Америка – особено во Бразил, потоа во Индија и Русија. Бројот на заразени и починати од ковид-19 од ден на ден драстично се зголемуваше и на крајот на август во светот имаше речиси 25 милиони лица заразени и 840.000 починати од корона вирус.

Есента бројките растеа уште повеќе и на 30 октомври се регистрирани речиси 45 милиони случаи и 1,2 милиони починати. Зголемувањето на случаите во овој период, меѓу другото, се должи и на појавата на новиот мутиран вид на коронавирус кој се шири побрзо. На крајот на  2020 година  во светот имаше над 79 милиони заразени со ковид-19 и повеќе од  1,7 милиони починати.

Мапа на случаи со ковид-19 на глобално ниво, заклучно со 16.01.2021
Извор:covid19.who.int

Во моментот кога е правен овој преглед на „Вистиномер“ (16.01.2021), во светот има 92,5 милиони потврдени случаи на ковид-19, а бројот на починати надмина два милиона.

Смртни случаи од ковид-19 во светот
Извор:covid19.who.int

Изминатата тешка година пандемијата со коронавирусот најмногу ги погоди САД,  Индија, Бразил, Русија, Велика Британија, Франција, Италија, Шпанија  и Германија.

Сепак, во светот има и девет земји кои фицијално не пријавиле ниту еден случај на ковид-19. Тоа се Северна Кореја, Туркменистан, Самоа, Кирибати, Сојузните Држави на Микронезија, Тонга, Палау, Тувалу и Науру.
Состојба со ковид-19 во светот  заклучно со 16.01.2021    Извор: who.int

Рестриктивни мерки,  карантин, затворање на граници

Откако епидемијата доби глобални размери, многу земји презедоа строги мерки за да се запре ширењето на болеста,  ги затворија границите, аеродромите – или  воведоа рестрикции на авионските летови. Беа на сила рестриктивни мерки на движење –  локдаун, карантин, полициски час. Беа затворени градинките, училиштата и универзитетите, кафулињата, баровите, рестораните, забавните и трговските центри, библиотеките, верските објекти, а исто така се откажаа и јавните настани. Државните институции, но и приватните компани почна да работат од дома.

На почетокот на мај европските државите почна полека да ги олабавуваат мерките, а од  15 јуни Европската Унија  повторно ги отвори своите внатрешни граници и ја укина контролата воведена поради коронавирусот, овозможувајќи им одново на Европејците слободно движење низ најголемиот дел од територијата на ЕУ.

На 1 јули Европа ги отвори и своите граници кон 15 земји со стабилна епидемиолошка слика. Од балканките земји на оваа листа беа само Србија и Црна Гора, а покрај нив, влез во Европа им беше дозволен и граѓаните на – Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Кина. Ваква можност немаа граѓаните на САД, Бразил и Русија, порди големиот број заразени од ковид-19.

 

Трка за вакцина – кој прв ќе почне со вакцинација?

Средината на јули беше соопштено дека клиничките испитувања на вакцината против ковид-19 на компанијата АстраЗенека, развиена од Универзитетот во Оксфорд, покажале дека таа е во состојба да предизвика имунолошки одговор и антитела, без сериозни несакани ефекти. Ваквите охрабрувачки сигнали за развој на вакцината ги поттикнаа надежите за постепено враќање на животот во нормала.

На 11 август рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е регистрирана вакцината „Спутник V“,  иако за неа не се завршени клиничките тестирања и не се објавени научни испитувања од третата фаза.

Кон средината на ноември американската фармацевтска компанија „Модерна“ објави дека нејзината вакцина против ковид-19 е 94,5 отсто ефикасна, додека „АстраЗенека“ и Оксфорд  информираа дека нивната вакцина покажала ефикасност од 62-90 отсто во зависност од тоа во какви дози се дава.

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус поздравувајќи ги позитивните вести за развој на вакцината против ковид-19 оцени дека  светлоста на крајот од овој долг, мрачен тунел станува сè посилна“.

Фото: freepik.com

Русија на 5 декември прва започна со вакцинација против коронавирусот со нивната вакцина „Спутник V“,  а процесот стартуваше  на клиниките во Москва, каде прво се вакцинираа лица кои се најмногу изложени на ризик од инфекција.

На 8 декември Велика Британија  започна со вакцинирање на своите граѓани против ковид со вакцини произведени од компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“, како прва европска земја што почна со масовна вакцинација на населението

На 11 декември Американската ФДА ја одобри вакцината на „Фајзер/БиоНТек“ за итна употреба, а на 14 декември САД ја почна вакцинацијата со оваа вакцина, а на 21 декември  и со вакцината на „Модерна“.

На 24 декември во Србија  започна вакцинацијата против коронавирусот и тоа за корисниците на домовите за стари лица, а вакцината најпрво ја примија претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, како и министерката за труд, вработување и социјални работи, Дарија Кисиќ Тепавшевиќ и епидемиологот Предраг Кон, за да го охрабрат населението да го стори истото и да докажат дека вакцината е безбедна и ефикасна.

На 27 декември земјите од Европската Унија почнаа со координирана акција за вакцинација против коронавирусот, откако еден ден претходно секоја членка ги доби првите дози од вакцините на  „Фајзер“ и „БиоНтек“. Приоритет имаа ранливите категории односно медицинските лица, постарите граѓани и хронично болните. Стартот на долгоочекуваниот процес на вакцинација претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен, во своето видеообраќање на социјалните мрежи го нарече „трогателен момент на единство“.

Почетокот на вакцинацијата здравствените власти во Република Северна Македонија го најавија за почетокот на февруари. Државата ќе добие 800.000 вакцини против ковид-19, од производителот „Фајзер“. Здравствените власти соопштија дека во директни преговори со овој производител се обезбедени вакцини за цела 2021 година. Првите 5.850 дози вакцини на „Фајзер“ треба да стигнат во февруари, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март и април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди.

 

Коронавирусот преку Италија стаса во Македонија

Од Кина преку Италија коронавирусот на крајот на февруари пристигна и во Македонија. Во земјата првиот случај на ковид-19 беше регистриран  на 26 февруари  кај жена од Скопје на возраст од 50 години, која еден месец  престојувала во Италија, а во државата влегла преку граничниот премин Табановце. Информацијата на прес-конференција ја потврдија тогашниот технички премиер Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и докторот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје. Заразената пациентка била болна две недели и првично се лекувала во италијанска болница, но таму не била тестирана за коронавирус. Непосредно по пристигнувањето во земјава, таа се упатила на Инфективната клиника.

Од почетокот на март интензивно се појавуваат нови случаи на заболени. Првиот кластер во земјата се појави во Општината Центар Жупа и  Дебар. На 6 март беа потврдени  два случаја – брачна двојка од Баланци, Општина Центар Жупа кои се вратиле од Бреша, Италија . По позитивните резултати од тестовите тие биле пренесени на Инфективната клиника.

На 9 март има уште четрири нови случаи, со што бројот на заразени се искачи на седум. Тројца од заболните се  блиски роднини на брачната двојка од Центар Жупа, а едно од заразените лица е  теогашната директорка на Клиниката за кожни болести. Таа една недела претходно се вратила од Италија и наместо во самоизлоација одела на работа (подоцна поради ова беше разрешена од функцијата).

На 10 март Владата донесе одлука  за затворање на сите основни и средни училишта, детски градинки и факултети, забрани одржување на јавни настани и спортски натпревари со  публика и препорача да се избегнува  патување во земјите со најголем број на заразени (Кина, Кореја, Италија, Франција, Германија).

На 11 март беа потврдени уште два случаја, повторно од Дебар, кои биле во контакт со првите случаи во градот. Два дена подоцна – на 13 март,Владата донесе одлука за воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, со зголемено присуство на итните служби и со ангажирање на армијата. Во тој момент во целата држава има 13 потврдени случаи на заразени од коронавирусот, од кои 11 се од регионот на Дебар.

Во наредните неколку денови следеа низа  мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.

На 15 март беа затворени угостителските објекти, трговските центри, а работеа единствно маркетите и аптеките. Наредниот ден – 16 март,  Владата донесе одлука за затаворање на сите гранични премини во земјава и на меѓународниот аеродром „Скопје“за сите летови, освен за државни, воено, карго и медицински хуманитарни летови. Во земјата тогаш имаш регистрирано 23 лица заразени од коронавирус.

На 18 март претседателот Стево Пендаровски, на предлог на техничката влада, прогласи вонредна состојба на територијата на цела држава , што се случи првпат од независноста на државата. При воведувањето на мерката имаше вкупно 35 заболени од коронавирусот.

Од 20 март жариштето на пандемијата се префрлува во главниот град Скопје. На 21 март  беа потврдени и 29 нови случаи на коронавирусот, најмногу во Скопје – 23,  потоа  3 во Штип, 2 во Дебар и 1 во Куманово , со  ова вкупната бројка  на дијагностицирани пациенти  достигна 114 лица.

Наредниот ден Министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција соопшти дека во земјава  е регистриран првиот смртен случај од коронавирус, кај 57-годишна жена од Куманово, каде присуството на вирусот бил утврдено посмртно.

Истиот ден беше воведен полициски час на територијата на целата држава во периодот од 21 часот навечер до 6 наутро. Вкупниот број на заболени тогаш беше 136.

На 23 март Владата донесе одлука да се забрани движењето на младите до 18 години од 21 до 12 часот, а на постарите од 67 години од 11 до 05 часот следниот ден. Забраната за движење за сите граѓани од 21 до 6 часот се замени со ограничување на движењето од 21 до 5 часот, поради метежот во јавниот превоз и потребата на граѓаните да стигнат на работните места во утринските часови.

На 3 април беше воведена целосна забрана за движење на населението во Општина Куманово за време на викендот. При воведувањето на забраната во оваа општина имаше 85 заразени од вирусот, а во земјата беа регистрирани  вкупно 430 случаи на ковид-19 и 12 починати.

На крајот на април  во земјата имаше

регистрирано вкупно 1.465 случаи на ковид-19, оздравеле 738,  имало 650 активни случаи, а починале 77 лица.

Од мај состојбата почнува полека да се смирува, имаше нови случаи, но и поголем број на оздравени, па се намали бројот на активните случаи. На 26 мај од коронавирус беа заразени вкупно 2.039 луѓе, од кои оздравеле 1.470, активни се 450 случаи, а 119 лица починале. 

На 27 мај беше укинат полицискиот час, кој во најголемиот дел од изминатите 66 дена траеше од 19 до 5 часот.

Крива на активни случаи од почетокот на епидемијата
Извор: gdi-sk.maps.arcgis.com

Во јуни почнува да расте бројот на активни случаи сè до почетокот на јули, кога состојбата ќе се стабилизира. Заклучно со 26.07.2020, од вкупно регистриани 10.213 случаи,  како оздравени се евидентирани 5.586 пациенти, активни се 4.161 случај, додека починати се 466 лица. Потоа бројот на активни случаи повторно ќе почне да паѓа и на 30 август од вкупно 14.341 случај,  регистрирани се 11.406 оздравени пациенти,  има 2.332 активни случаја, а 603 се починати.

Трендот на значителен пораст на оздравени пациенти и намалување на бројот на активните случаи ќе се задржи до крајот на септември, кога се регистрирани 18.138 случаи на ковид-19, оздравени се 15.068, има 743 починати, а бројот на активни случаи  е 2.327.  

Приказ на процент на новозаразени на дневно ниво во однос на тестирани
Извор: gdi-sk.maps.arcgis.com

Веќе во октомври се забележува негативен тренд и значително се зголемува бројот на новозаразени, па на крајот на месецот има вкупно  32.436 заболени, оздравени се 21.090, починале 1.004 лица, и има повторно зголемување на активните случаи– регистрирани се 10.342.

Ваквата тенденција на раст на заболените продолжува и во номеври, па на  30 ноември се евидентирани вкупно 62.945 случаи на ковид-19, има 40.188 оздравени, 1.792 починати, а бројот на активни случаи достигна 20.965.

Бројот на новозаболени ќе има нагорен тренд до почетокот на декември, а потоа постепено ќе опаѓа, ќе се намалува и бројот на активни случаи и на крајот на 2020 година тој ќе падне на 19.290.  Тогаш  вкупниот број заразени со коронавирусот во С.Македонија е 83.743, регистрирани се 61.943 оздравени, а починати се 2.510 лица.

Графички приказ на бројот на заболни, излечени и починати од ковид-19 во С. Македонија
Фото:mk.wikipedia.org

Намалувањето на бројот на новозаразени и на активните случаи ќе продолжи и во почетокот на новата (2021) година, па на 16 јануари 2021 г.  се евидентирани 12.635 активни случаи на коронавирус. Во тој момент во земјата има регистрирано вкупно 88.938 заразени, оздравени се 73.601 пациенти, а од почетокот на пандемијата починале 2.702 лица.

Македонија е на врвот по бројот починати споредено со соседните земји. Здравствените власти велат дека се во тек анализите за смртноста на пациентите  кои треба да покажат на што се должи тоа.

Заштитни маски и дистанца

Држењето дистанца, дезинфекцијата на рацете и носењето заштитни маски стана исклучително важно за заштита од овој нов респираторен вирус. Со оглед на тоа што тој се пренесува преку контакт со заболено лице, односно преку неговите респираторни секрети кои се распрскуваат во вид на ситни капки кога заразениот кашла или кива.

Мерките за заштита од коронавирусот, кои ги донесоа здравствените власти во земјава, како и препораките на Светската здравствена организација (СЗО)  јасно сугерираат дека маските се  исклучително важни за заштита за заштита од коронавирустот и за спречување на ширењето на болеста.

Во Северна Македонија обврската за задолжително носење заштитни маски во сите јавни затворени простори како што се: средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори, каде што нема можност за одржување дистанца од два метра, како што се: пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично, се воведе на крајот на април, а стапи на сила од први мај.

Оттогаш за непочитувње на оваа мерка се изрекуваат казни во висина на 20 евра за македонски и за странски државјани. Од 29 октомври носењето на лична заштита на лицето стана задолжително и на отворен простор, откако  Собранието ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болест.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција