Фаик Испахиу: Корумпираните политичари, маскирани како новинари, се главниот извор на лажни вести во Косово

Фото: Фаик Испахиу (во средина) претставува извештај за состојбите со корупцијата во Косово. Фото: kallxo.com

 

Фаик Испахиу e извршен директор на Internews Косово. Дипломирал режија, телевизија, филм, радио и театар и над 20 години работи на супервизија, обука и поддршка на професионално новинарство и развој на слободните и независни медиуми во Косово и во балканскиот регион. Покрај тоа, Фаик е режисер и извршен продуцент на најгледаните дебати „Живот во Косово“, „Правда во Косово“ и „Интерњус Косово“, како и на дебатите со наслов „ТЕМА“ – првата телевизиска дебатна емисија, која се фокусира на дијалогот меѓу Косово и Србија. Основач е и на „Крипомет“, каде се врши проверка на факти во изјавите на политичарите, како и на косовската секција на Балканската истражувачка и репортерска мрежа (БИРН). Сите овие содржини се објавуваат на порталот kallxo.com, што на граѓаните им овозможува да дојавуваат случаи на корупција и судир на интереси кај јавните службеници. Со Испахиу разговараме на тема за состојбите со дезинформациите во Косово и во регионот.

 

Дали косовската јавност може да ги препознае лажните вести и колку често ги има во вашите медиуми?

Образовниот систем на Косово не гарантира изградба на критичко мислење кај читателите, вклучително и читателите на вести и информации.

На почетокот на демократијата, во раните 90-ти години, главните заедници што живееја во Косово беа постојано бомбардирани со лажни вести од една страна, без да можат да добијат информации од другата страна.

Ова создаде ситуација кога сите информации за настаните имаа две вистини: една произведена од албанските медиуми, кои во тоа време работеа речиси илегално, а често и во соработка со веродостојни западни медиуми (BBC, DW, RFE, CNN, итн.) и другата „вистина“ од државните медиуми контролирани од Милошевиќ.

Културата на невистинитоста продолжи дури и по последната војна на Косово, кога фокусот се префрли на весниците и на политичките медиуми кои известуваат пристрасно за партиите кои ги финансираа.

Не придржувајќи се до новинарските стандарди, медиумите поврзани со политиката достигнаа рекордна продажба и милионски финансии од бизниси поврзани со политика, со радикални групи и државни агенди надвор од Косово што се обидуваат да ја превртат историјата и минатото.

Во отсуство на образовен систем што ќе ја едуцира јавноста, како и во отсуство на средства за поддршка на професионалното новинарство, лажната и нарачана шема на вести е пренесена од весницитe, телевизиите, радијата, до порталите и онлајн таблоидите, кои, произведувајќи лажни и непотврдени информации, создадоа милион следбеници кои иницијално ги консумираат и им веруваат на овие информации.

Во текот на 2018 и 2019 година, kallxo.com има спроведено десетици обуки за студенти по новинарство и други факултети во Косово и, исто така, за новинари кои веќе ја практикуваат оваа професија.

Врз основа на комуникацијата со студентите и новинарите за време на овие обуки, можам да кажам дека им недостасува соодветна способност да ги идентификуваат и откриваат лажните вести, немаат неопходно знаење за да ја проверат и тестираат автентичноста на информациите, а особено немаат познавање на механизмите што може да се искористи за борба против лажни вести, кои се движат од механизми за саморегулација, како што се СПК (Советот за печат на Косово), регулатори како НКМ (Независна комисија за медиуми) или правно знаење за покренување тужби за клевета во судовите на земјата.

Во текот на минатата годината, постои тенденција да се користат лажни вести и нивните наративи за борба против медиумите и веродостојното известување преку кампањи кои вистинските вести ги оценуваат како лажни. Најчестите случаи беа поврзани со претседателот Хашим Тачи, кој јавно, вестите за неговите политички агенди ги нарече како лажни.

 

Кои се главните извори на лажните вести?

Политичарите, оние со бизнис интереси, групи што провоцираат и предизвикуваат меѓуетнички кризи и омраза кон одредени групи, оние кои предизвикуваат кризи во врска со историскиот идентитет; кампањи и вести финансирани од радикални групи, особено од политичкиот ислам.

Избегнувајќи го критичкото однесување на новинарите и веродостојните медиуми, политичарите се кријат зад објавите на социјалните медиуми, главно на Фејсбук, создавајќи простор за погрешно претставување и отстапување од вистината и одговорност пред јавноста.

Избегнувајќи конфронтација со веродостојни новинари, се создаде нова форма на пристрасна и еднострана комуникација, која подоцна го отвори патот за лажни профили или дури и лажни профили на познати личности кои, исто како политичарите зад Фејсбук, објавуваат лаги и полувистини и преку лажни новинари шират лажни вести преку онлајн таблоиди и телевизии кои им служат на одредени групи за интереси, било тоа политички, економски или финансиски.

Голем број на вакви таблоиди преку Интернет и инстант слугински телевизии беа финансирани преку владини организации и јавни претпријатија, наводно, во име на маркетинг или промоција за јавен интерес, но под целосна контрола на одредени политички кругови.

Отпрвин, овие медиуми кои штитат тесни интереси ја привлекуваат публиката преку објавување еротски содржини, украдени фотографии и видео материјали од интернет, а потоа започнуваат да ја играат улогата на „кредибилен известувач“ на кој јавноста треба да му верува, затоа што во меѓувреме е создадена инерција за консумирање на нивните содржини.

Политичарите многу им помогнаа на овој вид известувачи и послушни медиуми, појавувајќи се на нив, давајќи им удобни (а не ретко и промотивни) интервјуа за симулирање на кредибилитетот и довербата.

 

Кои се главните теми на лажните вести?

Темите се различни. Во политиката, лажните вести се насочени кон кандидати кои се прогласени за соработници на странски разузнавачи и лица кои работат против национални интереси, главна тема на лажни вести е штетата на кредибилитетот на трговските марки, особено квалитетот на храната и лажните вести за ризик од труење или оштетување на купените производи. Кај меѓуетничките кризи, лажните вести постојано се користат за да се одвлече вниманието на јавноста од големите владини скандали.

Лажните вести, на пример како оние во текот на целата година за северна Митровица се користат за замолчување на големи дебати за корупција и криминал, иницирани во континуитет од малиот број на веродостојни медиуми и новинари во земјата;

Косово продолжува да се соочува со лажни вести за нејзиниот историски идентитет и минатото, особено со вестите што го поврзуваат минатото на земјата со Отоманската Империја. Идентификувани се и голем број лажни вести поврзани со религијата и промовирањето на религиозниот и политичкиот радикализам, особено исламскиот.

Значи, не може да се издвои една единствена тема што би била поврзана со лажните вести. Во принцип, целиот дискурс на „лажни вести“ е конструиран како паралела на реалната состојба, како искривување на вистината и како намерна заблуда –  да се избегнат дневните предизвици,  за да може да се надмине секоја потенцијална предизвикана криза за кога јавноста бара одговорност и точни информации за состојбите, процесите и развојот и секогаш кога ќе се има обиди да се избегнат одговорностите, без оглед дали се дисциплински или кривични.

 

Кој беа лажните вести за време на предизборната кампања на Косово и дали тоа имаше влијание кај гласачите?

Најчестите вести кои беа идентификувани за време на изборната кампања се поврзани со линчување на политичарите како соработници на Србија, обидувајќи се да ги прогласат луѓе со врски со странски разузнавачки служби.

Други лажни вести се забележани во креативната продукција на лажни инфографици кои требаше да ги покажат сметките на политичарите во земји како Кипар или Панама.

Како нова форма на лажни вести во ова кампања беше ангажирањето на платени „аналитичари“ за пофалби за одредени политичари или дури и кратки видео изјави на аналитичари извадени од контекст со наслови како „Аналитичарите сакаат да се гласа за овој или оној политичар“. Оваа вест влијаеше врз гласачите, особено кај слабо едуцираните општествени групи.

Повеќето политички партии имаат голем број лажни профили кои им служеа за лажни вести, кои често завршуваа во новосоздадените инстант медиуми. Ова е добро осмислен и добро организирана мрежа за создавање збунетост и напад врз политичките опоненти. Во отсуство на точна статистика, се чини дека Вјоса Османи од ДСК била цел на најголем број лажни вести на социјалните медиуми. Не затоа што се чини дека партиите Самоопределување и ДПК имаа најорганизирано присуство на интернет, туку и затоа што г-ѓа Османи, како жена, се сметаше дека може полесно да се нападне и е „поранлива“.

 

Дали има конкретни закони поврзани со користење говор на омраза или клевети и навреди кај лажните вести во Косово? 

Постојат неколку механизми во Косово кои се одговорни за борба против лажните вести и заштита на правата на граѓаните кога имаат претрпено штета од лажните содржини на медиумите или индивидуалните објавувања.

Првично, Косово има Закон против клевета и навреда што ги штити сите граѓани од клевета, навреди и содржини со говор на омраза. За остварување на правата предвидени со овој закон, граѓаните мора да поднесат тужба за клевета и навреда до надлежните судови и да бараат судска заштита. Овој закон е доста напреден и истовремено овозможува привремено и итно повлекување на клеветата и навредливата содржина се до расчистување на случајот со цел да се минимизира ефектот на клеветаа или навредливата вест.

Покрај судските можности, Косово има и Независна комисија за медиуми (НКМ) како орган надлежен за лиценцирање и надзор на медиумите ако нивното однесување го крши Кодексот на однесување за давателите на услуги за визуелни и аудио услуги.

НКМ е одговорна за следење на содржината на емитувањата на националните телевизии и радија. НКМ е надлежна за следење на содржините на телевизиите и радио станиците во земјата.

Во случаите кога НКМ по службена должност или жалбите на странките сметаат дека содржината е во спротивност со Кодексот, може да наметне казни од 1.000 до 100.000 евра на телевизиите и радио станиците и може да им ја повлече и лиценцата.

За разлика од НКМ, кое е тело основано со закон и чии одлуки се обврзувачки и извршни, Советот за печат на Косово (СПК) е саморегулативно тело, чиј одбор е составен од претставници на медиуми што се среќаваат еднаш месечно и се справуваат со жалби за објавените содржини во печатените и онлајн медиумите. Одлуките на СПК не се обврзувачки за страните, но можат да послужат како доказ во судски случај кога се поднесува тужба за клевета и навреда.

Во врска со лажните вести кои содржат елементи на говор на омраза, покрај кодексот на однесување, ваквите дела може да претставуваат и прекршоци што се санкционирани со Кривичниот законик на Република Косово за кривични дела кои според службена должност се гонат од обвинителството. Промовирањето на омраза е кривично дело и во случаи каков што беше тој кога лажна вест за припадничка на ромската заедница предизвика јавно насилство врз неа. Започнати се истраги и се уапсени осомничени лица за дистрибуција на овие материјали. Иако правната основа во земјата гарантира правна заштита од лажни вести, клевета и навреда, утврдени се бројни проблеми во косовскиот судски систем. Десетици тужби за клевета со години чекаат судски решенија, а не е воспоставен принцип за навремени и правосилни пресуди кај предметите.

 

Разговорот го водеше: Дрилон Салиу

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.