Филипче прво даде рок, а сега не знае кога ќе стигне лекот „калидеко“

Фото: Принтскрин видео

Наспроти тоа што министерот Филипче првично даде конкретен рок кога треба да стигне лекот „калидеко“ во земјава – 09.07.2021, сепак, досега овој лек сè уште не е пристигнат. Причината за доцнењето, како што објасни Филипче, лежи во „процедурите“. Тој уверува дека лекот ќе стаса, но овојпат не дава прецизен датум. Според тоа, неговата изјава дека лекот којшто им е неопходен на лицата болни од цистична фиброза, ќе стигне до 09.07.2021. ја сметме за недоследна.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на 02.07.2021 година (петок), изјави дека лекот „калидеко“, кој им е неопходен на лицата болни од цистична фиброза, ќе стигне до 09.07.2021.

Почната е постапката и лекот треба да стигне следната недела. И тоа е причина зошто има една пауза во лекувањето, инаку ние го обезбедивме лекот по навистина долг период затоа што за тој лек имаше потреба, изјави министерот Филипче.

 [Извор: Телма, Датum: 02.07.2021]

Изјавата на Филипче може да се слушне и во видеото, почнувајќи од 1:24 минути.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Лекот „калидеко“ за пациентите со тешка форма на цистична фиброза беше набавен за првпат во април годинава, но само за два месеца, со цел да се тестира неговата ефикасност. Лекот се покажа доста ефикасен. Откако трите пациентки со тешка форма на болеста, за кои всушност беше наменет лекот, останаа без него, тие јавно преку медиумите, на 02.07.2021 година апелираа тој да биде набавен, бидејќи, како што посочија, без овој лек состојбата им е многу полоша и не можат да функционираат самостојно.

Министерот за здравство, Венко Филипче, истиот ден, најави (1:24 минута од видеото) дека лекот ќе стигне следната недела, до 09.07.2021 година.

На 06.07.2021 година, како што пренесе ММС, Филипче повторно изјави дека очекува лекот „калидеко“ да стигне до крајот на неделата, односно до 09.07.2021.

Од секторот за ретки болести вчера пробаа да комуницираат со добавувачите. Вчера не одговорија, денеска очекуваме да ни кажат. Лекот треба да стигне од Велика Британија. Пробавме преку меил да искомуницираме за да се прати лекот и да стигне по ДХЛ што поскоро, а во МАЛМЕД да направат постапка за одобрување за пуштање на лекот во промет и покрај тоа што официјално постапката не е завршена. Сега имаме и административна пречка ама ќе ја надминеме, истакна Филипче.

Тој, како што кажа, веќе разговарал со директорот Лирим Шабани, кој рекол рече дека ќе излезат во пресрет.

На 09.07.2021 година, како што јави ТВ21, лекот „калидеко“ сè уште не беше пристигнат.

Беше ветено за оваа недела, меѓутоа лекот Калидеко за трите пациентки со цистична фиброза сè уште не е пристигнат. Министерот Филипче вети дека до овој петок лекот треба да биде на располагање за трите девојки со оваа ретка болест. Тој рече дека доцнат процедурите и дека нема информации кога овие пациенти ќе ја добијат терапијата, бидејќи чекаат веќе долго време.

На 30.07.2021, министерот Филипче во одговор на пратеничко прашање на пратеникот Кирил Пецаков од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за двомесечното доцнење на лекот „калидеко“, рече дека се надева оти за кратко време тој ќе стигне во нашата држава.

Тој лек е за деца со цистична фиброза, кои имаат специфична генетска мутација. Лекот не може да им се даде на сите со таква болест, туку се идентификуваа три деца на кои и им се даде терапијата. Тој лек претходно го немаше во нашата земја. Стручниот тим на Клиниката за педијатрија имаше задача да го евалуира ефектот од лекот. Видовме дека тој навистина има ефект и го внесовме во нашата програма. Тоа е тој период, во кој сега чекаме да заврши процедурата. Беше најавено дека ќе пристигне. За жал, роковите се одолговлекуваат. Јас сум речиси секојдневно во комуникација со членовите на семејствата на децата и мислам дека за навистина кратко време ќе стигне во нашата држава, со што децата ќе продолжат со терапијата, која првпат ја добија, а која навистина им е потребна, објасни министерот Филипче.

 

На дополнително прашање на Пецаков, кога точно ќе стигне лекот, министерот рече дека следната недела треба да заврши целата постапка.

 Нас ни беше најавено од компанијата, која е единствена што го произведува лекот, дека ќе стигне тогаш кога кажавме. Верувам дека ќе биде следната недела. Но, не сакам повторно да се потпрам на нивните најави, затоа не кажувам точен датум, изјави министерот за здравство.

Па, наспроти тоа што министерот Филипче првично даде конкретен рок кога треба да стигне лекот „калидеко“ во земјава – 09.07.2021, сепак, досега овој лек сè уште не е пристигнат. Причината за доцнењето, како што објасни Филипче, лежи во „процедурите“. Тој уверува дека лекот ќе стаса, но овојпат не дава прецизен датум. Според тоа, неговата изјава дека лекот којшто им е неопходен на лицата болни од цистична фиброза, ќе стигне до 09.07.2021. ја сметме за недоследна.

 

Оцени: Ана Анатасовска

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција