Фекалната канализација во Усје е во тек на изградба

Дел од трасата за фекалната канализација во Усје. Фото: Општина К.Вода/веб

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски за локалните избори (октомври 2017 г.), меѓу другото, вети и изградба на фекална канализација во населбата Усје. Ветувањето за изградба на овој инфраструктурен проект е во тек на реализација.

Во предизборната програма за локалните избори во 2017 година, сегашниот градоначалник Филип Темелковски им ветил на граѓаните инфраструктурен проект поврзан со изградба на канализациска мрежа за населба во рамки на општината:

Преку овој проект за кој се обврзува идната локална власт на СДСМ во Општина Кисела Вода ќе биде решен проблемот на жителите од Усје во однос на потребата од изградба на фекална канализациска мрежа. Недозволиво е во 21 век во нашиот град и општина да има делови во кои сè уште постојат септички јами, а тие делови да се наоѓаат на само 3 км од центарот на градот. Таква е ситуацијата и во населбата Усје, во која со овој проект таквиот проблем ќе биде решен. (Рок: 2021 година)

[Извор: Живот за сите во Кисела Вода/Ф.Темелковски (стр. 25) – датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување може да се смета за сериозен и еден од клучни инфраструктурни проекти за една од населбите во Општина Кисела Вода, затоа што, како што и самиот кандидат за градоначалник запишал во 2017 година, „недозволиво е во 21 век во нашиот град и општина да има делови во кои сè уште постојат септички јами“ како решение за отпадните води.

Од истражување на јавно достапните извори за реализацијата на ова ветување може да се утврди дека е во тек, а деталите покажаа дека на него почнало да се работи во текот на минатата, 2020 година.

На веб-порталот на Општина Кисела Вода во мај 2020 година е објавено дека Општината го потпишала договорот со фирма што ќе го изведува и дека со тоа отпочнува изградбата на секундарната фекална канализација во селото Усје.

Согласно изготвениот проект, се работи за седум крака фекален систем со профили на цевки Ф500, Ф250 И Ф300, согласно хидротехничките услови за приклучување и конфигурацијата на теренот. Ова ќе значи решение на околу 1500 жители на овој дел од Кисела Вода, кои години наназад имаат проблеми поради непостоење на систем за одведување на отпадните води. Средствата за реализација на целокупниот проект ги обезбеди Општина Кисела Вода – се наведува во објавената информација.

Исто така, може да се прочита дека ветениот рок за изведување на работите бил осум месеци, т.е дека градежните работи требало да завршат некаде до крајот на 2020 година.

На 9-ти јули 2020 година работите веќе биле во тек и биле завршени околу 200 метри од предвидената првична должина на трасата низ која ќе биде поставена мрежата:

На канализационата мрежа која се гради на седум крака со вкупна должина од 2986 метри, досега од почетокот на изградбата завршени се 180 метри – се наведува од Општината.

Промена на проектот, додадени нови корисници

Сепак, на 13 јануари 2021 година, е објавена нова информација на општинскиот веб-портал, за тоа дека изградбата продолжува и дека во проектот биле додадени нови приклучоци за нови корисници, со што е зголемена и должината на главниот канал за канализацијата од близу 3 километри за уште 300 метри. Во објавата се наведува:

По барање на граѓаните првично проектираната траса во должина од 2.986 метри, ја зголемивме со изградба на дополнителни 275 метри со што бенефит ќе имаат дополнителни 20 семејства.

На Фејсбук страницата на градоначалникот Темелковски во април може да се најдат нови информации за овој проект. Имено, тој информирајќи ги граѓаните за средба што ја планира со нив на 15-ти април, соопштува дека дошло до ново зголемување на трасата за уште над 200 метри, дека сега вкупната должина изнесува 3,5 километри, а дека инвестицијата е околу 30 милиони денари од страна на Општината, но и дека  како локална власт се соочуваат со проблеми со експропријација на приватно земјиште каде што треба да минува трасата. Еве дел од тие информации што ги пласира Темелковски:

Во Усје градиме канализациска мрежа во должина од повеќе од 3.500 метри, а во вредност од 30.000.000 денари…

Сега кога работите се во тек се соочуваме со поинакви предизвици и проблеми на терен и изнаоѓањето на заедничко, прифатливо и остварливо решение ќе биде тема на дискусијата…

И од коментарот постиран по средбата со граѓаните, а во истата објава се појаснува дел од проблемот:

Еве да појаснам за сите кои се засегнати што се договоривме на средбата. И јас би сакал работите да се одвиваат со забрзана динамика, но за жал се појавуваат разни пречки кои се надвор од влијанието на општината и изведувачите. Ја изведуваме главната мрежа, приклучокот на улица 4 е технички неизводлив, односно неопходно е да поминува низ приватен имот. Се надевам дека во скоро време ќе наидеме на разбирање кај сопствениците и ќе бидеме во можност да го поврземе и овој крак. Во однос на асфалтирањето на улиците ќе треба да почекаме да завршат работите во целост и да се изведат сите приклучоци, па после да ќе се асфалтираат улиците за да се спречи повторно прекопување и повторно незадоволство.

Од овие информации што се пласирани на јавно достапните извори може да се оцени дека ветувањето за изградба на фекална канализација во Општина Кисела Вода, во населбата Усје, е во тек на реализација.

Решавањето на овој проблем е започнато во 2020 година и иако според првичните најави требало да биде завршено до крајот на годината, сепак тоа не се случи. Според информациите објавени на веб-страницата на општината, со изградбата се доцни поради тоа што има зголемување на приклучоците во текот на самата изградба, а се јавиле и непредвидени работи од типот на дозвола за минување на главниот вод низ приватно земјиште. Според рокот предвиден во изборната програма, Темелковски треба да го заврши проектот во оваа 2021 година. „Вистиномер“ ќе го следи ова ветување и ако дојде до завршување на проектот, ќе се направи нова оценка на реализацијата на ова ветување.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција